Масичка за фудбал од 68.000 долари
Дали ги паметите забавните маси за играње фудбал, кои порано можеа да се најдат во секоја флиперница? Епа, забавата на ваквите маси се искачи на едно многу повисоко ниво, откако компанијата „Gro“ реши да ја создаде масата „The beautiful game“ (Прекрасната игра). Елеганцијата и луксузот се во преден план на оваа сјајна, хромирана масичка за фудбал, која е создадена благодарение на инспирацијата од стадионите низ светот..
„Многу од новите стадиони изградени во последниве години имаат силна архитектурна и скулпторна убавина и притоа постануваат знаменитости во градовите и ја подобруваат нивната локална визуелна средина. Ние сакавме да ја направиме нашата маса еднакво спектакуларна и незаборавна, збогатувајќи го просторот каде што ќе биде поставена.“ – велат од компанијата
Во дизајнот на масата, компанијата „Gro“ вклучила и шармантен мини манифест во кој пренесуваат порака против стерилниот и асоцијален начин на играње видеоигри во оваа дигитална ера. Играњето на маса за фудбал е многу повеќе од само вртење на рачките, бидејќи вклучува тактика, возбуда и многу изненадувања, сè што треба да има во еден спорт. Па доколку ви се допаѓа ова што го гледате и сакате да додадете еден ваков луксузен и стилски елемент во вашата куќа, спремете си, ни повеќе ни помалку, туку 68.000 американски долари.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.