Со очите гледам едно, со објективот друго: Часови по фотографија со инстаграмџијата Боки Марков
Богомил Марков, попознат како Боки Марков, е Инстаграм фотограф кој без сомнение ќе ве воодушеви со своите фотографии. Тој сака да овековечува спонтани случувања на настаните, а тоа можете да го забележите и во видеата што ги креира.
„Кога обработувам фотографии преферирам да слушам техно – така некако се исклучувам од светот и сум целосно фокусиран на она што го работам“, ни објасни тој.
Боки чита многу книги и тоа му помага да се опушти и да добие инспирација за нови дела. Голем дел од идеите му доаѓаат од книгите што ги чита.
„Секогаш сум позитивен. Не сакам негативни луѓе во моја близина и луѓе што секогаш изнаоѓаат начин зошто да не успеат. Сите може да успеат во сè, и зависи само колку се трудат за тоа да го достигнат. Верувам во чуда и секогаш си зацртувам неостварливи идеи. Сè е достижно – само во умот се ограничуваме. Секогаш сум упорен и никогаш не се откажувам. Некои работи си бараат повеќе посветеност, но на крајот секако ги добиваме ако се трудиме доволно.“
Прочитајте го нашиот целосен разговор во продолжение и уживајте во неговите одлични дела…
View this post on Instagram
1. Како фотограф, како изгледа светот во твоите очи? Дали постојано набљудуваш преку објективот или пак, однапред планираш што би сакал да фотографираш, па го бараш токму тоа?
Признавам дека го започнавме интервјуто со најубавото прашање. Кога станува збор за фотографирање, преферирам да реализирам идеја што ми стои во глава веќе подолг период. Обично не одам утре да фотографирам ако денес ми дошла идејата на памет. Потребно ми е некое време за да ја усовршам идејата и да ги елиминирам ситниците кои мислам дека не се потребни. Ова ми е на некој начин процес од доаѓање на идеја, па сè до носење во најдобрата можна форма во главата. Многу ретко ме исполнува да одам да фотографирам колку да се каже дека сум излегол да фотографирам.
Со очите гледам едно, со објективот друго. Доста често очите знаат да ме „прелажат“ дека пред мене „лежи“ предобра фотографија. Но, кога ќе го погледнам истиот поглед преку апаратот, знае да не биде воодушевувачко. После некое време сфатив дека има разлика како ги гледам нештата.
Бидејќи читам многу книги, голем дел од идеите ми доаѓаат од нив. Идеите не се во однос на локацијата што треба да ја фотографирам, туку за начинот на кој ги обработувам фотографиите. Доколку последната книга ми била мрачна хорор приказна – мрачното од таа книга знам да го прикажам, на пример, со густи облаци во следната фотографија како детаљ што мене посебно ме исполнува. Ако во книгата се зборувало за студ, знам да ги намалам боите на истата фотографија и да додадам некој детаљ што ќе потсетува на студ. Ова се само неколку примери како ги добивам идеите за обработување на фотографиите.
View this post on Instagram
2. Според објавите на Инстаграм, твојата последна авантура била во Јордан. Како се најде токму таму и кој е твојот впечаток од оваа далечна земја?
Јордан за прв пат го видов на фотографии на Инстаграм профилот на еден од омилените фотографи @ioegreer. Никогаш не помислив дека еден ден и јас ќе отидам таму. Во средината на јануари седнавме на кафе со брат ми и еден другар и во меѓувреме му заѕвони неговиот брат. Според тоа што го зборуваше тој, ме асоцираше на некое патување. Кога го заврши разговорот, го прашав: „Да не планирате да патувате некаде?“ Тој ми одговори „Да, планираме да одиме за Израел и Јордан.“ Кога спомна Јордан јас се воодушевив премногу и без да размислувам реков дека сакам да одам и јас ако би прифатиле друштво. Во истиот момент прифати и брат ми и уште еден другар. Вкупно пет луѓе за само пет дена после кафе средбата си резервиравме сè и чекавме побргу да дојде денот за да се втурнеме во нашата авантура.
Пред да отидам во Јордан мислев дека природните убавините ќе ми остават најголем впечаток. Кога се вратив од патување, сфатив дека освен природните убавините на државата голем впечаток ми оставила љубовта на луѓето што живеат во оваа земја.
View this post on Instagram
3. Дали би можел да издвоиш и три локации што би им ги препорачал на нашите читатели доколку некогаш и тие отпатуваат во Јордан? Што би морале по секоја цена да видат?
Ако морам да одвојам, први на памет ми се Петра, Вади Рум и Мртвото Море. Премногу луѓе ми пишаа дека сум направил доста добри фотографии таму, а ми пишаа и луѓе кои велеа: „Со фотографиите и објавените видеа направи исто како да бевме со тебе.“ Тоа ми е целта со одредена фотографија – човек да се внесе во фотографијата за да ја почувствува реалноста во која сум бил дур сум ја креирал. Јас не објавувам фотографии само колку да објавам нешто. Кога ќе се спомне во мислите објавување на фотографија, тоа за мене е важен процес во кој внимателно ја избирам фотографијата и сум посебно среќен и воодушевен какви реакции ќе добијам по објавувањето и како ќе биде примена фотографијата од очите на луѓето што ме следат.
