Астрологијата и справувањето со стресот
Напнатоста, нервозата, грижите и стресот се составен дел од современиот начин на живеење и тие на секого имаат помало или поголемо влијание. Погледнете како секој од хороскопските знаци реагира на стресни ситуации и како се справува со нив.
Овен
Со знакот овен управува Марс, кој ги одликува претставниците на овој знак како луѓе од акција. Поради тоа овните најдобро функционираат под притисок или условно кажано, мирот и тишината можат посериозно да ги излудат отколку стресните ситуации. Бидејќи реагирањето во афект и донесувањето брзи одлуки не е секогаш во нивни интерес, тука се нивните пријатели за да ги насочат. Вообичаено овните прилично добро ги поднесуваат промените и преземањето ризици, главно поради тоа што не сакаат да се заморуваат со тоа дека нешто можат да пропуштат или да реагираат со задоцнување ако премногу се грижат за ситниците.
Центар на нивниот организам е главата, па поради тоа тие се подложни на главоболки кои честопати се последица на неумерено консумирање кофеин, алкохол, многу зачини, изложеност на јака светлина и гласна музика.
Бик
Потребно е навистина многу да претерате со нешто за да го исфрлите бикот од такт, но кога ќе ја достигнете таа точка, неговиот темперамент ќе експлодира во истиот момент. Кога е соочен со сериозни грижи, како што се љубовни или финансиски проблеми, најдобро е да го оставите насамо да размисли за сè и да пронајде излез од таа ситуација.
Биковите најдобро ќе се релаксираат гледајќи телевизија седнати во својата омилена фотелја, сладејќи се со колачи или со чаша од омилениот пијалак, по можност алкохолен, но со мерка. Во зимските месеци со задоволство ќе уживаат во топлината на домот, додека во топлиот дел од годината ќе ги смирува свежиот воздух, кој допира низ ширум отворениот прозорец.
Близнаци
Кога ќе се појави кризна ситуација, првата работа што ќе ја направат личностите родени во знакот близнаци ќе биде да го земат телефонот и да повикаат пријател или пријателка во кој/а имаат доверба. Таквата „совршена реакција“ е добар начин да се добие внимание и утешителни зборови во вистински момент, но и објективен поглед на проблемот. Бидејќи се аналитични, близнаците сакаат да ги имаат на ум сите факти и да ги разгледаат сите можни опции кога размислуваат за некоја проблематична ситуација, но толку многу информации понекогаш можат да ги избезумат. Тие себеси се доведуваат во состојба повеќе да не знаат што е вистина и како всушност се чувствуваат во врска со некој проблем. Доколку советот од пријателот им се допадне, честопати го претвораат во свој став и покрај тоа што нивните чувства се сосема поинакви. Близнаците поседуваат флексибилност со која се прилагодуваат на разни ситуации и околности, а кога на тоа ќе се додаде и ентузијазмот кој го внесуваат во сè што работат, воопшто не е чудно што се личности од доверба во фирмите каде што работат.
Најдобро се релаксираат ако ја сменат средината. Не е важно дали тоа ќе биде мало патување или голема турнеја, важно е да има движење, но со можност умот и понатаму да им биде во полн погон.
Рак
Кога ракот ќе се соочи со стресна ситуација, тој се повлекува во себе и е многу тешко да се допре до него со каков било облик на комуникација, а уште потешко е да се наговори да зборува за својот проблем. Семејството и пријателите кои добро го познаваат се навикнати на таквата одбранбена реакција. Водените знаци имаат потреба од мир и самотија, особено кога поминуваат низ тешки моменти, па затоа би било контрапродуктивно да им се нуди помош по секоја цена. Но, на ракот му е потребно многу љубов и внимание, па затоа ќе мора добро да го процените вистинскиот момент, за да не го оставите предолго да биде сам во сето тоа.
Откако ќе процените дека поминало доволно долго време за да се излади и смири, предложете му дружење и некаква детска забава, бидејќи просечниот рак е едно големо дете, на кого игра никогаш не му е премногу.
