Во светот на Јадро фигурите
Во 1953 година Хуан, Хозе и Висенте Јадро ја направија својата прва порцеланска фигура во печка изградена во нивниот дом во Валенсија. Така започна долгата традиција на “Porcelanas Lladró” – компанија која денес е позната ширум светот по изработката на прекрасните, високо квалитетни фигури од порцелан. Секако воопшто не било лесно да се премине од хоби во сопствениот дом до ланец престижни продавници на Менхетен, но иновативноста и креативноста на браќата Јадро се заслужни за нивната успешна приказна. Можеби, токму желбата да бидат поразлични од останатите во тој бизнис постојано ги инспирирала да воведат иновации, не само во стилот и формата на фигурите туку и во начинот на печење. Техниката на печење која браќата Јадро ја вовеле овозможила кристален сјај и пастелни нијанси на фигурите, нешто што останатите во тој период не успеале да го постигнат. Со оваа метода браќата ја заслужиле почитта од страна на многу ценети скулптори, декоратери и уметници во тој период, а побарувачката за преубавите порцелански фигури растела сè повеќе.Денес, овие фигури се доста барани од страна на колекционерите, особено од оние со длабок џеб, поради фактот дека самите вредат доста и имаат беспрекорен квалитет на изработка. Сопствениците тврдат дека голем дел од фигурите се изработуваат по нарачка, па така зад секоја фигура има некоја интересна приказна.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.