Спознајте се себеси со помош на ѕвездите: Психолошка анализа на сите хороскопски знаци - Part 3

Спознајте се себеси со помош на ѕвездите: Психолошка анализа на сите хороскопски знаци

Стрелец

Припадниците на овој знак се енергични, отворени и несопирливи. Тие не ги почитуваат општествените норми, имаат космполитски дух и високи морални вредности. Стрелците се авантуристи без постојана адреса на живеење. Тие се вистински светски патници и истражувачи. Ги привлекува сето она што го возвишува духот и му годи на телото. Нивниот апетит и желба за знаење се огромни. Без многу размислување се впуштаат во љубовни авантури, опасни спортски подвизи и ризични професии. Тие се големи коцкари и подготвени се да го стават целиот нивен живот на коцка само поради чувството на неизвесност и возбуда што ќе го добијат.

Во комуникацијата се многу отворени, а некогаш дури и премногу директни. Го кажуваат она што прво ќе им падне на памет, прашуваат за сѐ она што ги интересира, а понекогаш делуваат наивно и детинесто додека зборуваат за нивните планови. Стрелците се многу чесни и искрени, па мислат дека сите луѓе се такви. Сакаат да трошат пари на глупости, луксуз, свечености и дружби. Не пропуштаат ниту еден настан и први се јавуваат како доброволци. Ги привлекува сето она што е различно: различни земји, обичаи, култура, јазици, а особено егзотични предели.

Уживаат во патувањата, не сакаат досадни професии и ги нервираат простите озборувања. Најмногу од сѐ мразат кога некој ќе им ја ограничи слободата. Тие сакаат да бидат слободни како птица во лет која може да одлета некаде далеку, да види сѐ и сешто и потоа да раскажува за нејзините доживувања.

Спознајте се себеси со помош на ѕвездите: Психолошка анализа на сите хороскопски знаци

Јарец

Јарците се големи песимисти. Тие се депресивни и внимателни, но секогаш се стремат кон успехот и напорно работат за да го постигнат она што го сакаат. Никогаш не се откажуваат, а како што стареат така стануваат сѐ подобри и подобри. Јарците учат од нивните грешки, постојано се усовршуваат, а најголемиот успех го постигнуваат во зрелата доба од животот.

Тие побудуваат интерес благодарение на нивното ладно држење, одат со високо крената глава, не обрнувајќи многу внимание на она што се случува околу нив. Но, тоа не значи дека тие ништо не забележуваат. Јарците се големи набљудувачи, а тоа им помага подобро да ја запознаат околината и според тоа да одлучат како ќе се постават. Припадниците на овој знак знаат да се контролираат и не се возбудуваат поради ситници.

Нивното друштво не е големо, но затоа имаат неколку вистински пријатели. Не сакаат да земаат туѓи работи, но не сакаат ниту да ги делат нивните, поради што многумина сметаат дека се себични и скржави. Вистината е дека тие се само штедливи и рационални. Ги ценат луѓето кои постигнале нешто значајно во животот и мразат мрзливци.

Водолија

Водолиите се духовити и ведри луѓе, полни со идеи и романтични замисли. По малку се наивни и со сите сакаат да бидат во добри односи, што им успева благодарение на нивната толеранција и искреност. Не постојат две исти Водолии, но сепак постојат некои особини што им се заеднички на сите припадници на овој знак.

Најнапред, Водолиите сакаат да бидат поинакви. Тие секогаш даваат уникатни и оригинални идеи и размислувања. Имаат многу замисли, но ретко кога успеваат да ги реализираат, па затоа им треба помош за да ги претворат идеите во реалност. Најдобро функционираат во тим , каде што успехот зависи од размена на идеи и заеднички труд. Освен тоа, Водолиите се големи алтруиси кои сите конфликти сакаат да ги решат по пат на разговор.

Не можат да поднесат насилство и агресија, па дури и во љубовните врски се смирени и свесни. Не паѓаат на провокации, а гласот го повишуваат само кога се работи за некаква неправда. Водолиите сакаат да го направат светот подобро место за живеење, каде што сите луѓе ќе бидат еднакви без оглед на расата, културата и верата.

Припадниците на овој знак ги ценат духовните вредности и интелектуалните достигнувања. Не ги интересира минатото, туку иднината. Водолиите се авангардни футуристи, секогаш еден чекор пред времето во кое живеат, поради што честопати се несфатени и неприфатени од општеството.

Риби

Рибите се пасивни и променливи, но знаат да бидат и многу тврдоглави, упорни и доследни кога станува збор за некој идеал или човек кој им значи. Тие се многу контрадикторни, бидејќи од една страна сакаат да бидат дел од некоја група, но од друга страна не сакаат да бидат ограничени. Некои ограничувања ги прифаќаат како нормални, а други не можат да ги разберат и се бунтуваат против нив како што е одењето на работа во исто време, на пример.

Живеат во свет на соништа и фантазии и затоа не се снаоѓаат баш најдобро во реалноста. Редовно ги забележуваат работите што другите луѓе ги пропуштаат. Рибите не се фокусирани на деталите, туку на целината. Бујната фантазија, креативност, интуиција и визионерски дух се особини што го красат овој хороскопски знак.

Рибите честопати поседуваат ретки таленти и способности. Најдобро работат во мир и тишина, бидејќи можат да ги почувствуваат сите надворешни влијанија. Припадниците на овој хороскопски знак најдобро се изразуваат преку бои, стихови, танц, но понекогаш не знаат сами да го искористат нивниот потенцијал туку им треба нечија помош.

Доколку верувате во астрологија, прочитајте кои се најлошите особини на хороскопските знаци.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Писателот во нејзината глава вели: Дај ми англиска книжевност. Дај ми урбан апсурд и егзистенцијализам. Дај ми мистерии за човечката психа. Дај ми театар и џез како терапија.

Поврзани содржини

Остави коментар