Патувањето за мене е синоним на слобода: Разговор со инстаграмџиката Елена Митковска

Патувањето за мене е синоним на слобода: Разговор со инстаграмџиката Елена Митковска

Елена Митковска е личност чиј професионален, но и приватен живот ѝ се вртат околу патувањата. Нејзината професија е туристички водич и таа е магистриран консултант за организација на патувања, па тоа ѝ овозможува целосно да се посвети на сè што е поврзано со патувања. Сака фотографија, но не е професионален фотограф, иако ѝ доаѓа природно да ги документира сите тие убавини што ги гледа за време на нејзините прошетки низ светот. Сака патувања во сопствена режија и одвреме-навреме знае да патува и целосно сама.

„Патувањето за мене е синоним на слобода. Слобода да го правите тоа што го сакате и да бидете тие што сакате да бидете, без извинувања, без очекувања, без предрасуди. Чувството кога знаете дека единствената работа за којашто треба да се грижите е што да јадете и каде да спиете тој ден е неописливо. Додека патуваме немаме време за грижи – само време да се направат најубавите искуства и најубавите спомени, време да созрееме и на моменти да го цениме многу повеќе она што го имаме. Токму ова се главните причини поради кои патувам. За мене патувањата се еден вид медитација бидејќи само тогаш успевам да бидам тука и сега. А пак луѓето кои ги запознаваме и животните приказни кои ги слушаме понекогаш комплетно може да ни го сменат животот“, ни објасни Елена.

Прочитајте го нашиот разговор во продолжение и запознајте ја Елена подобро, додека истовремено и уживате во нејзините фотографии…

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Travel Mood ON 🌎 (@elencemi) on

1. Како би се опишала себеси со само неколку зборови, која е твојата приказна и како ја разви страста за патување?

Би се опишала себеси како личност којашто сака да живее надвор од удобната зона, па токму така започна и мојата приказна. Уште пред десетина години решив да излезам од мојата Скопска удобна зона и да го продолжам моето образование во Италија. Имав неколку самостојни патувања и пред тоа, кога прв пат почнав да водам и блог, но за време на мојот живот надвор активно започнав да патувам.

Пред десетина години, за разлика од денес, не беше баш лесно да се патува од Македонија, па моето живеење надвор ми овозможи да патувам почесто и полесно низ Европа. Во тоа време сретнав многу луѓе коишто ја делеа истата страст за патувања како и јас, па така го користев секој слободен момент да фатам воз и да отидам некаде. На пример, во Италија ми се случувало да станам и да отидам на железничка, но да не знам каде сакам да одам, па решавав на лице место. Секако, стануваше збор за соседно гратче или италијанско селце, но искуството беше уникатно.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Travel Mood ON 🌎 (@elencemi) on

2. Забележавме дека сакаш да патуваш низ Македонија и дека уживаш во нејзините скриени богатства. Можеш ли да ни издвоиш 3 дестинации во границите на нашата држава кои те оставаат без здив и да ни објасниш зошто ги избра токму нив?

Сакам да патувам низ Македонија и наскоро планот ми е тоа да го правам многу почесто. За жал, како и повеќето Македонци, јас не си ја познавам доволно сопствената земја и тоа е еден голем мотив поради кој наскоро сакам да го запознам секое делче од Македонија.

Ќе го прошетаме светот и кога нас ќе ни дојдат гости од странство, ќе ги однесеме на класичните туристички места и сфаќаме дека всушност не си ја познаваме доволно сопствената земја. Бидејќи мојата професија е поврзана токму со туризам и претставување на нашата земја на странците кои ја посетуваат, мојот совет за три поразлични дестинации којшто им го давам е да ги посетат Кратово, Националниот Парк Маврово и селцата во него и Крушево. Сите овие места имаат некоја посебна убавина и нешто уникатно што може да го воодушеви секого. Имаат убавина, традиција, култура и најважно од сè превкусна храна.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Travel Mood ON 🌎 (@elencemi) on

3. Од друга страна пак, кои се 3-те дестинации надвор од Македонија што би ги издвоила како најневеројатни според твоето досегашно искуство?

Најневеројатните дестинации ширум светот, за мене дефинитивно остануваат Перу, Бразил и Боливија.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Travel Mood ON 🌎 (@elencemi) on

4. Колку држави имаш досега посетено и каде планираш да патуваш во текот на 2019 година? Исто така, кое е најдалечното место од тука што некогаш би сакала да го посетиш?

