Шармантниот Рафаело Санти: 5 занимливости за животот на познатиот италијански сликар

Шармантниот Рафаело Санти: 5 занимливости за животот на познатиот италијански сликар

Кога станува збор за најголемите уметници на италијанската ренесанса, невозможно е да не се спомене Рафаело Санти. Роден во Урбино во 1483 година, за време на својот релативно краток живот (починал во 1520 година), Рафаело успеал да стане еден од највлијателните уметници на сите времиња. Неговите дела како „Атинската школа“, „Сикстинска мадона“ и „Триумфот на Галатеја“ предизвикуваат восхит и до ден денес, а неговото име стои рамо до рамо со Микеланџело, Леонардо да Винчи, Јан ван Ајк и други ренесансни мајстори во историјата на уметноста.

Шармантниот Рафаело Санти: 5 занимливости за животот на познатиот италијански сликар

Во продолжение одбравме за вас 5 занимливости за животот на овој сликар кои можеби и не сте ги знаеле.

1. Неговиот татко бил сликар

Таткото на Рафаело, Џовани Санти, исто така бил уметник. Тој бил дворски сликар во Урбино и имал задача да слика портрети на членови на дворот како и религиозни слики. Џовани починал кога Рафаело имал 11 години, така што не е голема веројатноста дека научил многу работи за сликарството од својот татко. Од друга страна, несомнено е дека уште од мали нозе научил да ја цени вистинската уметност.

2. Учителот на Рафаело бил сликар на раната ренесанса

На 17-годишна возраст, Рафаело имал доволно вештини за да отвори свое ателје. Сепак, во тоа време младите уметници извесно време работеле кај познати и постари сликари. Од таа причина, во 1498 година Рафаело се преселил во Перуџа каде што во следните две години работел кај најпознатиот сликар во овој град, Пјетро Перуџина. Интересен е податокот дека токму Перуџина ја добил задачата од папата Јулиј II да ги наслика одаите во Ватикан, но на крајот сепак морал да му ја препушти работата на својот ученик, чиј стил папата го претпочитал.

3. Микеланџело бил негов голем ривал

До моментот на пристигање на Рафаело во Рим во 1508 година, Микеланџело веќе работел за папата Јулиј II. Младиот сликар бил задолжен за фреските во Ватикан во исто време кога Микеланџело го сликал таванот на Сикстинската капела. Тоа предизвикало големо ривалство меѓу овие двајца уметници. Микеланџело не бил воодушевен што неговиот помлад колега добил толку големо признание за својата сликарска техника и сметал дека тој го копира неговиот стил. Друг занимлив податок е дека Рафаело го насликал Микеланџело на неговата фреска „Атинска школа“.

4. Рафаело бил многу шармантен

За време на детството поминато со својот татко на дворот во Урбино, Рафаело научил како да се однесува во општеството. Тоа многу му помогнало подоцна кога добивал нарачки од луѓе од елитните кругови, но му овозможил и добра соработка со другите уметници. Неговиот шарм се покажал и како успешно средство за пронаоѓање љубовници. Рафаело никогаш не се оженил, но бил во долга врска со Маргерита Лути која позирала за неговиот познат портрет „Ла Форнарина“.

5. Рафаело имал многу асистенти

Во сликарското ателје на Рафаело биле вработени дури 50 асистенти. Тие завршувале голем дел од неговите слики, а неретко и сликале врз основа на неговите цртежи. Тоа било вообичаена практика во тоа време што му овозможувало на Рафаело да прима нови нарачки од богати поединци како и црковни лица.

Откако ги прочитавте овие занимливости за Рафаело, можеби ќе сакате да ја прочитате и возбудливата животна приказна на Леонардо да Винчи сè уште покриена со мистериозни тајни.

Извор: nationalgeographic.rs


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Вљубеничка во книжевноста, музеите и патувањата. Исто како и Борхес, рајот си го замислува како огромна библиотека.

Поврзани содржини

Остави коментар