Лав
Кога се потиштени лавовите би морале времето да го поминуваат со своите пријатели наместо во изолација. Овој огнен знак пламти со силен пламен во добро друштво кое го разбира и ја гради својата самодоверба. Бидејќи лавовите се со многу цврст карактер, тие се опкружуваат со луѓе кои ја поддржуваат нивната личност, а самите не се склони кон радикални промени на својот начин на размислување и постапување.
Кога лавот ќе „експлодира“ не очекувајте да се извини и отворено да го покаже своето каење. Ако добро го познавате, неговото жалење ќе го забележите преку суптилните знаци кои несвесно ги покажува. Кога ќе сфати дека погрешил и забележите дека е свесен за својата грешка, појдете на прошетка во природа за да се релаксирате и вие и тој.
Девица
Во борбата против стресот, девиците мораат да ги употребат своите најпрефинети квалитети, како што се способност за раководење и задржување концентрација и прибраност тогаш кога другите не се во состојба да го направат тоа. Ориентацијата кон сопствените цели е уште едно силно оружје во рацете на припадниците на овој знак.
Секако сиот овој бескраен процес ги исцрпува, па на девиците одвреме-навреме им е потребно да избегаат и да се оттргнат од напнатите случувања. Потребно им е да се осамат, по можност во затворен простор, а карактеристичен е и дисконтинуитетот во одморањето кој им е потребен на девиците. Тие всушност со задоволство ќе ја разбијат монотонијата на релаксирање со ревизија на проект, доработка на сопствените идеи, водење или надополнување белешки. Но тоа нема да им наштети на здравјето, бидејќи тоа што другите би можело да ги уништи, девиците ги прави уште поснажни.
Вага
Во тешки и напнати ситуации вагите ќе побрзаат да појдат во пријатно друштво на пријатели и тоа што повеќе тоа подобро, за да побараат поддршка и утеха. Тие генерално немаат проблем со менување на мислењето ниту одлуките, сè додека не се уверат дека ја прават вистинската работа. И покрај тоа што не се имуни на состојбата на афект, вагите, сепак, нема да дозволат емоциите да владеат со нивните постапки и да влијаат на нивното аналитичко размислување. Исклучително се потпираат на поддршката на партнерот и очекуваат тој секогаш да биде спремен да ги сослуша, а во спротивно ги обзема несигурност и паѓаат во лошо расположение. Имајте го сето ова на ум доколку имате работа со една вага.
Со овој знак управува софистицираната Венера, па благодарение на тоа многу внимание посветуваат на животниот амбиент. Моментите на најпријатното релаксирање вагите ќе го поминат удобно сместени во фотелја или лежалка во градината. Сигурност и смирување ќе најдат исто така и во задоволството со својот физички изглед, па затоа покажете трпение доколку морате подолго да чекате да дојдете на ред пред огледалото или во бањата.
Скорпија
Луѓето родени во знакот скорпија на најинтензивен начин во однос на сите останати знаци ги доживуваат емотивните промени, па се способни подеднакво бурно да ги изразат своите чувства. Менталната снага и цврстина и насоченоста кон животните цели се нивни доблести, но не и флексибилноста. Прецизното интуитивно чувство ги води скорпиите низ разни видови предизвици, па колку и да им е тешко тие нема да се „скршат“ под тој притисок. Припадниците на овој знак секојдневно мораат да одвојат време за себе и тоа повеќе отколку што им е потребно на другите знаци од зодијакот и никој не би смеел да им го попречува уживањето во таа слобода, доколку сака да го задржи добриот однос со нив.
Влијанието на Плутон понекогаш ги прави скорпиите импулсивни во работата. Тоа е вистински знак дека им е потребен одмор и мир, бидејќи во спротивно би можеле да изгорат, а секако не се тип на луѓе што ќе се предадат. Ги смирува близина на вода во секаков облик, па дури и онаа наједноставната како што е топлата бања. Како водени знаци, тие во близина на вода полесно го пронаоѓаат своето значење.