View this post on Instagram
4. Забележавме дека сакаш да фотографираш пејзажи, но и портрети. Што според тебе е потешко да се направи, и зошто?
И пејзажите и портретите си имаат своја тежина, но ќе се потрудам да ги одвојам. Пред да отидам за Израел, во главата имав креирано фотографија како би го фотографирал Тел Авив на зајдисонце. Кога пристигнавме во Тел Авив, имаше невреме, а зајдисонце за жал немаше. Понекогаш не е така како што планираме, а во мојот случај ограничен бев бидејќи само еден ден бев во Тел Авив. Така е и со многу други случаи. Сакате да фотографирате птица како лета врз густа шума и темни облаци, но кога ќе отидете другиот ден да ја реализирате вашата идеја – на небото ниту еден облак, а ниту птицата лета врз густата шума.
Ако имаме креирано идеја во глава и сакаме истата до детаљ да ја реализираме, треба да се трудиме дур не ни се поклопат сите замисли во еден момент.
За портретите би рекол дека малку ми е полесно бидејќи на некој начин, знам како со луѓето. Пред фотосесија, ако не се знаеме со моделот, одиме на кафе или на прошетка до местото каде што ќе се фотографира. Обично ако моделот е срамежлив воопшто не спомнувам фотографија во текот на разговорот, иако сме за тоа дојдени. Муабетите се од многу други теми со цел на некој начин да ја остварам првата комуникација при што срамот на моделот веќе е на некое минимално ниво. Доколку сè уште се срами, знам да кажам некоја смешка и го чекам моментот кога ќе се насмевне и веднаш фотографирам. Тоа е всушност – моментот. Моделот очекува да му кажеш намести се вака или така, но јас ги ловам спонтаните потези и најчесто тие им се најубавите фотографии.
Многу зависи и од моделот бидејќи сум фотографирал луѓе што знаат да влезат во свој филм и мое е само да фотографирам, да чекам да ме погледне случајно или да направи некој потег со рацете. Не преферирам да фотографирам местени фотографии бидејќи го гледам вештачкото во тие фотографии, а мене лично не ме исполнува тоа.
View this post on Instagram
5. Инстаграм игра голема улога во секојдневниот живот на секој фотограф. Покрај толку многу фотографии, како избираш што да објавиш?
Потполно се согласувам, но дури и да не се занимава човек со фотографија, Инстаграм сега засега е како дел од нас. Се будиме и заспиваме гледајќи сè што се случува во светот во кој живееме, а воедно го живееме и оној виртуелниот, свесно или несвесно. За мене беше голем предизвик да ставам баланс на животот надвор од Инстаграм и внатре во него.
Тоа за мене се два различни света. Во двата света постојат истите луѓе, но со различни особини. Кога сфатив дека Инстаграм не е само место за забава, самата платформа доби друг поглед од моја страна. Треба да научиме како да го „искористиме“ Инстаграм за да успееме, а сите тоа го можеме, само потребно е да го најдеме начинот.
Во многу од случаите кога фотографирам повеќе фотографии, на местото кога ќе си бендисам некоја, некако ми се врежува во глава и кога ги гледам на компјутер веднаш ме боде во очи, па знам дека таа е таа. Искрено, потешко ми е да одлучам на која фотографија да ѝ дадам шанса да биде попрво објавена од некоја друга.
- Мојот процес на бирање на фотографии е следен:
- Ги импортирам сите фотографии во Adobe Lightroom Classic CC
- Ги разгледувам сите фотографии една по една и ставам 5 ѕвезди на сите оние што ми се допаѓаат
- Истото го повторувам повеќе пати
- Селектирам Lightroom да ми ги прикаже само фотографиите со 5 ѕвезди и ги обработувам сите
- Следува елиминирање на фотографиите кои не се толку добри од другите во одбраната листа
- На неизбраните фотографии се разбира им давам повеќе шанси и повторно ги разгледувам и листата со рангираните се збогатува
- Ова може да се повтори многу пати
View this post on Instagram
6. За да се биде професионален фотограф потребен е талент, но исто така и многу вежбање. Каков совет би им дал на фотографите аматери чија желба е да го претворат ова хоби во кариера?
Успехот во ова јас го дефинирам како збир на поединечни успеси. Поединечните успеси всушност се сите креирани фотографии.
За мене најважно е да се има око, да знаете како да ги гледате работите поразлично од другите. Техниката сите можат да ја научат и со курсеви и со факултети за фотографија и во денешно време онлајн, но окото не може да се симне од Интернет. Вежбањето и секојдневното тренирање на мозокот и задавањето на различни предизвици ќе ве водат кон патот до она што јас го викам око. Јас излегував да фотографирам да го извежбам она што сум го научил на Јутјуб не знаејќи дека всушност сум му задавал на мозокот различни задачи да се справи со нив.
