Астрологија: заборавете на проблемите и научете да се опуштите
Секој од нас има карактерни особини кои го кочат, му создаваат стрес и не му дозволуваат да зачекори кон својата идна среќа. Проблеми му се случуваат секому во животот, но дозволувањето стресот да нѐ надвладее, е само наша одлука. Без разлика дали сте нетрпеливи, гневни, тажни или егоистични, имајте на ум дека таквите особини ве држат во мртва точка и не ви дозволуваат да бидете среќни.
Кога последен пат сте имале ужасен ден? Со постојаното менување на времето од сончево во облачно, обврските и нервозите, тој ден најверојатно не бил многу одамна. Тоа е знак дека треба да имате план како да се справите со ваквите денови, а астрологијата и познавањето на особеностите на вашиот знак, многу ќе ви помогнат околу сето тоа.
Овен – нетрпеливост
Заборавете на вашата потреба сѐ да се случи буквално во моментот кога вие ќе посакате. Доколку секогаш некаде брзате, можете да ги пропуштите неверојатните работи во животот на кои природно им е потребен подолг период за да се случат. Научете да ја тренирате вашата трпеливост, а наградата од таквото однесување ќе ја чувствувате на долг рок.
После напорен ден ослободете се од целата насобрана напнатост, уживајќи во вашите омилени физички активности. Со гаранција ќе се почувствувате исклучително подобро, после неколку истрчани километри или после една рунда кикбокс.
Бик – огорченост
Многу е важно да заборавите на вашиот потиснат гнев и лутина, до кој толку цврсто се држите. Опростувањето за вас претставува еден начин на исцелување од таквите чувства и враќање на благосостојбата во вашиот живот која ќе ви помогне да продолжите напред. Заборавањето на работите коишто ве лутеле во минатото, ќе ви отворат прекрасни можности за иднината.
После напорен ден, свиткајте се во вашето најудобно ќебенце и почестете се со омилениот десерт и ќе забележите како вашите грижи полека исчезнуваат од вашата глава.
Близнаци – премногу размислување
Вие буквално живеете во вашата глава, но многу важно за вас е одвреме-навреме да си го „стишите“ мозокот. Доколку секогаш се заглавувате во вашите мисли, ризикувате да го пропуштите она што се случува сега. Дадете си малку време да се релаксирате, да го забавите темпото и да уживате во сегашноста, без да размислувате премногу на неа.
После напорен ден одморете го вашиот вечно активен ум, задлабочувајќи се во некоја добра книга. Фокусирањето на вашата ментална енергија кон нешто забавно, занимливо и позитивно, ќе направи да се почувствувате подобро.
Рак – излегување од комфорната зона
Ја знаете онаа мисла „Животот започнува на работ од вашата комфорна зона?“ Во неа има многу вистина! Овој момент е совршен за да се поттурнете себеси нанапред, со цел да пробате нови работи и да искусите нови искуства. Ќе бидете изненадени од она што ќе го најдете по патот, како и од она што ќе го откриете во врска со себеси.
Релаксирачка вечер во вашиот дом, е токму она што ви е потребно после напорен ден. Свиткајте се на каучот во ќебе и пуштете си го вашиот омилен филм или ТВ серија. Ќе видите дека ќе се почувствувате утешено и смирено уште пред да се појават имињата на учесниците на крајот од филмот.
Лав – големо его
Можеби вас ќе ви звучи ова грубо, но сѐ што се случува во светот не се однесува исклучиво само на вас. Можеби на целиот департман во кој работите му е намалена платата, можеби за проектот на којшто работевте напорно добивте негативни критики, но вакви работи секому му се случуваат. Тоа не значи дека светот има лошо мислење за вас. Доколку успеете да го сфатите ова, истото ќе ви помогне да останете во вашиот посакуван центар на вниманието, а воедно и нема толку инстантно да се „инфицирате“ и вознемирувате од постапките и мислењата на другите луѓе.
После напорен ден, пронајдете начин да се изразите себеси. Без разлика дали ќе фатите да работите на некој креативен проект или ќе му се јавите на некој пријател кој знаете дека ќе ве сфати, ќе забележите дека кога ќе ги извадите тие чувства од вас, ќе се почувствувате инстантно подобро.
