Забавни фото-манипулации, изработени од страна на талентиран македонски фотограф

Забавни фото-манипулации, изработени од страна на талентиран македонски фотограф

Уникатен, млад и креативен, Димитар Новаков е фотограф од Гевгелија чија најголема страст е создавање дела со содржина различна од реалноста. Со комбинирање на фотографии и различни техники, тој ги трансформира своите идеи во приказни со порака што вреди да се побара. Тој исто така ги обожава и реалните животни приказни – инспириран е од луѓето и ужива во секоја можност да ги сними убавите моменти и емоциите. Димитар исто така ги обожава животните, природата, па и самиот живот. Убавината е насекаде околу нас, а една од неговите животни мисии е засекогаш да ја овековечи на фотографија.

(1) Забавни фотоманипулации, изработени од страна на талентиран македонски фотограф

„Главна инспирација ми се луѓето и нештата околу мене кои ги сакам. На почетокот, почнав да ги правам манипулациите само како игра со перспективата, со големината. Првите слики се всушност еден минијатурен свет каде улогите ги имавме јас и моите другари. Но со текот на времето почнав да вметнувам нешто од мене во делата, мое гледиште и мое размислување за љубовта, среќата, општеството и животот со цел да предизвикам размислување на таа тема кај сите оние што ќе ги видат сликите“, објаснува Димитар.

Што се однесува до методот на изработка, Димитар вели дека првата и најважна фаза е размислувањето околу идејата. Тој започнува со барање на темата што сака да ја работи, па следува процес на разгледување на можностите како би можел да ја реализира – на кој начин да ја прикаже, со кој дел од реалниот свет да ја поврзе и дали, односно колку луѓе би можеле да бидат дел од тоа дело.

(3) Забавни фотоманипулации, изработени од страна на талентиран македонски фотограф

„Откако ќе ја формирам целата слика во главата, правам неколку пробни верзии, односно извлекувам неколку слики со потребните елементи од Интернет, па набрзина ги составувам со цел да имам претстава како би одел тој процес. Потоа започнува потрагата по елементите што би ми требале и нивно фотографирање. Откако ќе ги имам сите фотографии, следува најинтересниот дел, односно изработката“, дополнува тој.

За изработката на секоја од овие фотоманипулации било потребно различно време. Обично целиот процес трае по неколку недели, а најмногу време одзема размислувањето околу идејата, а потоа и потрагата по потребните елементи за делото.

(2) Забавни фотоманипулации, изработени од страна на талентиран македонски фотограф

„За првото дело ми беа потребни 3 до 4 дена за целосна изработка, бидејќи сите елементи ми беа достапни, но за најновото дело, ‘Музичка есен’, односно сликата погоре, чекав 6 месеци за да се создадат потребните услови за фотографирање. Идејата ја имав, елементите ми беа достапни, но за таа да изгледа онака како што ја замислив мораше да биде зима“, вели Димитар.

Во продолжение погледнете ги и останатите неверојатни изработки што ќе ве одведат во еден сосема поинаков свет…


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Дипломиран психолог кој обожава да пишува. Автор на научно-фантастичната книга „На работ од времето“. Животно мото ѝ е дека не смее да помине ниту еден ден без кафе и танцување.

Поврзани содржини

Остави коментар