Моќна скулптура на врвот на берлинска црква како потсетник за глобалната бегалска криза
Одново и одново уметниците ја користат својата креативност за да ја покренат свеста за важни општествени прашања. Овој пат темата е тековната светска криза претставена преку имагинацијата на шпанскиот уметник Пејас. Тој дошол до идеја да изработи скулптура на мало дете во елек за спасување. Скулптурата е поставена високо на црквата на Светиот Крст во берлинската населба Кројцберг. Детето на скулптурата е претставено како со едната рака се држи за крстот на врвот од куполата, а во другата испружена рака држи светилник. Јасно може да се прочита пораката за помош пред неизбежната опасност.
Инсталацијата е насловена како „Без земја“ и е поставена на врвот од берлинската црква со нејзина дозвола. Има за цел да им остави до знаење на гледачите за тешкотиите и предизвиците на бегалците од сите возрасти. Во текот на изградбата, нејзиниот скулптор соработувал со Sea-watch (германска невладина организација која спроведува хуманитарни мисии за спасување мигранти на Медитеранот) и DOJO Cares (агенција со канцеларии во црквата).
Спроти црквата е поставен двоглед што им овозможува на гледачите да го погледнат делото одблизу. Двогледот им овозможува на гледачите на метафоричен начин да го премостат растојанието и да престанат да ги ословуваат бегалците како „тие“. Со оглед на тоа дека до крајот на 2020 година биле раселени околу 82 милиони луѓе поради прогон, насилство и кршење на човечките права, повеќе од јасно е дека овој проблем нè засега сите. Посетителите исто така имаат можност и да скенираат QR-код што ќе ги однесе до веб-страница каде можат да дознаат повеќе информации за добротворната кампања на црквата и организацијата Sea-watch.
Откако прочитавте за оваа неверојатна скулптура со моќна порака, можеби ќе сакате да прочитате и за импресивната скулптура во Венеција што испраќа порака за единство.
Извор: mymodernmet.com