Дневник на румот (The Rum Diary)
Автор: Петар Џајковски
Една доза бес. Една доза правда. Три дози рум. Промешај добро!
Автор: Хантер С. Томсон
Адаптација и режија: Брус Робинсон
Главни улоги: Џони Деп, Амбер Херд, Мајкл Рисполи, Џовани Рибиси, Арон Екхарт
Жанр: комедија, драма, биографија
Јазик: англиски
Премиера: 28 октомври 2011 (САД)
Времетраење: 120 минути
Наша оценка: 7/10
Ваша оценка:
По излегувањето на големото платно, „Страв и параноја во Лас Вегас“ (Fear and Loathing in L.A., 1998) премина од критички омразен до „неочекувано“ популарен хит. Како резултат на овој филм публиката остана со сува уста, жедна за уште од алкохолот, дрогата, лудилото и генијалноста на Хантер С. Томсон да биде пресликана на големото платно. Па изгледаше дека пријателот на Хантер и главниот јунак во претходниот филм Џони Деп скоро и да нема друг избор освен да му овозможи на стариот доктор по новинарство, повторно да оживее преку филмската лента.
Дневник на румот е интересен филм во кој на прилично точен и реалистичен начин се прикажани новинарските почетоци на Хантер во Пуерто Рико потопени во многу рум. Но, овој филм не е она што го очекуваше публиката. Ова е повеќе една меланхолична приказна измешана со (бес)краен алкохолизам и социјална нееднаквост (како критика, но и протест кон општествената криминална политика) за разлика од лудото халуциногено патување во потрага по Американскиот сон кое го гледавме во „Страв и параноја…“
Хантеровиот хумор и глас нè следат низ целиот филм, но идеалот кој е врежан во сите дела на Томсон тука е за нота потивок и повнимателен што може да биде разочарувачки фактор за сите оние кои очекуваа динамична забава во стилот на „Fear and Loathing“. Сепак овој филм дефинитивно го заслужува вниманието на сите следбеници на д-р Гонзо, како и на фановите на Џони Деп и недоволно почитуваниот британски режисер Брус Робинсон.
Приказна: Филмот, како што веќе споменав, зборува за почетоците на младиот, наивен и полн со ентузијазам новинар кој пишува под псевдонимот Пол Кемп како репортер за „Сан јуан стар“ – весник кој е на работ на пропаст. Пол е еден чуден млад човек кој е повеќе од среќен поминувајќи ги карипските ноќи пиејќи 470 (да, четиристотини и седумдесет!) процентен алкохол и тестирајќи непознати халуциногени супстанци.
Но, овој млад писател сè уште не го пронашол својот авторски глас, својот стил на пишување кој подоцна ќе прерасне во едно цело движење и идеологија позната како „Gonzo Journalism“. Сепак, овој период од неговиот живот е пресуден за развој на омразата кон „копилињата“ кои го држат светот во своите раце претставени преку ликот на главниот антагонист Сандерсон. Оваа омраза и презир кон неправедните авторитети подоцна ќе прерасне во движечка сила и главен мотив кој ќе биде еден од основните елементи во сите неговите книжевни дела, како и во предизборната претседателска кампања од 1972 година која ја покривал пишувајќи за американскиот весник „The Rolling Stone“.Секако, во филмот има и многу забава. Сцените во кои се појавува хистерично загубениот репортер Моберг, кој генијално е одигран од Џовани Рибиси, се екстремно траги-комични и крајно непредвидливи. Самата атмосфера во Пуерто Рико е мистична и едноставна, но сепак полна со авантури и опасности кои постојано го демнат главниот лик и неговиот цимер и колега Сала. Не недостасува ни сексапил, напротив ликот на Амбер Херд изобилува со него и како митска нимфа го маѓепсува Пол Кемп, будејќи го либидото во него, но и страста кон автомобилската брзина.Како и кога да го гледате: За да го доловите елементот на овој филм и вистински да го осетите на своја кожа, високо пожелно е да соберете лудо друштво и да се снабдите со многу алкохол (+18), по можност рум. Тоа ќе создаде идеална атмосфера за да се претопите во филмското дејство и целосно да се соживеете со приказната.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.
Тапа филм.