Девица – перфекционизам
Редно време е да се откажете од очекувањата за совршеност, во однос на вас и во однос на луѓето во вашето окружување. Сите имаме мани и навистина совршенството е непостоечка категорија. Ако научите да ги прифаќате ситуациите и луѓето (вклучително и себеси) онакви какви што се, значително ќе си го подобрите квалитетот на животот и ќе се чувствувате порелаксирано и позадоволно.
Искажете ги сите ваши грижи на некој пријател, во комбинација со пијачки или вечера после напорен ден. Дадете си себеси доволно време да ги средите вашите мисли, анализирајќи сѐ што се случило, со цел да почнете да ги напуштате грижите и да се изрелаксирате.
Вага – угодување на другите
Вие сакате да ги задоволувате потребите на другите луѓе на едно многу високо ниво, па можеби е конечно време да престанете со тоа. Морате да сфатите дека е невозможно да ги направите сите среќни, а со тоа ризикувате да се изгубите себеси во процесот на грижење за другите. Фокусирајте се на вашите приоритети и ценете ги вашите потреби, бидејќи и вие заслужувате да бидете среќни.
После напорен ден, направете си домашен спа-третман кој ќе ви помогне да ги „измиете“ вашите грижи. Поминете ја вечерта разгалувајќи се со лосиони, маски за лице, пилинг на тело, свеж маникир и слични работи. Вие навистина го заслужувате тоа.
Скорпија – премногу очекувања
Вие работите напорно за да го добиете она што го сакате, но понекогаш животот не излегува онака како што го имате испланирано. Наместо да жалите по она што го немате, фокусирајте ја вашата енергија заблагодарувајќи им се на прекрасните нешта кои се веќе присутни во вашиот живот. Ова ќе ви даде можност појасно да видите што е важно и што навистина сакате.
Вие морате некако да се ослободите од вашата силна енергија, за да можете да почнете да се опуштате. Излезете на куса прошетка, а потоа подгответе си топла бања и уживајте во чаша црвено вино.
Стрелец – конкурентски дух
Оставете ја вашата потреба константно да се натпреварувате со себеси и оние околу вас. Вие знаете дека секогаш можете подобро и самото тоа е сосема доволно. Доколку се ослободите од овие неверојатно високи стандарди, ќе си ја подобрите самодовербата и вашите врски со другите луѓе.
Комбинацијата од физичка активност, време поминато со пријателите и вентилирање на насобраните проблеми е она што вам ви е потребно. Јавете се кај некој пријател и појдете на џогирање, притоа разговарајќи за работите кои ве мачат.
Јарец – потреба за контрола
Дозволете си да се опуштите и оставете го животот да тече. Можеби ќе ви биде шок, но контролирањето на сите работи во животот е една обична илузија, па придржувајќи се кон неа само си правите контрауслуга на себеси. Доколку се откажете од контролирањето на сѐ околу вас, светот нема да се распадне, а вие ќе чувствувате неверојатна слобода и радост.
По напорниот ден, почестете се со нешто само за вас. Појдете на масажа, купете си ја кошулата или чевлите кои одамна ги посакувате или купете си кутија со чоколадни бонбони и уживајте во добро филмче.
Водолија – осудување на другите
Вие се гордеете со својата објективност, но ваквиот начин на размислување може многу лесно да се претвори во навика да ги осудувате луѓето околу вас. Доколку верувате дека секогаш знаете што е исправно, не им оставате простор на останатите да го искажат својот став. Ослободувањето од потребата да осудувате, ќе ви овозможи да се соживувате со ставовите на другите луѓе, да научите да слушате и подобро да ги разбирате.
Соберете се со вашето друштво и појдете некаде на пијачка. Забавувањето ќе ви помогне да го заборавите лошиот ден и да се чувствувате освежено и позитивно.
Риби – апсорбирање тага
Бидејќи сте многу чувствителна личност, вие апсорбирате многу енергија од вашата околина, но тоа не значи дека знаете како да се ослободите од неа. Ослободете се од насобраните тешки емоции и ќе почнете да се чувствувате многу полесно и поенергично. Доколку ја ослободите тагата која ја држите во себе, ќе си овозможите да бидете целосно присутни и да го доживеете животот каков што навистина е.
Создадете си сопствена оаза, со тоа што ќе си запалите неколку ароматични свеќи, ќе го изгаснете вашиот мобилен телефон и целосно ќе се препуштите на уживањето. Без разлика дали сакате да пишувате, медитирате, да испиете шолја чај, вам ви треба мирна атмосфера за да закрепнете од стресниот ден.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.
interesno ( za bliznaci) i sosema vistinito 😀