Друштвена мрежа (The Social Network)
Филм за тоа како е да се гази по лешови за да се изгради мултимилионски бизнис, но и за онаа мала (сé уште постојна) трошка на совест. Каков човек треба да бидеш за да станеш најмладиот милијардер во светот?
Режија: Дејвид Финчер
Сценарио: Арон Соркин
Главни улоги: Џеси Ајсенберг, Ендрју Гарфилд, Џастин Тимберлејк
Жанр: драма
Времетраење: 120 минути
Премиера: 1 октомври 2010
Јазик: англиски
Наша оценка: 9/10
___________________________________________________________________________________________
Марк Зукерберг е претенциозно копиле кое не знае нормално да комуницира со луѓе освен ако не се во чет-прозорче. Но, Марк Зукерберг е и основач на социјалната мрежа Фејсбук и милијардер, а има само 26 години. Најверојатно, мора во исто време да бидеш и двете за да го поминеш патот до мултимилионски бизнис? Кеш, слава, почит, но и одлуки од типот дали да го оставиш на цедило најдобриот пријател, дали да украдеш нечија идеја, дали да играш валкано. И пак мора да бидеш толку самозадоволен за на крајот на денот да се погледнеш во огледало и да го сакаш тоа што го гледаш. Што е вистина, а што е лага во овој филм? Не си даваме за право да судиме. Сепак, и покрај сé, приказната те фаќа веќе во првите 5 минути и никако да те пушти. А таков филм, независно за кого е направен, секогаш вреди да се види.
___________________________________________________________________________________________
Приказна: Фокусот на филмот е правното сослушување на Марк Зукерберг, на луѓето кои велат дека идејата за Фејсбук е нивна и на неговиот најдобар пријател Едуардо Саверин со кого го почнале бизнисот. Преку нивните искази, приказната оди уште од почетокот на целата историја кога Фејсбук не им бил ни на крај памет, а Зукенберг бил студент на „Харвард“. Филмот е преполн со остар саркастичен хумор, со динамични дијалози… Да, вака кажаната приказна звучи целосно неатрактивно – ех, па кој би сакал да гледа филм за правно сослушување? Иако станува збор за големи пари, ниту еден живот не е загрозен. Сепак, впечатокот е дека „Друштвена мрежа“ посилно го катапултира адреналинот и од повеќето акциони филмови.Кинематографија: Кога ќе го видите филмското си-ви на Друштвена мрежа – режисерот Финчер ги потпишал и филмовите „Седум“, „Чудниот случај на Бенџамин Батон“, а сценаристот Соркин го напишал и „Неколку добри луѓе“, грешки би биле непростливи. Брзи кадри и приказна, феноменални актерски остварувања (буквално ниту еден актер не ја утна работата)… Интересно е што приказната е проследена со исклучително динамична музика, што на почетокот е малку смешно (па, добро, не е толку напната приказната за таа музика), но како што навлегуваш, сфаќаш дека посоодветна музика не може да се најде. Го засилува филмското случување за 100 степени.Кога и како да го гледате? Да го имавме во некое од нашите кина, ќе ви кажев да го погледнете таму, но како и секој блокбастер така и овој нé заобиколи, па воопшто и не е потребно да давам некаков коментар – едноставно ќе морате да го проследите дома. Секако, навечер и со изгаснати светла. Филмот е доволно интересен и сленговски кажано „ве вози“, така што можете да го гледате и подоцна во ноќта, верувајте, нема да заспиете. Иако глумат само момчиња, и тоа некои од моментално најсексапилните на планетата како Џастин Тимберлејк, сепак, приказната во Друштвена мрежа е и машка и женска така што може да го гледате во секаква комбинација – со пријатели, со девојка/момче, сами…
Мене филмот не ми се бендиса баш, ама ми се допаднаа браќата близнаци 🙂