Ви претставуваме неколку дизајнери на накит со навистина оригинални идеи
Доволно е само едно парче накит за наједноставната комбинација од облека да ја направи интересна и ефективна. Може да го прифатите модниот тренд, а можете и да изберете нешто кое сигурно ќе биде етикетирано како „чудно“ и да бидете уникатни.
Во моментот кога накитот почнал да се изработува од неблагородни метали, ја изгубил улогата да биде исклучиво само статусен симбол во општеството. Освен од неблагородни метали, накитот може да се изработува од дрво, коска, стакло, пластика, жици, волна, па дури и од хартија. Покрај елегантните парчиња за посебни пригоди, сѐ почесто можеме да сретнеме и крајно необичен накит кој има за цел да го привлече вниманието на тие што го носат.
Ви претставуваме неколку дизајнери со навистина необични идеи.
Ерик Кларенбек
Дизајнерот од Холандија во 2008 година дизајнираше накит кој се носи на очите. Да, добро прочитавте. Сјајните „солзи“ висат на медицинска жица која е врзана на контактна леќа, што се става во окото.
На жиците висат кристални додатоци кои блескаат под сончевата светлина и даваат впечаток на вистински солзи. Овој накит е комплетно безбеден, не смета при трепкањето и не го оштетува видот.
Имме ван дер Хаак
Со својата работа постојано ја поматува нашата перцепција и нѐ наведува да се запрашаме што е всушност „нормално“. Меѓутоа, оваа Холанѓанка вели дека нејзината намера не е да нѐ шокира, туку да ни покаже дека секоја силуета крие своја убавина. Во 2010 ја издаде книгата со наслов „Elastic Mind“, која се занимава со прашањето на критериумите за убавина низ деформациите и модификациите на лицето и телото. Оваа книга ни ја покажува инспирацијата за колекцијата која ја лансираше истата година.
Се работи за колекцијата „Cofigurations“ која се состои од позлатени, лимени елементи, наменети за невообичаени делови од телото како на пример ноздрите и очните длабнатини. Имме тврди дека носењето на накитот не предизвикува бол, а целта ѝ била да го трансформира човечкото лице и да ни покаже нова идеја за убавината.
Бјорг
Норди Матисен е млада Норвежанка која секогаш нѐ изненадува со својот необичен вкус. Овој пат нема да се врзуваме за конкретна линија накит, бидејќи сите се необични. Накит од коњски влакна, белегзии и прстени кои наликуваат на р’бетниот столб, очила со синџири наместо стакла, метални приврзоци во облик на човечко срце или заб…
Естетиката која ја применува оваа дизајнерка е блиска до минимализмот, а инспирација црпи од бајките, но и од секојдневието.
Делфина Делетрез
Оваа дизајнерка припаѓа на четвртата генерација од семејството Фенди и тоа што од малечка е опкружена со модата, влијаело на нејзината креативност. Нејзините колекции често се инспирирани од надреализмот на Салвадор Дали, анатомските нацрти на Леонардо да Винчи или од филмовите на Тим Бартон. Често има мотиви од очи, усни, раце, прсти, пчели, овошје…
Иако необичен, овој накит е гламурозен бидејќи го красат бисери, кристали и циркони. Димензиите се минијатурни, како на пример обетките кои изгледаат како вистински, минијатурни, уметнички дела. Сепак, накитот со кој доби планетарна слава е познат како „скелетна дланка“.
Маргo Ланџ
Американската дизајнерка веќе десетина години создава накит, кој некои го гледаат како бизарен, а кај други предизвикува воодушевување и носталгија. Се работи за накит изработен од делови од телото од куклата Барби и нејзиниот љубовник Кен. Гради, раце, уши, очи, усни – искористен е секој дел од телото.
Марго вели дека е фасцинирана од убавината на овие кукли како културни икони и во текот на изработката на овој накит била инспирирана од љубовта што ја имала кон славната барбика.
Doodad & Fandango
Австралиската дизајнерка Никита, кон крајот на деведесеттите години, била во посета на Јапонија и се воодушевила од уличниот „харајуки“ стил. Со години го гради својот бренд кој асоцира на поп-арт. Се работи за предимензионирани пластични обетки и огрлици во весели бои.
Накитот го прават необичен самите облици: очи, заби, парче сирење, корнет од сладолед, фламингоси, кактуси… и сето тоа е претставено на духовит и провокативен начин, во вид на необичен колаж.
Ѓувеѓ Ѓувеѓевич
Зад овој прекар се крие уметникот Томислав Зидар. Ова момче од Хрватска по струка е електротехничар, но благодарение на тоа што го открил својот скриен талент, од 2008 година создава необичен накит под името „Јоботичи“. Основен материјал за изработка на овие роботчиња е рециклиран материјал. Неупотребливите делови од телефони, тостери, компјутери, играчки – во неговите раце се претвораат во вистински, мали уметнички дела.
Секоја од овие симпатични фигури има едноставен облик и форма. Прекрасен начин со рециклирање и игра да се изработи моден детаљ. Рециклажата која има за цел да создаде нешто корисно и убаво звучи како одлична идеја.