Филм: Ах, љубов моја
Позната пејачка се враќа во Македонија по успешна турнеја во Турција и доживува неверојатни и урнебесни пресврти во својот живот
Режија: Коле Ангеловски
Улоги: Нина Деан, Атанас Атанасовски, Александар Микиќ, Марија Кондовска, Соња Стамболџиоска
Времетраење: 110 минути
Премиера: 27 април 2017
Јазик: англиски
Жанр: комедија, романса
Наша оценка: 8/10
Ваша оценка:
Да почнеме со единствената критика за овој филм, за да завршиме веднаш со неа и побрзо да преминеме на големиот број позитивности. Со оглед на тоа што станува збор за филмска адаптација на добро позната македонска претстава (со истото име), може силно да се почувствува духот на театарот – што не е лошо само по себе, но на моменти сцените не се доволно разработени за филмското платно и се чувствува празнина, како да не е дораскажана целата приказна. Тоа ѝ овозможува простор на нашата фантазија да ги пополни дупките, но најчесто тоа што ќе го замислиме не соодветствува со следната сцена, па се чувствува губење на текот на приказната. Исто така самите актери, кои се познати по своите брилијантни театарски перформанси, на моменти делуваат како да се на театарска сцена, а не на филмско платно, па се премногу гласни и со тоа малку се нарушува уживањето во комичните сцени.
А сега, да преминеме на причините зошто дефинитивно треба да го погледнете овој филм! Најпрво, приказната е толку комична, што на моменти целата кино сала ечеше од смеа. Дел од сцените се толку добро смислени, што очите постојано ќе ви солзат, а стомачните ќе ве болат дури и следниот ден од громогласното смеење. Актерот што според нас најмногу се издвои во оваа приказна е Атанас Атанасовски со својот лик Селпин. Тој е толку талентиран што слободно може да стои рамо до рамо со дел од најпознатите холивудски ѕвезди. Што се однесува до самите ликови, најмногу ни се допадна директорот на хотелот (Крсте Јовановски) и мора да признаеме дека сакавме да го видиме во многу повеќе сцени. Неговото необично „психолошко нарушување“ беше причината за најголемиот број насмевки за време на траењето на филмот и започнување забавни теми на разговор по завршувањето.
Уште една многу позитивна страна е тоа што приказната не обработува никакви политички теми или тешки историски настани, што е специфично за нашите филмови, па ни доаѓа како пријатно освежување и одлично кратко бегство од секојдневието. Вие ќе имате шанса да погледнете дел од добро познатите македонски дестинации во поинакво светло и откако ќе завршите со гледање на филмот, веќе никогаш нема да ги гледате со истите очи. Едноставно нема да можете да помислите на ресторанот Роџер Пијано без да се потсетите на описите на Мариче (Кристина Ласова) за совршениот сопруг, да прошетате низ плоштад без да го гледате Селпин како тажно се движи во ноќта или пак, да го посетите хотелот Радика без да ве насмеат средбите помеѓу Сузан (Нина Деан), Александар Микиќ (Курчубиќ) и Ѓорче (Ердоан Максут)! Накратко, не само што филмот ќе ве расположи и насмее, туку и ќе си најде удобно место во вашето срце!