Интервју со @natasaemil: Раскажувач на приказни преку фотографии

Интервју со @natasaemil: Раскажувач на приказни преку фотографии

Денес ви споделуваме неколку приказни раскажани преку инстаграм-профилот на креативната Наташа. Таа ужива во природата, ги сака цвеќињата и книгите, па, продолжете да читате бидејќи сигурно и вие ќе се вљубите во нејзините фотографии!

1. Кој се крие зад овој профил и зошто првично отвори профил на Инстаграм? Што те инспирираше?

Зад овој профил се крие една обична Наташа, мајка на еден необичен Емил – жена, сопруга, мајка, ќерка, фотографка. Инстаграм-профилот ми е место каде што преку фотографија се изразувам себеси, моите размислувања, погледи, пораки што сакам да ги пренесам. Ова особено ми помогна кога бевме во изолација. Тогаш единственото бегство во поубав свет ми беше фотографирањето. Се случи 1 месец да поминеме во нашата викендичка на планина. Таму подалеку од сѐ, се препуштивме заедно со мојот сопруг на напливот на инспирација што само природата може да ти го даде и создадовме многу фотографии поминувајќи квалитетно време заедно. Тогаш посакав да продолжи приказната, дури и по враќањето од малечката куќичка во планината.

2. Што претставуваат твоите фотографии и што сакаш да споделиш преку нив?

Преку моите фотографии сакам да порачам дека од сѐ може да се направи уметност. Од кафето,  ручекот, омилената книга, цвеќињата во градината… Сѐ  е тоа уметност на живеењето. Јас сум нешто како сонувач со отворени очи и раскажувач на приказни преку фотографија. Сонувам во слики и низ слики сакам да им го пренесам тоа на моите следбеници. На мојот профил може да се видат мали нешта што всушност го прават животот поубав и ни го бојат сивото секојдневие. Си местам сет, си го стилизирам и си фотографирам.

3. На твојот профил гледаме многу фотографии од храна. Дали секогаш се грижиш храната да изгледа толку прекрасно како на фотографиите?

Многу често  на мојот профил има фотографии од храна бидејќи сакам да готвам и потоа многу се исполнувам кога јадењето треба да го стилизирам и да го сервирам и тоа да изгледа магично. Многу ми е важно и наједноставното јадење да изгледа убаво. Тоа го наследив од мајка ми Зоре, која откако знам за себе, така ја сервира храната, секој ден и во секоја пригода. Мене кога ми доаѓаат гости, тоа е проект. Сѐ сакам да биде совршено. Ме прашуваат дали тоа ме заморува, но одговарам дека ме радува! Дури и да се работи за обично пиење кафе со сопругот, јас поминувајќи низ градината, ќе пронајдам некое цветче и ќе го ставам до шолјата кафе.

4. Дали имаш некоја сентиментална поврзаност со некоја од твоите фотографии?

Јас се борам со мојата сентименталност што си ја носам секаде, па и во моите фотографии. Често посакувам да не сум толку чувствителна, но од друга страна, така се раѓаат најдобрите фотографии, се раскажуваат најубавите приказни и се пренесуваат најмоќните пораки. Се обидувам да глeдам на мојата сентименталност како на инспирација или барем да ја насочам натаму.

5. Планина или море? Каде мислиш дека би добила повеќе инспирација за фотографирање?

Планината ја сакам поради чистиот воздух со кој ќе ги наполниш градите, ќе се смириш, умот ќе ти се избистри и ќе се видиш себе. Тогаш најмногу можеш да твориш. Секогаш помеѓу море и планина, ќе изберев планина, освен овојпат кога ги бирам двете затоа што поради ситуацијата годинава, не видов море и сфатив дека многу ми недостасува. Морето сакам да го вкусувам во мир. Сама или само со моето семејство, во време кога нема никој друг на плажа, на пример, во 5 часот наутро или  попладне кога веќе сите си одат. Морето особено го сакам во пролет и есен, кога може само да го гледам. Го сакам и разбранувано. Сето ова бескрајно ме инспирира и така се раѓаат најдобрите фотографии.

6. Ако треба да одбереш едно место за првото утринско кафе, а да не е во твојот дом, каде би било тоа?

Во викендичката на планина  која е мој втор дом и каде што сум најмногу инспирирана да фотографирам. Исто така, и во дворот на манастирот Св. Јован Претеча во село Слепче.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Ужива кога патува и запознава различни култури, ги сака утринските прошетки во природа, многу чоколадо и кафе.

Поврзани содржини

Остави коментар