Запознајте се со прекрасниот француски дворец Шамбор
Еден од најпознатите и најубавите замоци во долината Лоара или позната како „градината на Франција“, замокот Шамбор е познат по совршената и уникатна француска ренесансна архитектура.Замокот бил изграден за време на владеењето на кралот Франсоа I, а целта на изградбата била всушност кралот да биде блиску до неговата љубовница. Подоцна кралот го користел замокот и како свое одморалиште кога одел на лов. Идејата за изгледот и конструкцијата на замокот произлегла од средбата на кралот и Леонардо да Винчи, кој работел за него истовремено на повеќе проекти. За жал Леонардо да Винчи починал во периодот пред изградбата на замокот, а плановите кои тој ги имал нацртано, подоцна биле земени како основа за градба.Иако дворецот сам по себе претставува неверојатна глетка, сепак својата слава ја должи на двете архитектонски чуда: скалите и терасата. Во центарот на замокот се наоѓаат скалите во вид на двојна спирала и дефинитивно претставуваат необична замисла, особено за тоа време. Секако, најголем дел од експертите сметаат дека ги има дизајнирано токму Леонардо да Винчи. Овие паралелни скали се замислени на тој начин што овозможуваат двајца да се качуваат нагоре и надоле истовремено без притоа воопшто да се сретнат.Она што е можеби најатрактивно за посетителите е фактот дека е дозволено да се видат поголемиот број од собите, вклучувајќи ја и спалната на кралот. Моментот којшто ниту еден вљубеник во историјата на француските романси не смее да го пропушти е изгравираната порака на креветот на Франсоа I која вели:
„Секоја жена е непостојана, а оној кој ù верува на жената е будала.“
Терасата, очигледно инспирирана од италијанската архитектура, претставува огромен простор, неверојатно декориран, каде што кралското семејство поминувало поголем дел од времето. Од тука, тие го набљудувале доаѓањето и заминувањето на ловците, вежбите на војската, како и разните фестивали, забави и натпревари кои што биле организирани во бескрајниот двор.Франсоа I не доживеал да го види замокот завршен, тој починал во 1547 година, а тогаш зданието сè уште било во изградба. Неговиот син Хенри II ја продолжил неговата работа за на крај Луј XV конечно да ја заврши монументалната градба од 440 соби. Секако невозможно е да не се спомене паркот во којшто е сместен замокот и којшто денес претставува најголем национален парк во светот. Опфаќа површина од неверојатни 52,61 km2, но само 6,07 km2 се отворени за посетителите. Реката Косон тече пред дворецот, а нејзиниот правец е намерно сменет со помош на канали.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.