Како секој од хороскопските знаци привлекува пари?

Како секој од хороскопските знаци привлекува пари?

Во астрологијата, на некои од знаците им е судено да направат богатство, без разлика дали се стремат кон тоа или не. Дали и вам ви е судено да бидете богати и успешни? Доколку не го знаете одговорот на ова прашање, тогаш прочитајте за вашиот знак и откријте.

https://www.kafepauza.mk/wp-content/uploads/2019/07/1kako-horoskopskite-znaci-privlekuvaat-pari.jpg

Овен

Овој неуморен генијалец е успешен во започнувањето секаков вид работа. Неговиот претприемачки дух не мирува кога треба да се ризикува и вложува пари. Има храброст и често донесува мудри одлуки. „Без ризик нема капитал“ е неговото мото. Доколку работата му оди од рака, тој е способен да ротира со парите така што постојано ќе вложува и ќе добива, правејќи си богатство. Не сака кога парите му стојат некаде на сигурно, повеќе би сакал да ги инвестира обидувајќи се да се збогати уште повеќе. Не е склон кон штедење. Знае да потроши голема сума на пари честејќи ги пријателите. Парите ги доживува како средство за понатамошно развивање на работата.

Бик

Биковите се темелни, упорни и малку себични кога станува збор за финансиите. Склони се кон штедење, но кога зборуваме за материјални работи немаат граница. Постојано купуваат нешто со помислата „ќе се најде“. Иако се способни во работата со недвижностите, сепак тешко се одделуваат од веќе започнатата работа. Бидејќи имаат хедонистичка црта, тие можат да потрошат огромна сума на работи во кои ќе уживаат, како на пример храна. Но, и тогаш тие внимаваат со колку пари располагаат. Доколку сте им должни, тие никогаш нема да го заборават долгот и точно знаат кога треба да им се раздолжите. Со задоволство ќе ве потсетуваат на тоа. Од друга страна пак, ретко кога позајмуваат пари бидејќи се материјалисти во душа.

Близнаци

Ако постои пример за изреката „Да имаш, па да немаш“, тогаш дефинитивно станува збор за Близнаци. Овој вечен циркуски знак едно време има, па потоа нема пари, но тоа воопшто не го загрижува. Кај овој знак, како пристигнале парите, така и си заминале, па повторно од некаде ќе му пристигнат и сè така во круг. Не е склон кон штедење, но има способност да заработува. Не се плаши од коцкање и секаков вид ризик, како и од позајмување. Тоа е затоа што парите не ги сфаќа премногу сериозно. Добрата страна на овој знак е тоа што може да направи големо богатство, а лошото е што може да го изгуби стекнатото богатство преку ноќ, па да западне во долгови или да направи некоја голема измама со стил.

Рак

Раковите се внимателни кога станува збор за пари. Тие со задоволство би ги чувале доколку можат. Поради својата сочувствителна природа, со задоволство би им помогнале на пријателите, позајмувајќи им пари. Но, доколку останат измамени, со нивната одлична меморија, нема да заборават и ќе паметат за наредниот пат. Со нивната посветеност кон работата може да стекнат голем имот. Не се склони кон ризици, иако имаат големи планови и идеи за заработка, па остануваат цврсто на земјата, одејќи по сигурниот пат.

Лав

Често сакат да се наметнуваат и да се докажуваат. Склони се кон трошење пари за скапи и гламурозни работи и скапоцени предмети. Што поскапи, толку подобро. Можат да станат вистински расипници. Способни се како организатори и се склони кон ризици. Се впуштаат во секаков вид шпекулација. Така заработуваат многу пари, но веднаш ги трошат. Немаат проблем во позајмувањето пари на други (сакаат да се направат важни, да бидат спонзори и донатори). Лошата страна на овој знак е тоа што може да прерасне во голем измамник.

Девица

Како што им е во природата на Девиците да собираат плодови, таков однос имаат и со парите. Многу се штедливи и внимателно располагаат со парите, што дури до детали планираат како и на што ќе ги потрошат. Нивното мото е „Зрно по зрно – погача, камен до камен – палата.“ Цел живот штедат и на крајот инвестираат во некоја голема и корисна работа (школување на дете, градење куќа). Девицата со сигурност е најштедливиот знак.

