Неверојатни цркви и катедрали
Црквите и катедралите најчесто се наоѓаат во центарот на светските метрополи, иако има и такви кои се наоѓаат далеку од градскиот метеж. Но, независно од нивната локација, тие секогаш предизвикуваат стравопочит кај луѓето. Следуваат најспектакуларните цркви и катедрали во светот.
Базиликата Свети Марко во Венеција
Најпознатата црква во Венеција, базиликата Свети Марко, е одличен пример за византиската архитектура. Го зазема централното место на плоштадот Свети Марко. Со неверојатен дизајн, оваа црква некогаш се сметала за статусен симбол на венецијанското богатство и моќта, а заради позлатените мозаици во 11-от век била наречена „Црква од злато“. Од 1807 година, катедралата е седиште на Римокатоличката Архиепископијата на Венеција.
Катедралата Свети Василиј во Москва
Катедралата на Свети Василиј е препознатлива по автентичните шарени куполи. Се наоѓа на Црвениот плоштад уште од средината на 1500-те години, кога била изградена од Иван Грозни во чест на победата на Русите над Татарите. Девет од десетте куполи ги означуваат победите на руската армија, додека десеттата купола го означува погребот на Свети Василиј, познат како „светата будала“.
Катедралата Лас Лахас во Колумбија
Според легендата, двајца патници ги фатила бура кога здогледале привидение на Пресвета Богородица на карпата каде што удрил гром. Во таа чест биле изградени многубројни светилишта кои денес се обединети во катедрала Лас Лахас во Колумбија. Во составот на оваа неоготска катедрала, изградена во кањон на границата помеѓу Колумбија и Еквадор, се наоѓа и карпата на која се покажало привидението.
Катедралата Нотр Дам во Париз
За време на 19-от век, Нотр Дам била во толку очајна состојба што архитектите сметале дека ќе се сруши. Новелистот Виктор Иго, кој го обожавал францускиот готски стил, го напишал романот „Ѕвонарот на Богородичната црква“ со цел да го привлече вниманието кон лошата состојба во која се наоѓала катедралата. Успехот на неговиот роман предизвикал зголемен интерес за обновување на катедралата, со што во 1845 година таа веќе била целосно реставрирана.
Катедралата во Келн, Германија
За изградба на огромната готска катедрала во Келн биле потребни повеќе од 600 години; изградбата започнала во 1248, а завршила во 1880 година. Катедралата сè уште му пркоси на времето, иако издржала неколку напади за време на Втората светска војна. Во оваа катедрала се наоѓа златниот саркофаг во кој се моштите на тројцата Мудреци кои први го посетиле бебето Исус.
Капелата на Светиот Крст во Аризона
Капелата на Светиот Крст во југозападниот дел на Аризона, со децении ги привлекува верниците. Заради необичната поставеност на оваа капела, многу верници веруваат дека капелата на Светиот Крст „расте“ од подножјето на карпите кои се карактеристични за овој дел од Аризона.
Саграда Фамилија во Барселона
Огромната Саграда Фамилија е ремек-дело на Антонио Гауди, кој и самиот е погребан во оваа катедрала. Гауди го предводеше овој проект уште од 1883 година, го промени дизајнот според неговиот модернистички стил и продолжи да работи сè до неговата смрт во 1926 година. Според оригиналниот план на Гауди, катедралата треба да има 18 кули и да биде доволно голема за да собере 13.000 луѓе. Изградбата на Саграда Фамилија сè уште трае, а според некои проценки, ќе заврши во 2026 година.
Аја Софија во Истанбул
Позната по своите масовни куполи, Аја Софија е типичен пример за византиската архитектура. Околу 1000 години Аја Софија беше најголемата катедрала во светот, сè до 1520 година, кога беше изградена катедралата во Севиља, во Шпанија. Првично изградена како црква меѓу 532 и 537 година, Аја Софија подоцна станала патријархална базилика, потоа џамија, а сега е музеј со богат ентериер, вклучувајќи ги и сложените мозаици и мермерните декорации на подот и столбовите.
Вестминстерската опатија во Лондон
Традиционалното место за крунисување и погребување на членовите од англиското кралско семејство, Вестминстерската опатија е дел од црквата Свети Петар во Лондон. Изградена е во готски стил и се наоѓа западно од Парламентот. Во 1998 година, кралицата Елизабета II претстави 10 статуи од христијанските маченици на 20-от век, меѓу кои се наоѓа и статуата на Мартин Лутер Кинг.
Базиликата Свети Петар во Рим
Базиликата Свети Петар, која се наоѓа во Ватикан, се смета за едно од најсветите христијански места. Според католичката традиција, оваа базилика е местото каде што се наоѓа гробот на Свети Петар, еден од 12-те апостоли и првиот епископ на Рим. Во текот на 16-от век, уметникот Микеланџело работел интензивно на базиликата и го дизајнирал нејзиниот врв Кампидољо. Во декември 2007 година, во архивата на базиликата е пронајден цртеж нацртан со црвена креда за кој се смета дека е дело на Микеланџело.
Катедралата Свети Исак во Санкт Петербург
Изградена во традиционален руско-византиски стил, катедралата Свети Исак во Санкт Петербург има една голема централна купола и четири помали куполи. Оваа катедрала е најголемата во Санкт Петербург. Посветена е на Свети Исак Далматински, светецот – заштитник на Петар Велики. Во текот на Втората светска војна, златната купола била обоена сива за да биде помалку воочлива за непријателските авиони.
Катедралата во Севиља, Шпанија
Катедралата во Севиља е најголемата римокатоличка средновековна готска градба во светот. На местото каде што се наоѓа оваа катедрала претходно се наоѓала џамија. Катедралата била изградена за да го прикаже богатството на Севиља преку раскошно украсениот ентериер во кој доминира златото. Во неа се наоѓа голема колекција на верски накит и уметнички слики, а тука е сместен и гробот на Кристофер Колумбо.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.