Ќе се изгради првиот бесконечен базен во светот на кров од зграда, со панорамски поглед од 360 степени
Доколку сте љубители на височините и базените, овој спој на компанијата Compass Pools многу ќе ви се допадне. Неодамна тие го најавија нивниот базен со поглед од 360 степени наоколу, којшто ќе биде поставен на кровот на облакодер во Лондон.
Зградата Infinity London ќе биде првата во светот што ќе го инкорпорира овој неверојатен дизајн на базен. Базенот ќе се простира на врвот на 55-катен облакодер кој ќе им овозможува на пливачите да лебдат 200 метри над лондонскиот хоризонт и непречено да уживаат во градот.
Од компанијата велат дека базенот ќе биде направен од лиен акрил наместо од стакло. Овој материјал е избран внимателно бидејќи има слична бранова должина со водата, што ќе овозможи базенот да изгледа сосема провидно. Понатаму, базенското дно исто така ќе биде транспарентно, па луѓето внатре во зградата ќе можат да уживаат гледајќи ги пливачите високо над своите глави.
Сигурно се прашувате од каде ќе се пристапува до овој базен. Од компанијата објаснуваат дека пливачите ќе можат да влезат во базенот преку ротирачки спирални скали коишто ќе бидат поставени на влезот на „подморницата“, и ќе се искачуваат нагоре кога некој ќе сака да влезе или излезе од базенот.
Но, ова не е единствената уникатна технологија што ќе биде применета при изградбата на базенот. Дизајнерите пронашле начин да се осигурат дека водата нема да се распрскува надолу на улиците. За таа цел тие вклучиле вграден анемометар кој ќе ја следи брзината на ветрот. Тој е поврзан со компјутерски контролиран систем кој исто така ќе се грижи и за температурата на водата.
Компанијата се погрижила базенот да не биде уживање само за пливачите, туку да изгледа неверојатно и самиот по себе.
„Базенот е опкружен со цел спектар на светла кои навечер на зградата ќе ѝ даваат изглед како да има светкав скапоцен камен на врвот“, изјавуваат од Compass Pools.
„Архитектите често ни се обраќаат за да дизајнираме бесконечни базени на кров, но ретко имаме можност да придонесеме во дизајнот на зградата бидејќи базените се обично последната работа на којашто се мисли“, вели техничкиот директор Алекс Кемсли.
„Но, за овој проект, всушност прво почнавме да размислуваме за дизајнот на базенот и потоа се запрашавме ‘Како сега да поставиме зграда одоздола?’“
Кемсли ветува дека овој уникатен базен ќе ги надмине очекувањата на сите.
Точниот датум за изградба сѐ уште не е утврден, но ако нештата се одвиваат по планот, би можело да се започне во 2020. Локацијата исто така треба да се потврди.
Погледнете ги овие 15 фотографии од Лондон кои прикажуваат како изгледал пред да стане големиот град што е денес.