Нијас Шаботиќ нè носи на патување со најслаткото комбенце низ Македонија
Нијас Шаботиќ е вљубеник во фотографија, креативец, авантурист и визионер, кој доаѓа од најзначајната и најдинамичната област на економијата – маркетингот. Тој е целосно ориентиран кон развивање нови брендови и проучување на однесувањето на потрошувачите, дизајнирање на успешни стратегии и кампањи за оние на кои развојот им е неопходен.
„Уживам во секој ден од мојот живот затоа што го живеам на поинаков, динамичен начин, го правам она што најмногу го сакам и го работам тоа што од секогаш било мој сон“, ни објасни тој.
Но, тоа по што Нијас се разликува од останатите, е интересното комбенце што го наследил од својот дедо. Па, ако сакате да дознаете нешто повеќе за него, како и за комбенцето што го има, продолжете со читање…
View this post on Instagram
1. Како почна приказната за најслаткото комбенце во Македонија? Дали го купи или го наследи и како се разви идејата да го уредиш на овој начин?
Приказната за комбенцето постои уште од кога знам за себе, бидејќи претходно беше во сопственост на мојот дедо, кој впрочем е и неговиот прв сопственик. Но, дури откако го добив како подарок се роди мојата љубов кон него. За да изгледа онака како што изгледа денес вложив многу труд и внимание, така што постепено со текот на годините го уредував претежно во внатрешниот дел, додека пак од надворешна страна освен редовното бојадисување нема претрпено некои поголеми промени. Сегашниот надворешен изглед е идентичен со изгледот кој го имало комбето во далечната 1979-та година, а единствена разлика се самолепливите ленти кои служат како декор кој одвреме-навреме го менувам.
View this post on Instagram
2. Колку често патуваш со него, кои ти се омилените дестинации што си ги посетил досега и како изгледаат овие авантури од твоја перспектива?
Патувам речиси секојдневно во последниве неколку години, затоа што комбето е во целосно исправна состојба и навистина е неверојатно задоволство да се вози вакво возило, особено низ Скопските улици. Не можам да опишам колкаво е задоволството кога го возам најслаткото комбенце низ градовите, особено кога ги гледам реакциите, емоциите и насмевките на луѓето. Интересно е што секогаш кога е паркирано, околу него има група луѓе кои континуирано се фотографираат. Инаку најчесто го возам низ Македонија, бидејќи се работи за олдтајмер произведен во 1979 година, па затоа и не излегувам често надвор од границите на нашата држава.
Но, тоа не било отсекогаш така. Во минатите децении комбето примарно се користело и за работните потреби на компанијата на мојот дедо, чиј фокус се бои и лакови и сè уште опслужува на пазарот. Комбето и ден-денес го носи името на компанијата – „Суна комби“. За разлика до денес, со комбето многу се патувало и најчести дестинации биле старите југословенски земји, Украина, Русија…
Меѓу идните планови е пролетната програма за патувања на места каде што имаме многу покани од сопственици на исти вакви комбиња, кои нè очекуваат со нетрпение. Најверојатно ќе патувам со друштвото и со сигурност ќе биде уште едно незаборавно искуство.
View this post on Instagram
3. Ако можеш да земеш неограничен одмор и да отпатуваш некаде со твоето комбенце, каде би било тоа и колку време би траело ова патување?
Ако би добил неограничен одмор, макар што е многу тешко, сигурно би заминал за Јужна Америка, а ова патување би траело околу 4-5 месеци. Ја одбирам Јужна Америка бидејќи има многу необични дестинации, навистина интересна култура и е многу контрастна во споредба со Европа од многу аспекти.
View this post on Instagram
4. Кога станува збор за патување, сите ние обожаваме да црпиме инспирација од Инстаграм профили. Кои профили би ги препорачал ти за љубителите на патувањето?
За сите кои сакаат да следат профили на слични комбиња би ги препорачал пријателите од Arroundgaia, vanlifecamper и project.vanlife.
View this post on Instagram
5. И за крај, дали би сакал да го споделиш најубавиот и најнезаборавниот момент што некогаш си го доживеал со твоето комбенце?
Има многу моменти кои се навистина незаборавни, впрочем секое тргнување на подолга дестинација е посебна авантура и навистина неверојатно доживување. Можеби еден од најнезаборавните моменти беше кога со Филип Поповски (Готвиме со Фичо) снимавме серијал на епизоди за готвење со моето комбенце кое беше дел од целиот проект. Почнувајќи од самата идеја, па сè до реализацијата, проектот изгледаше навистина магично. Ова беше неверојатно искуство и незаборавен момент за мене бидејќи сум фотограф и голем гурман.
Речиси секој позначаен проект на кој работам сакам да биде дел и од приказната на комбето. Затоа правам успешен спој на добрите фотографии и видеа со уникатното комбе кое веќе сите оние кои ме знаат го поврзуваат и со мојата работа и со мојот приватен живот.
View this post on Instagram
Вивнете се високо во воздухот со Горан Кузмановски, талентиран фотограф и бестрашен авантурист.