Што открива уредувањето на домот за вашиот карактер?
Преку карактерот индиректно го определуваме и изборот на ентериерот. Едноставно знаеме кои се боите, нијансите, формите, шарите што нас најмногу ќе ни прилегаат и ќе направат да се чувствуваме најпријатно во сопствениот дом. Еве како следниве стилови на ентериер, ги откриваат вашите карактерни особини.
1. Минималистички дизајн
Минимализмот е стил што одговара на беспрекорно организирани и практични индивидуи. Внимаваат на секој чекор при изборот на ентериер и сакаат сѐ да се одвива според планираното. Укажува на смел, а сепак површен став спрема уредувањето на домот. За овие луѓе најважен е естетскиот аспект, квалитетот на материјалите и практичноста. Петте зборови што најсоодветно ги опишуваат се: перфекционисти, методични, ефикасни, одлучни и интроверти.
2. Скандинавски дизајн
За разлика од љубителите на минимализмот, за овие луѓе најважна е топлината и удобноста на домот. Ваквиот дизајн ја задржува строгоста и едноставноста на минималистичките линии, но присутна е и голема доза на разиграност и внимание на детали. За нив важни се пријателите и убаво поминатото слободно време. Петте карактеристики кои најубаво ги опишуваат се: дружељубиви, шик, елегантни, отворени личности, кои се љубители и на културата.
3. Поп-арт дизајн
Овој дизајн е несомнено многу кул, смел, елегантен и со огромна доза на стил. Присутноста на јаки бои и неконвенционални уметнички парчиња мебел овде се задолжителни. За разлика од претходните два типа, припадниците на овој стил се многу подинамични и помистериозни. Секој елемент има своја приказна. Укажува и на луѓе со огромен интерес за уметноста, историјата и необичните бои. Всушност, уникатни личности, кои имаат многу поразлични сфаќања од оние на мнозинството. Петте карактеристики за нив се: мистериозни, уникатни, свежи, елегантни и длабоки.
4. Шик дизајн
Овој стил е воден од елеганцијата. Луѓето кои претпочитаат ваков дизајн се среќни, позитивни, дружељубиви и оптимистични. Станува збор за нежен, лесен и светол дизајн. Нема многу парчиња мебел, но сепак просторот зрачи со креативност. Станува збор за уметнички души, кои ја ценат естетската вредност и квалитетот на елементите во домот. Петте придавки што најдобро ги опишуваат се: харизматични, отворени, свежи, уметнички души, кои се заљубени во природата.
5. Старински дизајн
Овој дизајн е комплексен и уникатен, сосема поразличен од другите. Покрај главните елементи како каучот, фотелјата и работното биро, секое уредување од ваков вид бара и различно организирање на деталите. Парчињата мебел обично одразуваат одреден историски период. Постојат одредени дизајнерски мотиви кои се типични за овој стил, како кожниот материјал, присуството на историски мапи итн. Просторот зрачи со посебност и уникатност. Петте карактеристики на љубителите на овој стил се: комплексни, одлучни, мотивирани, начитани личности и перфекционисти.
6. Јапонски дизајн
За разлика од другите уредувања, овде се работи за многу построг стил. Луѓето кои се одлучуваат за ваков дизајн ја ценат суштината на нештата, природната светлина, едноставноста и организираноста. Исто така, стилот е многу рестриктивен, бидејќи бара стриктно почитување на јапонската култура без компромиси. Петте зборови кои важат за овие луѓе се: едноставни, позитивни, организирани, енергични и умни.
7. Класичен дизајн
Нема потреба од многу објаснувања. Љубителите на класичниот дизајн ја почитуваат безвременската убавина. Тие се благородни и елегантни. Се интересираат за културата, историјата и политиката. Важна им е удобноста, а самото уредување на просторот оддава впечаток на строги, многу комплексни личности. Класиката за нив е начин на живот. Таа не е првиот избор само при уредувањето на домот, туку и при изборот на автомобил, облека итн. Во пет збора би ги опишале вака: благородни, шармантни, строги, класични и искрени луѓе.