4 „оживувања“ на стари ТВ серии за кои ќе сакате да најдете време годинава
Трендот на обновување успешни ТВ серии од претходните декади продолжува и во 2017 година. Во 2016 имавме можност да го гледаме враќањето на Девојките Гилмор (Gilmore Girls), Полна куќа (Full House) и Досиеја Икс (The X-Files), а оваа година нè очекуваат уште попривлечни наслови. Започнувајќи од Бегство од затвор (Prison Break), па сè до Ѕвездени патеки (Star Trek), погледнете ги најочекуваните „оживувања“ за оваа година!
1. Бегство од затвор (Prison Break)
Ѕвездите Вентворт Милер и Доминик Пурсел се враќаат за нова сезона на Бегство од затвор, заедно со поголемиот дел од оригиналната актерска екипа. Обновувањето со 10 епизоди ќе продолжи неколку години по крајот на оригиналната приказна, кога серија докази ќе покажуваат дека смртта на Скоуфилд не е тоа што изгледало и Линколн и Сара ќе се здружат за најголемото бегство досега. Премиерната епизода беше на 4 април и веќе можете да почнете да ја гледате!
2. Твин Пикс (Twin Peaks)
По долго исчекување, продуцентите на оваа ТВ серија изјавија дека таа конечно ќе добие свое продолжение во 2017 година. Премиерната дата е 21 мај, и иако не се знае точно колку епизоди ќе бидат вклучени во новата сезона, постојат гласини дека приказната е едно долго сценарио што подоцна се дели во повеќе делови. Поголемиот дел од оригиналната актерска екипа е назад во приказната, вклучувајќи ја и ѕвездата Кајл Меклахлан, заедно со Најоми Ватс, Лаура Дерн и Џенифер Џејсон Леи.
3. Вил и Грејс (Will and Grace)
Кој може да ги заборави најдобрите пријатели на малите екрани? Една од омилените комедии повторно се враќа во живот, заедно со оригиналната актерска екипа – Ерик МекКормак, Дебра Месинг, Меган Мулали и Шон Хејс. Сега засега сигурно е дека ќе добиеме една сезона, но за какво било продолжување уште нема информации. Исто така ни премиерната дата сè уште не е откриена.
4. Ѕвездени патеки: Дискавери (Star Trek: Discovery)
Најпопуларната научно фантастична франшиза по 12 години конечно добива свое ново продолжение. Приказната ќе следи женска главна улога, Соникуа Мартин-Грин, (која за прв пат нема да биде капетан) и ќе се состои од 13 епизоди што ќе ја пополнат дупката меѓу Ентерпрајз (Enterprise) и Оригиналната серија (The Original Series). Премиерната дата уште не е позната, но се очекува да биде во текот на оваа година.