Не е лесно да се биде уметник во Македонија: Разговор со талентираниот сликар Оливер Настески

Не е лесно да се биде уметник во Македонија: Разговор со талентираниот сликар Оливер Настески

Оливер Настески е роден во април 1988 година во Скопје. Тој го завршил своето средно образование во училиштето Лазар Личеновски, и земал факултетска и магистерска диплома од ФЛУ, отсек сликарство. Тој неодамна работел како конзерватор и 2Д илустратор за игри и анимација во Lynx Animation Studios, но исто така подработувал и фриленс на Elance и Upwork. Но, неговата работа сè почесто се насочува кон изработка на слики за клиенти, како и кон фотографирање. Оливер своето слободно време го исполнува со планинарење и фотографирање пејзажи, со цел да се оттргне од гужвите, бидејќи како интроверт тоа отсекогаш го привлекувало. Ако сакате да дознаете нешто повеќе за овој талентиран артист и фотограф, прочитајте го нашиот разговор со него во продолжение…

1. Кога прв пат ја забележа желбата за сликање и дали се сеќаваш на твоето прво уметничко дело? Што е тоа што те инспирира да црташ?

Желбата се појави во детството, уште во основно училиште. Додека сите едвај чекаа да излезат надвор, јас останував во училницата и цртав брзи скечеви по тетратките и учебниците. Буквално цртав сè што прво ќе ми дојдеше на ум. Моето прво уметничко дело беше во шесто одделение кога имаше натпревар за цртање. Во тој период дома имав слика принт од „Читачот“ (The Reader) од Жан-Оноре Фрагонар од која направив репродукција и добив прво место. Поддршката од моите родители и пријатели многу ми значеше и ми даде поголема самодоверба да продолжам со цртање и сликање. Инспирација црпам од повеќе работи, но најмногу ме инспирира природата и нејзините комбинации на бои, тонови и форми кои можат да се најдат во неа.

2. Како се подготвуваш за сликање? Дали имаш некоја посебна рутина или пак, целосно ѝ се препушташ на инспирацијата кога ќе те освои?

Најпрво го подготвувам платното што треба да се оптегне на блинд рамката и да се грундира, а потоа започнувам со сликање онака како што ми била замислата. Сликам секогаш кога сум слободен, најчесто навечер после полноќ. Желбата за сликање ми е најголема во тој период бидејќи градот „спие“ и нема кој да ми го одвлекува вниманието.

3. Која е разликата помеѓу цртањето на платно и дигиталното цртање? Во која од овие техники наоѓаш поголемо задоволство и зошто?

Разликата помеѓу сликањето на платно и дигиталното сликање е тоа што кога сликате со масло на платно ја чувствувате текстурата на платното и отпорот на маслото. Резултатите од движењата се инстантни и материјалите се опипливи. Кај дигиталното цртање, што е на мазна површина, ја нема таа разлика во текстурата, ниту пак има отпор. Исто така може да се наиде и на „проблеми“ како доцнење на движењето. Од друга страна пак, кога ќе повлечете потег на платно, не можете толку лесно и брзо да го отстраните како на компјутер и да почнете одново. Мене лично повеќе ми се допаѓа и најголемо задоволство добивам од „масло на платно“, бидејќи ме привлекува тој бавен и едноставен процес на подготовка и сликање.

4. Што претставува твојата уметност? Дали сакаш да пренесеш некоја порака, или пак црташ за своја душа?

Сето тоа што го сликам, го сликам за себе и за свое лично задоволство. Природата ја пренесувам на платно и многу е убаво чувството што го добивам кога ќе завршам со нова слика и ќе креирам нешто ново. Задоволството е најголемо кога го имам готовиот производ пред себе онаков каков што сум го замислувал и емоцијата којашто сум сакал да ја пренесам со него.

5. Како е да се биде уметник во Македонија? Дали е тешко да се успее и дали може да се живее од таа работа?

Моето досегашно искуство укажува на тоа дека не е лесно да се биде уметник во Македонија бидејќи луѓето сè уште ја гледаат уметноста како непотребен луксуз или луксуз што не можат да си го дозволат. Сепак може да се живее од таа работа преку странски сајтови каде што ги промовирате и продавате своите слики. Друг начин на заработка е сликање по нарачка за луѓе коишто ја сакаат уметноста и можат да си го дозволат тоа.

6. И за крај, каков совет би им дал на младите уметници во Македонија што сакаат да го претворат своето хоби за цртање во платена работа со полно работно време?

Ако го сакате тоа што го работите, најважно е да не се откажувате бидејќи секој почеток е тежок, но со труд и желба се постигнува успех. Потребно е многу работа на ова поле каде што никогаш не престанувате да учите. Секогаш треба да се има одредена доза самокритичност која ве поттикнува на усовршување во својата работа. Треба да научите да се промовирате самите себеси или да најдете некој што ќе го прави тоа за вас. Исто така доста корисно е учеството на натпревари и настани, како и користењето голем број странски веб-сајтови кои нудат услуги за уметници.

Запознајте ја и Спасија Филипова, македонска уметница чии реалистични портрети ќе ве остават без здив.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Дипломиран психолог кој обожава да пишува. Автор на научно-фантастичната книга „На работ од времето“. Животно мото ѝ е дека не смее да помине ниту еден ден без кафе и танцување.

Поврзани содржини

Остави коментар