Интервју со Петар: Апаратот е алатка, а фотографијата е визуелно глаголење на погледите, знаењата и мислите
Започнете ја оваа недела со неверојатните фотографии на македонскиот фотограф и инстаграмџија, Петар Аврамоски, попознат како @ernesto_petar. Тој ќе ви открие една сосема нова димензија на светот, сосема нов и различен поглед кон секојдневните сцени и ќе ви го освежи умот, особено понеделнички – кога имаме најголема потреба од тоа! Во продолжение прочитајте го нашиот разговор и дознајте нешто повеќе за Петар, како и за техниките што тој ги користи при правењето на своите фотографии.
View this post on Instagram
1. Дали можеш да се сетиш на точниот момент што те натерал да посакаш да почнеш да се занимаваш со фотографија? Или пак, можеби отсекогаш си ја имал оваа страст во себе?
Веројатно, гледајќи ретроспективно, мислам дека не постои баш некој конкретен момент од кога започнав посериозно да се занимавам или барем да ја сакам фотографијата како дисциплина. Но, од кога знам за себе, некако сум сентиментално приврзан кон уметноста и сите нејзини дисциплини затоа што ми отворала други простори во кои можам да се изразувам. Мислам дека фотографијата си дојде сама по себе, некако природно, ме привлече она што единствено таа го има како особина – да ги зачува засекогаш посебните моменти и тие да послужат како еден вид временска машина за патување кон минатото. Па така фотографирањето најпрво ми стана хоби, а потоа и неформална професија.
View this post on Instagram
2. Сигурна сум дека обожаваш да бидеш скриен зад објективот, ловејќи интересни моменти околу себе, како на пример, урбани сцени, кои се забележуваат во голем број на твојот профил. Но, како се чувствуваш кога фотоапаратот е вперен кон тебе?
Обожавам да сум зад објективот. Го доживувам како екстензија на моето око и како алатка со која успевам да ги доловам оние моменти што мислам дека често ги испуштаме во нашето секојдневие. Тука не спаѓаат само урбани пејзажи, туку како дел од @tonebandits_, фотографирам и настани и модели, секогаш обидувајќи се да го доловам оној момент кога луѓето се чувствуваат најудобно во својата средина, несвесни за мене како фотограф.
Што се однесува до тоа како јас се чувствувам пред објективот, мислам дека таа средина ми е по малку неортодоксна, но кога ќе се укаже некоја прилика знам да застанам и пред објективот и барем делумно да успеам да си се прикажам себеси, во свое светло. Но, дефинитивно, тоа не е мојата позиција. Сепак има луѓе на кои тоа им е тоа професија, а моја задача е да го покажам мојот талент зад објективот. Единствено, можеби само за некои фотографии што би останале за спомен.
View this post on Instagram
3. Твоите фотографии се навистина специфични и уникатни. Може ли да ни кажеш нешто повеќе за процесот на обработка, особено за ефектите што ги користиш? И како се вклопува твојата работа како графички дизајнер во сè ова?
Најпрво, моите фотографии би ги поделил на оние со драматична и доста урбана естетика поврзана со аналогната фотографија, како и на оние со ретро естетика. Обожавам да додавам дополнителни ефекти и дополнително манипулирање на фотографиите само за да го прикажам светот низ својата призма и тоа се гледа на мојот личен профил.
Од друга страна пак, мојата љубов кон аналогната фотографија и љубовта кон уметничката фотографија си ја негувам на другиот профил – @rememory_.
Инаку процесот на обработка за мене започнува уште од моментот на фаќање на кадарот со моето око. Уште од тогаш во главата ги гледам можностите за крајниот резултат. Потоа фотографиите одат на мојот компјутер и ги обработувам во Лајтрум и Фотошоп. Втората програма почесто ја користам кога додавам некои специјални ефекти, за фотоманипулација или за едиторијал со модел.
Мојата професија како графички дизајнер ми помогна значително да го скратам процесот на напредување во фотографирањето, подобрувајќи ми ги секако и техничките вештини, но најважното од сè, ми помогна со следење на моменталните трендови во дизајнот затоа што сметам дека на некој начин фотографијата и графичкиот дизајн одат рака под рака и често мојата естетика трансцендира и се прелева низ овие две дисциплини.
View this post on Instagram
4. Друго нешто што веднаш се забележува на твојот Инстаграм профил е геометријата во фотографиите. Каков совет би им дал на новите фотографи што се обидуваат да постигнат ваква симетрија?
Сакам кога работите се во ред, симетрични, добро поставени и средени. Кога има баланс и кога има смисла. Никогаш не поаѓам со мислата дека е така затоа што така треба да биде. За мене сè треба да има некаква смисла, некоја приказна зад себе и тоа да има естетска вредност. Љубовта кон уметноста воглавно ме натера да научам некои принципи и правила по кои треба да се водам. Според мене, хармонијата треба да е задоволена за фотографијата да има смисла. И сето тоа се учи, се учи со читање на литература од автори што се еминентни во таа област, се учи со обидување и грешење, се учи со барање мислења од некој што е постручен во истото и секако најважно од сè, се учи со љубопитност.
Апаратот е само алатка, а фотографијата е визуелно глаголење на погледите, знаењата и мислите на оној што ја направил. За мене не постои уметност заради уметност. Ниту пак фотограф со само едно фото во неговото име.
Исто така, сметам дека морам да го кажам ова – јас себеси не се доживувам само како фотограф или дизајнер, туку како артист (уметник) затоа што не сакам да се ограничувам и сакам креативноста да ми е слободна.
View this post on Instagram
5. И за крај, кој е најдобриот начин, според тебе, да се успее како фотограф во Македонија?
Мислам дека не постои баш правилен одговор на ова прашање. Односно не постои одговор без да „навредам“ некои фотографи, најмногу затоа што самата фотографија си има различни правци. Но, според мене, за да биде еден фотограф успешен, треба постојано да работи и да се подобрува. Да не се затвори во само еден вид фотографија. Секогаш да испробува нови работи и секогаш да излегува од својата удобна зона затоа што само така може да станува сè подобар. Успехот, особено оној медиумскиот, не доаѓа преку ноќ, а академскиот би рекол дека е уште потешко да се достигне, затоа што и фотографијата е дисциплина во која никогаш нема да знаеме сè, но секојдневно можеме да учиме и да се унапредуваме.
View this post on Instagram
Ви се допадна ова интервју? Разубавете го вашиот Инстаграм и со прекрасните фотографии на Дона Неделковска!