Вистинската Ариел е откриена и таа се наоѓа во длабочините на Атлантскиот океан
Автор: Марија Митева
Во длабочините на Атлантскиот океан околу брегот на Бахамите, ја пронајдовме вистинската Ариел, заедно со нејзината мајка, која ја изразува својата инспирација во вид на фотографии. Мајката и ќерката му докажуваат на светот дека подводниот свет е навистина интересен, разнобоен и инспиративен. Доколку сакате да ги запознаете, ставете ја на вас опремата за нуркање и ајде заедно да нурнеме во длабочините на нивниот свет.
„Најчесто фотографирам во океанот каде што е непредвидливо и токму тоа ме карактеризира како подводен фотограф.“ – Елена Калис
Професионалната фотографка Елена Калис заедно со својата ќерка Александра нè внесуваат во нивниот свет, чии колоритни и живи сцени оставаат без здив. Елена вели дека кога за првпат почнала да фотографира под вода, веднаш се почувствувала поврзана со океанот.
„Сакам да работам на фотографии инспирирани од бајките, мојата ќерка, ми помага во тоа. Бидејќи е одличен пливач, одлично се прилагоди на подводната средина, па многу лесно ги доловивме сите движења и карактеристики кои ги имав замислено.“
Нејзините фотографии секогаш ја содржат нијансата помеѓу среќното и тажното, темното и сонливото, но таа се труди да создаде фотографии на кои елементите се реално прикажани. Не секој кадар е соодветен, па затоа во една фотосесија изработува околу четиристотини фотографии, но само неколку од нив ги дефинира како финален продукт.
„Ме возбудува начинот на којшто постојано се менува подводната околина и навистина го сакам тоа што секогаш има нешто ново да се истражи.“
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.