Музејот на Викторија и Алберт
Автор: Симона Ристоска
Познат и под името „V&A“, музејот се наоѓа во областа Бромптон, Лондон и претставува најголемиот музеј во светот за декоративна уметност и дизајн, со постојана колекција од 4,5 милиони предмети. Именуван е по принцот Алберт и кралицата Викторија, а основан е во 1852 година. Оттогаш до денеска се формирани вкупно 145 галерии како дел од музејот. Колекциите опфаќаат уметност од последниве 5 милениуми, од античките времиња до денес, а можат да се сретнат културите на Европа, Северна Америка, Азија и Северна Африка. Во него можат да се видат предмети од керамика, стакло, текстил, сребро, разни носии, накит, мебел, скулптури, цртежи, фотографии, и буквално сè што не би можеле да го видите ниту на едно друго место.
- Во 2006 година музејот го посетиле 2,37 милиони луѓе, што е највисока бројка на посетители до сега.
- Музејот всушност ги вклучува Националната библиотека на уметноста, Музејот на детството и театарската колекција (национална колекција поврзана со Британската театарска сцена).
- Од 2008 година отворена е изложбата „Олимписки постери“ токму во периодот на започнување на Олимписките игри во Пекинг, а истата ќе биде достапна за посетителите сè до Олимписките игри во Лондон, кои ќе се одржуваат оваа година. Како дел од изложбата, вклучен е и Олимпискиот факел од игрите во 1948 одржани исто така, во Лондон.
- Преку 1.500 тетовирани луѓе го посетиле музејот во 2000 година, на првиот „V&A ден на рекорди“ за да бидат фотографирани за дигиталната архива на тетоважи.
- Музејот на Викторија и Алберт има долгогодишна соработка со Кралскиот колеџ на уметност, со што обезбедуваат постдипломски студии за историја на дизајн.
- За да се осигури дека колекциите се чуваат во оптимални услови, 800 мали радио предаватели се позиционирани низ музејот за мерење на температура и релативна влажност на секои три минути.
- Првиот директор Сер Хенри Кол, во 1857 година го опишал музејот како „засолниште за сиромашни колекции“ , а дури век подоцна, Сер Рој Стронг го нарекол „екстремно просторна чанта“.
- Ова бил првиот музеј во светот кој отворил јавен ресторан. Менијата биле поделени за посетители од прва и од втора класа, но постоеле и менија за третата класа, односно за работниците кои работеле на зградата на музејот и за обичната скромна работничка класа која сакала да го посети.
- Исто така, овој музеј е првиот во светот кој користел светилки на гас за осветлување на галериите во вечерните отворања.
- Музејот поседува приближно 17. 500 скулптури и 10.500 слики, што е повеќе отколку што поседува Националната галерија на Велика Британија.
- Тигарот на Типу (Tippoo’s Tiger) долго време бил еден од најпопуларните предмети изложени во музејот. Дрвениот модел на тигар кој напаѓа војник бил направен за Султанот Типу, владетелот на Мајсор во Индија во 70-тите.
- Најмалиот објект кој се наоѓа во Музејот на Викторија и Алберт, е всушност колекција од стаклени тегови кои служеле за мерење на монети. Тие датираат од периодот помеѓу осмиот до десетиот век. Биле најдени во Египет, на нив има арапски написи, а некои од нив се помали од 1 сантиметар во дијаметар.
- Како дел од колекциите е и познатата копија на првата комерцијално направена божиќна честитка, којашто била креирана од страна на првиот директор Сер Хенри Кол, во 1843 година.
- Во сопственост на музејот е и „Големиот Кревет од Вер“, кој е најпознатиот кревет во Велика Британија.
- Кралицата Викторија била шокирана од голотијата на добро познатата скулптура на Микеланџело, Давид, чија копија била изработена од гипс за музејот во реална големина. Било наредено да се изработи, соодветно на пропорциите, а смоквиниот лист го прицврстувале со куки секогаш кога доаѓале достоинственици да ја посетат скулптурата. Денес, смоквиниот лист не се наоѓа на скулптурата, туку во кутија во нејзина близина.
- Првиот модел кој некогаш дизајнирал сопствена линија на облека е Твиги, а токму музејот поседува мини фустан од „Твиги“ колекцијата која ја дизајнирала во 60тите.
Голем дел од експонатите се опфатени и во ова видео.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук