Депонија (Waste Land)
Документарен филм за неправедноста во животот кој некогаш може да те фрли и на ѓубриште, за достоинството со тоа што си и тоа што го работиш (доколку е чесно), но и за човековата потреба да направиш нешто повеќе за себе
Режија: Луси Волкер
Се појавува: Вик Муниз
Времетраење: 99 минути
Јазик: англиски, португалски
Премиера: 22 октомври 2010
Жанр: документарец
Наша оценка: 9/10
Ваша оценка:
Понекогаш се случува да гледаш филм кој потоа не те остава да продолжиш по твојата вообичаена животна траекторија, туку те прави малку поинаков. Можеби малку поскромен кон она што го посакуваш, малку поморален во она што го правиш, малку подостоинствен околу професијата и животот кои ги имаш.
Документарниот филм „Депонија“ го отвори Фестивалот на документарен филм „MakeDox“ кој изминатава недела се случуваше во Скопје и сосема веројатно разбуди по некој заспан неврон во мозокот на сите што се најдоа во публика. Во емотивната и на моменти срцепарателна, но не и патетична приказна, гледавме како се менува животот на неколку луѓе од Рио де Жанеиро и притоа не бевме свесни дека и ние некако сме допрени од продолжената рака на овој документаристички проект. Тоа го увидовме откако по проекцијата молчеливо тргнавме да земеме пиво кое во таа топла ноќ повеќе горчеше отколку што освежуваше. А до кога ќе не држи „Депонија”, останува на секој од нас.
Приказна: Вик Муниз е уметник кој е роден во Бразил, но работи во Њујорк. Неговиот следен проект треба да биде во Рио де Жанеиро, во најголемата депонија во светот каде ќе соработува со луѓе кои секој ден го минуваат таму. Целта е да се направат големи уметнички дела на кои ќе бидат прикажани неколку луѓе од ѓубриштето, а ќе бидат изработени од ѓубре. Но, покрај уметнички, ова е и социјален потфат затоа што тие избрани луѓе не се само немо тело за уметничкото дело, туку се и активен учесник во неговата изработка. Така тие „маргиналци“ почнуваат да гледаат некој живот целосно поинаков од оној што дотогаш го имале и тоа пополека ги менува, ги допира емотивно и интимно.На самиот почеток на „Депонија“ се добива впечаток дека ќе имаме приказна за еден уметник со комплекс на Господ кој смета дека може да си игра со луѓето како со марионети само за свое задоволство и притоа ќе ни ја продава приказната дека прави големи општествени добра. Но, како што минуваат минутите таа перцепција на работите се распрскува на парчиња затоа што тие луѓе кои заработуваат во најголем дел како собирачи на отпаден материјал на депонијата, се и најголемите философи во филмот.
Со секој нов кадар тие лупат по едно парче од својата животна приказна на која не можеш да останеш рамнодушен. Луѓе како секој од нас, ниту подобри ниту полоши, кои животните случувања ги ставиле таму каде што се. Тие не се отпадот, туку личности кои со сите сили се обидуваат да заработат за живот и не се препуштаат на она што е најлесно да се прави во Рио, да се продава дрога или пак сопственото тело. Сите се поинакви и носат можеби малку поинаков животен бекграунд и мисла. Но, од нив се гледа дека кренатата глава е најважното нешто во животот, дека никогаш не е доцна за промени, дека лесниот пат најчесто и не е вистинскиот, дека…
Во очите на секој од гледачите на „Депонија“ можеби само една мисла ќе изгледа како најважна, во зависност од она што ви се случува во мозокот, но без исклучок овој филм секого ќе го направи подобар човек.Кинематографија: Прикажани се двете дијаметрално спротивни страни на животот, на судбината. Поголем дел од филмот се случува на депонијата, но тука е и она што е дел од животот на уметникот Вик, убаво опремен стан, скапи аукции, луѓе кои плаќаат десетици илјади долари за една слика. Воочлив е тој животен дуализам кој отсекогаш бил реалност.Кога и како да го гледате? Ако ја прочитавте целата оваа рецензија јасно е дека има само еден совет – гледајте го кога ќе бидете подготвени да бидете стресени од корен!
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.