Креативни идеи за декорација на вашата тераса, совршеното место за утринското кафе
Скоро секоја куќа или стан има и тераса. Но, многу често овие мали бесценети простори се запуштени и претворени во неуредно складиште за сите оние непотребни нешта за кои нема место во вашиот дом. Во секојдневието кога стресот скоро и да не може да се избегне, човекот има исклучително важна обврска да се опушти на место каде што ќе има мир и каде што безгрижно ќе може да го испие своето кафе или пак, да помине малку време со добра книга во своите раце. Без разлика колку е голема терасата во вашиот дом, таа го заслужува вашето внимание. За да го уредите ова бесценето место, не ви се потребни многу пари и време, туку само малку инспирација и труд…
Природни материјали
Човекот отсекогаш бил врзан за природата, па токму затоа и постојано се навраќаме кон неа кога имаме потреба да се полниме со животна енергија. Користењето природни материјали на вашата тераса дополнително ќе стимулираат удобност, бидејќи на момент ќе ве одведат далеку од смогот, гужвата, градската врева и брзиот живот.
Столици и места за седење
Поголемиот дел од вас сигурно имате мал балкон, кој собира најмногу две столици. Но, тоа не значи дека не можете убаво да го уредите. Обрнете внимание на материјалите со цел да можете да ја направите онаа атмосфера која најмногу ве смирува. Доколку сте од оние среќници кои имаат голема тераса, тогаш можеби би можеле да додадете и кауч или фотелји кои ќе му дадат чувство на удобност на овој магичен простор. Тајната е во деталите. Вие секогаш можете да ги освежите оние маса и столици кои веќе ги имате, па и да додадете по некоја перница или ќебиња во различни бои.
Растенија во саксии
Овие растенија се одличен додаток за вашата тераса. Внимавајте нивната големина да биде прилагодена на просторот, со цел да не го пренатрупате или згушите. Избегнувајте ги пластичните саксии бидејќи во нив коренот на растенијата послабо дише.
Не заборавајте на осветлувањето
Љубителите на романтиката, со малку креативност, можат да си поиграат со свеќи чија правилна распореденост ќе ви овозможи доволно светло за одморање или пиење чаша вино во мир.