Им препорачувам на сите секогаш да бидат задоволни од она што го постигнале во одредена фотографија бидејќи тоа е успех на досегашното знаење и пракса, тоа е скалило кое нè води кон нешто следно – поголемо. Не се срамете од вашите дела ако ги видите после одреден период и ги гледате со разочарување. Тоа е супер! Знам дека звучи лудо, но тоа ви укажува дека вие сте веќе подобри од пред 3 месеци кога сте ја креирале и едитирале фотографијата. Што би рекол јас, ја гледате со други очи. После некој период имате повеќе искуство во фотографијата, а и повеќе знаење. Тоа е тоа што ме мотивираше да продолжам во ова што сега го правам со љубов.
Не се споредувајте со друг фотограф. Се случува доста често да ме прашаат „Што мислиш за ова фотографија, добро ја едитирав?“, и доста често не знам да одговорам на ова, а воедно и не сакам. Причината за тоа е дека секој има различен вкус и не треба да градиме стил врз основа на туѓото мислење. Ако бидам искрен и доколку го дадам одговорот на прашањето, коригирај го ова или она – тоа веќе е мој вкус и стил на фотографија, а не на оној што ме прашал. Понекогаш можеби тоа не звучи добро да се слушне ама има ли подобро од искреноста, па индиректно ја наведувам личноста да размислува, да истражува и да го пронајде својот стил.
Мене ми беше најтешко да го пронајдам стилот кој сега го имам, ама за тоа да го достигнам лутав многу. Решението го најдов на многу едноставен начин и ќе го споделам за прв пат јавно.
Болно е да се избришат сите лични фотографии (селфиња и фотки од друштвото), но сторете го тоа. Кога ќе останат само фотографиите креирани од вас, веќе се мотивирате самите себеси со новиот изглед на профилот. Предлог опција, креирајте си приватен профил. Ако вие самите не се гледате сериозно во ова дека ќе успеете не може да очекувате другите да ве гледаат сериозно.
Целта на ова ми беше да го збогатам умот со нешто различно и успеав во тоа. Ако до тогаш на почетна гледав селфиња, кафиња и журки од тој момент почнав да гледам фотографии од светски фотографи со прекрасно реализирани идеи. Со ова го инспирирав мојот ум да се води кон такво размислување. Ако некој креирал предобра фотографија со зајдисонце на некое море, јас на само пет километри од мене ја имам браната Паљурци каде што можам на мој уникатен начин да направам фотографија. Ако одам да реализирам една идеја – следната идеја ќе дојде сама, па и третата и четвртата…
Ова е само пример да објаснам како да ја разбудите инспирацијата во вас бидејќи јас имав големи тешкотии тоа да го сторам.
Со ова ќе се мотивирате да излезете надвор и да пронајдете место за некој пејзаж. Ако сте личност што сака да фотографира луѓе, размислете на некој што би сакале да го фотографирате и направете го тоа.
Кога спомнав бришење на фотографии од вас не мислев на добри портрети од вас како што се прекрасните фотографии на @poison_grl, @donnaoctober или како фотографиите на @blazevskimarko којшто добро знае да ја раскаже приказната и со само една фотографија, а воедно и тој да е во неа.
Велат, стануваш просек од луѓето што се дружиш. Исто е и во Инстаграм животот. Ако сакаш да станеш подобар во фотографија (или за било што друго) заследи ги луѓето што го прават тоа подобро од тебе. Лудо е ова што ќе го кажам за обичен Инстаграм корисник, но не заследувајте некој со очекување тој да ве заследи вас. Ако јас заследам фотограф за мене тоа е бесплатен курс. Јас секојдневно ќе ги следам и анализирам неговите дела. Некои од нив и го раскажуваат начинот на фотографирање/едитирање на сториња.
А замислете дека на Инстаграм има премногу фотографи, сите објавуваат по многу фотографии, сите имаат различни стилови на едитирање и фотографирање, и замислете сите да ги следите? После некое време ќе сфатите на пример, дека не ве исполнува црно/бела фотографија и веднаш ќе ја елиминирате!
Не е лесно и не е потребно малку време, тоа беше за мене процес ама вредеше. Јас само се потрудив да го доловам начинот кој јас го измислив за моето напредување во фотографијата, а воедно и со него си го пронајдов стилот на фотографија. Сепак ова не е пишано правило во некоја книга.
View this post on Instagram
7. И за крај, ќе сакаш ли да споделиш некое интересно искуство со фотографијата, што позитивно ти влијаело на тебе како фотограф?
Пред неколку дена пиев кафе со една другарка. Пред кафето имав две минутно фотографирање. Таа ме праша зошто толку бргу сум завршил. Реков дека требаше да направам 2 фотки и дека ја завршивме работата. Ме праша колку наплатив. Јас одговорив дека не наплатив бидејќи беше ситница за фоткање.
Таа на тоа ми одговори: „И тостот се прави за две минути ама го наплаќаат педесет денари. Не се цениш доволно.“
До тој миг мислев дека го ценам она што го правам, ама таквите „удари“ нè поттикнуваат да размислиме одново и одново дали доволно се цениме самите себеси и дали доволно го наплаќаме тоа.
View this post on Instagram
Патувањето за мене е синоним на слобода: Прочитајте го и нашиот разговор со инстаграмџиката Елена Митковска.