Претходно
Мајмун црта уметнички дела кои вредат 400 долари
Автор: Весна Јовановска
Покетс Ворхол е мајмун кој слика апстрактни дела вредни стотици долари. Сликите ги изработува со неговата опашка, раце и нозе, а понекогаш користи дури и четка за сликање.Неколку од неговите дела се продадени по околу 400 долари. Мајмунот Ворхол, веќе две години живее во засолништето за примати „Story Book“ во Канада, но со уметноста се дружи од пред една година, кога еден од волонтерите со цел да го анимира, му дал нетоксични бои за деца. Понекогаш наместо да слика, тој преферира да ги изеде боите. Името го добил по американскиот сликар и лидер на поп-арт движењето Енди Ворхол, но не заради стилот на изразување, туку заради неговата бујна и дива бела коса. Волонтерите во засолништето се шегуваат дека иако го нарекле Ворхол, сепак неговата уметност е повеќе во стилот на Џексон Полок. Покрај од Канада, за делата на овој несекојдневен мајмун интерес пројавиле љубители на уметноста од Израел и од некои европски земји. Уметноста на Ворхол ја нарекуваат апстрактна, експериментална и разнобојна. Парите што ги заработува од продажбата на неговите слики ќе бидат наменети за изградба на нова штала во засолништето во Канада. Овој талентиран мајмун има и уметничко шоу. Четириесет од неговите дела ќе бидат изложени во Торонто во наредните два месеца.
———————————————————————————————————————————————————————
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.