Стрелец
Животните случувања не влијаат баш многу често на нервите на стрелецот. Нивниот стил на поднесување на промените се состои во проценката на сопствените постапки и промена на методот дури тогаш кога е неопходно. Единствен вистински проблем на стрелците е нивната најголема доблест – оптимизмот, бидејќи песимизмот е непријател против кој секој од нив повремено мора да се бори. Понекогаш, сепак, работите ги гледаат премногу розово, па брзаат како муви без глави, не сакајќи да се заморуваат со детали. Токму таквиот пристап понекогаш е каменот на кој се сопнуваат стрелците, па поради тоа би било корисно да се опкружат со знаци кои се наклонети кон анализа и посветуваат внимание на ситниците кои се важни во животот, а тоа се воздушните знаци близнаци, водолија и вага.
Кога им е неопходно да се релаксираат тие одат во теретана, бидејќи најдобар начин да ја исфрлат негативната енергија за стрелците, е едно добро потење.
Јарец
Јарецот е еден од знаците кој вистински ужива во својата работа, а кога ќе се најде под стрес, инстинктот му вели дека баш тогаш треба да се напрегне повеќе, да работи понатаму и со повеќе концентрација. Под влијание на владетелот Сатурн, тој сите обврски ги зема при срце, без разлика дали работи за себе или за некој друг. Јарците повеќе ги ценат практичните и реалистични решенија кои е можно да се донесат во краток рок и даваат можност веднаш да се преземе нешто. Брзиот ритам ги прави да се чувствуваат подобро, но во тој занес лесно можат да ја изгубат од вид, ширината на сликата и општиот впечаток.
Моментите на релаксирање, јарците ги пронаоѓаат во машки и екстремни спортови. Како земјени знаци повеќе сакаат планинарење од летување, а во текот на својот активен одмор тие не сакаат баш цело време мозокот да им е на „пасење“. Поради тоа со задоволство дел од слободното време ќе го посветат на проучување историски книги, гледање документарни филмови или читање политички анализи во дневниот печат.
Водолија
Водолиите ретко им покажуваат на луѓето околу себе кога се вознемирени, а својата способност за таинственост, ја зголемуваат со потиснување на емоциите. Тие, се разбира, чувствуваат стрес како и сите други, но се вистински мајстори во прикривање на симптомите. Нивниот објективен пристап кон животот резултира со сталоженост и отсуство на еуфорија како реакција на случувањата, понекогаш и со залажување дека некои работи што се случиле и не се така важни. Кога е највознемирена, водолијата се повлекува во себе и тогаш не е баш лесно да му објасни на партнерот дека ништо не е сменето во нивните односи и љубов, но дека му е потребно малку слобода.
Еден од успешните методи за надминување на вознемиреноста и лошото расположение за нив е дружењето со пријателите во некое кафуле или ресторан, на што обично се радуваат со денови однапред.
Риби
Кога рибите ќе се најдат во неволја тие тоа го поднесуваат многу тешко, би се рекло катастрофално. Нивниот фатализам дополнително се зголемува бидејќи ги впиваат емоциите на луѓето околу себе како сунѓер. Доколку сакате да им бидете вистински пријател, немојте да ги оптоварувате рибите со нешто што би можело да ги остави бес сон, иако можеби ќе бидете лишени од квалитетно и рационално мислење со потенцирање на добрите и лошите страни на ситуацијата. Припадниците на овој знак се способни да живеат во паралелен, розов свет кога се случува нешто лошо, бидејќи во спротивно можат да го изгубат разумот.
Рибите преку своите соништа интензивно комуницираат со својата потсвест, па поради тоа кога се напнати би било добро својата постела да ја направат што поудобна. Музиката пак за нив е седатив и антидепресив, кој може да ги извлече од проблемите и грижите.
Точно за јарец! 🙂