Вага

Како што им е важно воспоставувањето рамнотежа во животот, така им е важна и рамнотежата на парите. До приходи често стигнуваат со соработка со други луѓе, и често дават позајмици. Сакаат да трошат пари на убави работи – накит, облека, сè што е поврзано со уметноста… во главно сè што е убаво. Доколку си постават граница самите, можат мудро да уживаат во животот на тој начин што ќе заработуваат и трошат онолку колку што им е потребно.

Скорпија

Скорпија е осмиот знак по ред во хороскопот кој претставува вложување во други, наследства, кредити. Затоа овој знак е мајстор за банкарство. Неговиот дух и интуиција можат да го одведат во банкарските води, бидејќи точно знае кога и како да инвестира во акции, кога да купи и кога да продаде. На тој начин може да стекне големо богатство. Доколку се најде во ситуација да преземе ризик и да инвестира за некој друг, тој добро ќе размисли и ќе го послуша внатрешниот глас. Не е многу склон кон трошење пари и знае како да ги задржи. Доколку позајмува, сака да знае кога ќе му бидат вратени парите, бидејќи сака чисти сметки.

Стрелец

Познат коцкар, расипник но и среќлија во финансиите. Кај овој знак сè е можно. Бидејќи со Стрелецот владее планетата Јупитер, тој знае да се коцка. Лошата страна е тоа што лесно може да доживее банкрот, а добрата страна е тоа што може да се роди како личност на која лесно се лепат парите и сè што ќе допре – ќе го претвори во злато. Склони се кон уживања и сакаат да трошат. Немаат проблем со позајмувањето, без разлика дали тие ќе позајмат од некој или обратно – тие се луѓе од доверба.

Јарец

Добрата страна е што овој знак може да биде угледен богаташ, кој своето богатство го стекнал самиот со напорна работа, а лошата страна е тоа што може да биде и најголемиот скржавец во Зодијакот. Честопати овие страни можат и да се спојат. Сепак, овие луѓе се вистински професионалци во секоја работа. Многу бараат од луѓето, но и од самите. Со ваков пристап, тие можат да стекнат големо богатство. Не се склони кон ризици и сакаат сигурни работи. Не сакаат да позајмуваат пари. Тоа е затоа што се свесни дека самите ги заработиле парите, па очекуваат и другите да го направат истото. Доколку трошат, тие секогаш се внимателни при изборот и бараат да бидат квалитетни работи кои ќе траат долго.

Водолија

Боемството им е во крвта, па таков им е и односот со парите. Денес имаат, утре немаат, и така во круг. Имаат чуден однос со парите и имотот. На пример, еден ден ќе дадат сè за своите пријатели, но друг ден не даваат ни денар за нешто што би можело да им донесе голем профит. Тие се непредвидливи, како и нивните приходи. Премногу се склони кон преземање ризик, но само кога им е по ќеиф. Можат да заработат пари многу нагло, но на истиот начин и да ги изгубат. Доколку ја послушаат интуицијата која ќе им се појави како „блиц“, големи се шансите да се збогатат. Сепак, не знаат да го задржат богатството. Најмногу сакаат да трошат кога се со друштво.

Риби

Постојат Риби кои пливаат во богатство, но постојат и такви кои се дават во долгови. Можат да стекнат приходи на различни начини, но како и да е, парите ќе им се слизнат од раце. За нив парите претставуваат средство за живеење во нивниот свет. Сепак, некои Риби под влијание на планетата Нептун, можат да бидат многу успешни во разни работи и да стекнат големо богатство. Некогаш се среќни луѓе на кои парите им стигнуваат без мака, но некогаш се жртви и се мачат за мизерна плата. Позајмуваат и помагаат кога е потребно, но доколку тие земат пари можат да бидат несовесни при враќањето на долгот. Лошата страна е што можат да станат измамници кои сме ги виделе само на филм.

Дознајте кои хороскопски знаци се прави мамини синови.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Студент по Македонски јазик и книжевност. Кога не пишува - чита, и обратно. Сигмунд Фројд, нејзините миленичиња, цртани, Фреди Меркјури, стари предмети и Мото ГП.

Поврзани содржини

Остави коментар