Инстаграмџијата Димитрија Ристевски ја споделува својата љубов кон планините
Димитрија Ристевски e еден од водичите на Планинарското Друштво I Love Hiking – Group Macedonia. Тој исто така е и активен инстаграмџија. Ако ги погледнете неговите објави, веднаш ќе сфатите дека планините се неговата најголема страст. Па, зарем има подобро место каде што би можеле да го поминуваме нашето слободно време?
„Мојот живот, мојата страст, се планините, тие се мојот најголем животен учител. Вредностите и знаењата за животот кои ги учам од природата и планините, ми се инспирација да ги пренесувам на луѓето во форма на лајф коучинг“, ни објасни Димитрија.
Прочитајте го нашиот разговор во продолжение и уживајте во прекрасните планински пејзажи…
View this post on Instagram
1. Доволно е да се фрли само еден поглед на твоите фотографии и веднаш се чувствува љубовта кон планината. Од кога постои оваа страст во твојот живот и што е тоа што те влече кон искачувањето планински врвови?
Уште како мало дете, времето поминато во природа ме правеше посебно среќен. Се радував на деновите кога одев во село за време на распусти и не бев баш среќен кога морав да се вратам назад. Љубовта кон планините почна со нашите Водно и Скопска Црна Гора, како најблиски планини на Скопје. Прв врв на кој се искачив надвор од околината на Скопје беше Голем Кораб, нашиот највисок врв, пред седум години. Потоа, почнав да одам на организирани тури со I Love Hiking – Group Macedonia, и веќе бев заразен со оваа пасија, па знаев дека нема назад и дека сум дел од семејството. Дружбата, позитивните луѓе, убавините на нашата земја и желбата за истражување, како и желбата за учење од природата, само допринесуваат планинарењето едноставно да го поистоветувам со мојот живот.
View this post on Instagram
2. Кога почна да ги документираш твоите авантури со фотографии и објави на Инстаграм? Како настана оваа идеја? Дали ја разви љубовта кон фотографијата на планините или пак, и таа постоела во тебе отсекогаш?
Отсекогаш сум почитувал добра фотографија. Секоја фотографија раскажува посебна приказна и ми е поврзана со некое чувство. Фотографирам исклучиво со мојот телефон, со цел лесно да се потсетувам на убавите моменти кои сум ги поминал на планина или на некое патување. А, идејата за да ги споделам фотографиите на Инстаграм се роди минатата година. Сакав некако да ја раширам љубовта кон планините и посебно кон нашата земја, па Инстаграм профил наменет само за тоа ми изгледаше како логичен потег. Ако барем малку може тоа да се пренесе на луѓето, би бил пресреќен.
View this post on Instagram
3. Дали би можел да одвоиш едно патување, кое ти е најдраго, и да го споделиш со нас? Нешто што засекогаш ќе остане во твоето срце, без разлика дали е големо или мало.
Тешко е да се издвои само едно, веќе седум години активно, скоро секоја недела, планинарам. Можеби би издвоил неколку странски тури. Прославувањето на мојот роденден со изгрејсонце на највисокиот врв на Балканот, Мусала, потоа првото техничко искачување во зимски услови на Татри, турите на највисоките врвови во Полска и Словачка, Риси и Герлах и секако, минатогодишната авантура на Алпите, со три врва над 4,000 мнв, меѓу кои беше и Монт Блан.
View this post on Instagram
4. Кои се најголемите потешкотии што некогаш си ги доживеал на планините? И како би им препорачал на другите планинари да се справат со слични ситуации?
Лично, не сум имал некои посебни потешкотии. Секако, планинарењето си бара посветеност, солидна физичка подготвеност, и пред сè, психичка подготвеност. Лесно се справувам со стравот и критичните ситуации, но сведок сум и на чести обратни ситуации. Сепак, тоа што ми е најтешко, е кога ќе видам луѓе како оставаат отпадоци и се однесуваат кон природата и кон планината како да се поголеми од нив. Едноставно, мораме повеќе да внимаваме и да ја цениме природата и планината, да почнеме од себе и да сме посвесни човечки битија кои функционираат во согласност со природата.
View this post on Instagram
5. Како планински водич, каков совет би им дал на новите и неискусни планинари? Што е тоа на што најмногу треба да внимаваат, а во што можат да уживаат без никакви грижи?
Би препорачал да се зачленат во планинарски клуб. Добро да истражат што нуди клубот и како се грижи за нивната безбедност. Да се однесуваат кон планината со почит, бидејќи таа е секогаш поголема од нас. Соодветната опрема е секогаш добредојдена, почнувајќи од чевлите и јакната, па сè до ранецот… Потоа, нека се консултираат со поискусни планинари за какви било совети и редовно да ги посетуваат околните планини за тренинг. Задолжително да се информираат за временските и теренските услови. Другото природно си доаѓа… И секако, нека се препуштат на природата со сите сетила. Ќе научат животни лекции, ќе запознаат прекрасни луѓе, ќе бидат сведоци на несекојдневни убавини и глетки кои го одземаат здивот, ќе креираат живот полн моменти за паметење…
View this post on Instagram
6. И за крај, која ти е омилената планина за искачување во Македонија? Зошто?
Уххх, ова е многу тешко прашање. Како човек да праша мајка кое ѝ е омилено дете. Имаме прекрасна единствена земја, која 80% е планинска. Впрочем, интересен податок, нема земја во Европа и пошироко која има повеќе врвови над 2.000 мнв. Имам чувство дека не можеме доволно да си ја запознаеме нашава земја ако не почнеме да ги истражуваме нашите планини. Секоја планина и секој врв ми е врзан со одредена приказна и чувство. Имам доживеано безброј моменти за паметење и се радувам на оние кои следат. Но, ајде… Да го издвојам врвот Љуботен, кој секогаш ќе ѝ го посветувам на мојата баба, а исто така, на искачување на тој врв, запознав и посебно драга личност во мојот живот.
View this post on Instagram
Искачете се на планинските врвови и со Љупчо Јовчевски, македонски планинар и авантурист.