Неверојатна скулптура што ја прикажува нашата опсесија со технологијата
Замислете си тројца луѓе седнати на клупа, целосно внесени во нивните телефони игнорирајќи го нивното меѓусебно присуство. Ова е честа глетка, но овој пат не станува збор за реално искуство, туку за навистина паметна уметничка инсталација. Како дел од Фестивалот на светлината во Амстердам, агенцијата за дизајн „Design Bridge“ ја направила инсталацијата наречена „Апсорбирани од светлината“.
Скулптурата била инспирирана од изолирањето што го предизвикува модерната технологија и е идеја на дизајнерката Гали Лукас.
„Во зима, кога порано се стемнува, можете да видите луѓе низ целиот град кои се осветлени од светлината на нивните телефони. Во паркови, кафетерии, па дури и на нивните велосипеди. Навистина е морничаво. Оваа светлина која владее со нашите животи понекогаш ни е единствената поврзаност, а сепак целосно нè изолира. Не оттргнува од реалниот свет.“
За да ја оживее нејзината визија, Лукас соработувала со скулпторката од Берлин, Каролин Хинц. Штом скулптурата била однесена и склопена во Амстердам, навистина оживела. Ова дело испраќа моќна порака и нè тера да размислиме за нашите навики.
Самото дело е неутрално и не предизвикува позитивен или негативен поглед на ситуацијата. Едноставно, само ја отсликува реалната сцена на којашто секојдневно сведочиме. Останува на нас, гледачите, да ја интерпретираме на свој начин. Лукас се надева дека ќе ги натера луѓето да разговараат за улогата на технологијата во нашата социјална интеракција.
„Не се обидувам да испратам конкретна порака за да го променам однесувањето на луѓето. Само се надевам дека тие објективно ќе размислуваат за белата светлина на технологијата и за нејзината улога во нашите животи. Повеќе е како набљудување и се надевам дека ќе ги натера луѓето да разговараат.“