5 причини зошто „Војна на ѕвездите“ е многу подобар серијал од „Ѕвездени патеки“
Веројатно ова е најспорната дебата во светот на гиковите: Која е супериорната вселенска опера, „Војна на ѕвездите“ или „Ѕвездени патеки“?
И двата серијали добија нови продолженија за новите генерации (ако досега не сте слушнале, седмата епизода од „Војна на ѕвездите“, „Силата се буди“, деновиве почнува да се емитува во кината ширум светот, a новиот филм од серијалот „Ѕвездени патеки“ ќе се појави во 2016), па ова е добро време да се потсетиме на оваа борба помеѓу двете најпознати франшизи во историјата на научно-фантастичните филмови.
1. Лајтсејберот е подобар од фејзерот
Како што Оби-Ван Кеноби славно изјави, лајтсејберот е „елегантно оружје за поцивилизирано доба“. Зрак од чиста енергија, блескавиот лајтсејбер е веројатно најпрепознатливото оружје некогаш креирано.
За разлика од најпознатото оружје од „Ѕвездените патеки“, фејзерот, кој може да го користи секој со нормални палци, лајтсејбер може да поседува само Џедај или Сит.
По ѓаволите, лајтсејберот е толку моќен што може да отсече човечка рака само со еден замав, да одбие оган, па дури и да пресече метал. Уште повеќе, лајтсејберите ги има во различни форми: од класичните сејбери кои ги користеа Лук Скајвокер и Дарт Вејдер, до двостраниот сејбер на Дарт Маул.
Фејзерите од друга страна, масовно се произведуваат од Федерацијата на Ѕвездените патеки. Кај нив нема ништо посебно интересно, покрај фактот дека повремено може да ве зашеметат.
2. Ништо не може да ја сопре Силата
Не може да зборуваме за „Војна на ѕвездите“ без да ја споменеме Силата. Метафизичката енергија која го исполнуваше универзумот во „Војна на ѕвездите“, Силата е таа што му помогна на Лук да го извади своето летало од мочуриштето во Дагоба, и што му овозможи на Вејдер да ги дави неговите потчинети без да ги допира.
Дополнителниот мистицизам што Силата го носи во „Војна на ѕвездите“ го прави серијалот да не е само уште една научно-фантастична приказна за вонземјани и вселенски бродови. На франшизата ѝ дава чудесен допир, кој повеќе е својствен за приказните со волшебници отколку за приказни со вселенски авантури.
Што е еквивалент на Силата во „Ѕвездени патеки“? Прималната директива, серија бирократски евтини трикови кои на членовите на екипажот им забранува да се мешаат со природната еволуција на примитивните цивилизации, правила кои се нарушуваат во секоја епизода.
3. Леталата се многу посовршени
Милениумскиот фалкон, ѕвездените уништувачи, Слејв I, X-wings. Секој од овие бродови е фантастичен. Уште повеќе, секој од овие бродови има свои карактеристики. Од непредвидливоста на Фалконот до бизарниот исправен дизајн на Слејв I, вселенските бродови што крстосуваа по универзумот на „Војна на ѕвездите“ се составен дел од приказната како и карактерите што ги управуваат.
Навистина, бродот Ентерпрајз од „Ѕвездените патеки“ е икона сам по себе и секако изгледа многу покомотно од Милениумскиот фалкон. Бродот на Соло изгледа како аутсајдер во споредба со него: грд, се распаѓа и не е ни приближно блескав како бродовите на Империјата.
Токму тоа ги прави бродовите како Фалконот и останатите бродови на Републиката толку незаборавни. Во долгите кадри, иако изгледа дека ќе бидат поразени, сепак на крајот на денот преживуваат. А луѓето сигурно сакаат едно нешто, аутсајдери.
4. Поголеми херои, посилни негативци
Кога станува збор за ликовите, „Војна на ѕвездите“ лесно се справува со „Ѕвездени патеки“. Во само седум филмови (плус две ТВ серии и 347 ужасни видео игри), карактерите од „Војна на ѕвездите“ не само што се незаборавни, туку и комплетно изградени. Серијалот од „Ѕвездените патеки“ има 13 филма, седум ТВ серии и 246 ужасни видео игри, а сепак карактерите од „Војна на ѕвездите“ се далеку поизградени од тие во Ѕвездени патеки.
Брзо прашање, кој е вашиот омилен капетан? Хан Соло е многу подопадлив од Капетан Кирк или Пикард. Тој е никаквец со меко срце, но секогаш уништува вонземските ловци на награди кога доаѓа време за тоа. (Да, Хан секогаш пука прв!)
Потоа тука се негативците. Кан Нуниен Синг од „Ѕвездени патеки“ е лигуш во споредба со Дарт Вејдер. Анакин Скајвокер, следниот Сит Лорд, убил многу деца, дави многу луѓе со помош на Силата или едноставно ги распарчува со својот лајтсејбер. И да не заборавиме дека тој го порача измачувањето на Леа и отсекувањето на раката на неговиот син.
Секако, Кан е тиранин, но никогаш не бил злобен како Вејдер.
На Светлата страна, иако Лук е лигуш во делот Нова надеж, тој еволуира во најголем херој. Неговиот лак како карактер претставува архетип за промената на секој херој креиран низ историјата. Може да повлечеме права линија од Хомеровиот Одисеј, до Лукасовиот Скајвокер.
Ова е можеби најголемата причина зошто „Војна на ѕвездите“ се подобри од „Ѕвездени патеки“. Додека „Ѕвездените патеки“ се фокусираат на псевдо-реалистичната иднина каде што владеат науката и разумот, „Војна на ѕвездите“ повеќе се насочува кон митолошката приказна која никогаш нема да ја заборавите. Со исклучок на Џар Џар Бинкс. Тој е Антихрист.
5. „Ѕвездените патеки“ сакаат да бидат како „Војна на ѕвездите“
Една од главните теми во „Ѕвездени патеки“ е дека со насилство треба да се служиме само во безизлезни ситуации. Поради тоа секогаш постои дипломатски пристап, пред сѐ да почне да експлодира.
Во „Војна на ѕвездите“ секогаш има акција. Од лајтсејберите и пиштолите до огромните бродови кои се судираат со други бродови и не една, туку две вселенски станици кои можат да уништат цели планети, „Војна на ѕвездите“ е пример за авантуристички филм.
Во последните филмови од серијалот, во „Ѕвездени патеки“ почна да се применува истата формула. Благородните обиди да се решат проблемите на дипломатски начин се заменети со борбата на Ентерпрајз и неговиот екипаж против непријателите низ галаксијата.
Можеби новиот пристап во приказната на „Ѕвездени патеки“ е во ред, но секако поентата е дека никогаш нема да го видите Чубака да порача англиски чај додека преговара за мирно решение на проблемот.