Немам посетено многу држави ако правам споредба со други патувачи коишто на 20 години веќе го виделе половина свет. Мислам дека мојата бројка изнесува околу 45 држави. Но, дефинитивно не сум една од оние патувачи коишто патуваат само поради бројка. Секојдневно среќавам такви луѓе коишто трчаат низ Балканов на по еден ден токму поради таа бројка. Мислам дека филозофијата на патувањето е нешто сосема поразлично.

Најдалечното место коешто би сакала да го посетам е „Крајот на светот“, односно Патагонија, што се наоѓа на екстремниот југ од Јужна Америка. Останати дестинации од мојата листа се: Фарските Острови, Бутан, Оман, Костарика, Гватемала, Еквадор, Колумбија и сè што е поврзано со Јужна Америка.

Уште немам решено каде точно ќе патувам оваа година, бидејќи многу често тоа зависи и од организацијата за каде ќе се најде некоја евтина карта, но бидејќи преферирам да патувам за време на нашиот зимски период, имам доста време да размислам. Дефинитивно нешто далечно и топло. А како сигурна дестинација, секоја година на мојата листа е Италија.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Travel Mood ON 🌎 (@elencemi) on

5. Кое е најлудото нешто што некогаш ти се случила на твоите патувачки авантури?

Дефинитивно не можам да одвојам едно најлудо нешто, па затоа ќе споделам повеќе… Прво е искуството кога со мојата пријателка пристигнавме во главниот град на Боливија многу подоцна од предвиденото, каде што не е баш најбезбедно да се биде надвор навечер, и во таа дождлива ноќ не можевме да го најдеме нашиот хостел бидејќи куќите не им беа нумерирани, па моравме да тропаме од врата на врата. Уште едно искуство од Боливија што вреди да се спомене е тоа кога за да стигнеме од Ла Паз до солената пустина мораше да одиме со ноќен автобус во којшто тоалетот беше со огромен прозорец од горе до долу наместо со ѕид накај патот.

Следува еден настан во Копакабана во пет часот наутро, кога излеговме со цел да фотографираме изгрејсонце, но поради сомнителен човек којшто ни ги побара нашите телефони завршивме со трчање низ Копакабана.

На оваа листа мора да се најдат и истражувањето на најопасните населби во Салвадор де Баија со локален автобус по грешка, посетата на едно село во Боливија на 5.000 метри надморска височина каде што во еден разговор со група Бразилци откривме дека дечкото на мајката на една од девојките е од Македонија, заглавувањето во воз којшто го спремале за заклучување и носење во гаража, одењето низ фавела и качувањето низ шума со разни животинки во четири часот наутро за да го видиме најубавото изгрејсонце над Рио де Жанеиро, првиот час по бордање на песок во Перу со 12-годишен шампион и уште милион адреналински случки поради кои што ќе продолжам да патувам и истражувам…

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Travel Mood ON 🌎 (@elencemi) on

6. Каков совет би им дала на новите Инстаграм авантуристи што сакаат да објавуваат неверојатни и незаборавни фотографии од своите патувања со цел да привлечат внимание кон својот профил, па можеби дури и да го претворат во бизнис?

Гледам дека во последниве две години многу луѓе сакаат да станат блогери за патувања, па секојдневно забележувам преубави фотографии, но без приказна и никаква порака зад тоа, а и сите ми делуваат некако исто. Мене лично, за да ми привлече внимание некој профил, треба да има еден вид баланс, да се опфатат повеќе аспекти од патувањето, да нема само совршено обработени фотографии и средени луѓе на нив, бидејќи сите знаеме дека за време на патувањата не е сè баш така совршено.

Мој совет до сите: барем еднаш во животот заборавете на стравот и тргнете некаде сами – што подалеку тоа подобро. Тоа ќе биде животно искуство коешто вечно ќе го паметите. И верувајте дека секогаш, ама баш секогаш кога ќе се соочите со некоја потешкотија за време на патувањето ќе се појават луѓе коишто ќе ви помогнат. Ова се докажало многупати за време на моите патувања.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Travel Mood ON 🌎 (@elencemi) on

Авантури, забава и незаборавни спомени: Прошетајте низ светот со блогерката Софија Јанева!


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Дипломиран психолог кој обожава да пишува. Автор на научно-фантастичната книга „На работ од времето“. Животно мото ѝ е дека не смее да помине ниту еден ден без кафе и танцување.

Поврзани содржини

Остави коментар