Инстаграм инспирација: Неверојатните приказни со камчиња на Славица Стојанова
Кога ќе видите камчиња на земјата, сигурно не помислувате нешто посебно за нив. Всушност, можеби дури и секојдневно поминувате покрај нив, а воопшто не ги забележувате. И зошто би било поинаку со овие студени и безживотни нешта? Но, тоа не е случајот со талентираната Славица Стојанова која пронашла сосема нова примена на камчињата. Погледнете ги нејзините приказни и запознајте ја подобро оваа македонска инстаграмџика.
View this post on Instagram
1. Како настана идејата да почнеш да раскажуваш приказни со камчиња?
Долго време во мене тлееше желбата да се изразам артистички. Отсекогаш сум била вешта со рацете. Работам како воспитувач во градинка и изработките со различни материјали и во разни форми и медиуми никогаш не ми биле туѓи. Бидејќи веќе уживав во тоа со дечињата во градинка, се запрашав зошто да не го исполнам на сличен начин и сопственото време. Можеби повеќе од една година го барав вистинскиот израз – и за себе и за публиката на која со текот на времето би ѝ се обраќала. Барав форма на медитација. И, кога барате, ќе ви се даде, кога тропате, ќе ви се отвори – па јас добив подарок: слика со каменчиња. И веднаш знаев дека тоа е тоа што ќе го работам.
Почнав да истражувам, да се информирам, да експериментирам. Пред да се појават првите изработки во јавност, скоро цела година го усовршував процесот, едноставно работев за себе, со себе, во себе, а со тоа и на себе – си играв, се радував, творев. И можеби тоа беше најубавиот и најинтимниот дел до овој творечки процес – немав нарачки, немав рокови, немав барања, само јас, моите каменчиња и приказна што сакам да ја раскажам. И тогаш… се појави Инстаграм!
View this post on Instagram
2. Од каде ја црпиш инспирацијата за секоја сцена и како изгледа целиот процес – од создавање на приказната до објава на Инстаграм?
Па, во тој првичен период тоа беа моите интимни, лични приказни. И како и во секој друг творечки процес, така и во овој, приказната ве избира вас, а не вие неа. Едноставно светнува и бара да ја раскажете! А тоа „светнување“ е секогаш на чуден и необјаснив начин, во различни мигови, по различни поводи. Понекогаш тоа е самиот камен кој веднаш ве асоцира на нешто, го гледате и во него гледате фигура, настан, емоција, појава, приказна… веднаш му го знаете и местото и намената. Едноставно самиот повикува да биде раскажан.
Тоа и во почетокот ми беше силна провокација: како од каменот, кој како материјал во својата суштина е ладен, безизразен и нималку „емотивен“, да се раскаже едноставна, топла и емотивна приказна. Да се раскаже приказна од каменчиња е противречно само по себе: камењата не раскажуваат приказни, тие се молчеливи, ладни, дури и морбидни паметници на нашата минливост. Да се твори со камен е пркос на таа минливост.
Ова на некој начин го објаснува и самиот процес на создавање на сликата: каменот ви ја „шепнува“ приказната, вие седнувате и ја раскажувате. Што се однесува пак до техниката на изработка, нема ништо сложено: ја редам сцената, лепам, ставам во рамка, пакувам…. а, да, и фотографирам пред да испорачам и објавувам на Инстаграм.
View this post on Instagram
3. Каква порака сакаш да пренесеш со твоите дела и дали имаш одредено насока кон која сакаш да се движиш или пак, сè зависи од моменталното расположение?
Како што реков, во почетокот тоа беа исклучиво мои, лични приказни. Како што растат нарачките, така преовладуваат желбите на клиентите, иако во секоја од изработките има некои принципи од кои не отстапувам, независно од личните преференции на купувачите: сликата мора да биде едноставна.
Минимализмот на изразот е тоа што овие слики ги прави нежни и допадливи. Со други зборови, колку повеќе камења, пораки, натписи и бои има на сликата… толку повеќе делува кич! Онаква каква што сум во животот, таква сум и во сликите, ја сакам едноставноста! И тоа е пораката која овие слики ја носат и ја раскажуваат и преку својата форма и преку својата содржина: животот е едноставен и едноставно убав. Не китете го непотребно, ерата на барокот одамна заврши.
View this post on Instagram
4. Дали раскажувањето приказни со камчиња ти е хоби или работа со полно време? И како можат да се купат твоите дела?
Хоби со полно работно време. Како што реков, воспитувачка сум во градинка и неминовно голем дел од работниот ден го поминувам со „моите“ деца во градинка. Потоа, дома со моите две деца (14 и 10 години), кои имаат свои потреби и дури на крај со својата страст – каменчињата. Затоа често работам ноќе откако ќе ги завршам обврските во домот. Но, важно секој ден поминувам време на моето работно биро, независно дали имам нарачки или не, едноставно тоа време е мое и само мое време, мојата дневна доза медитација.
Творбите главно ги продавам преку своите Инстаграм и Фејсбук профили, но и преку пријатели, познаници и по „допрен глас“, откако некој веќе задоволен муштерија ќе се пофали на друг. И тие нарачки по препорака можеби и ми се најдраги. Секогаш посебно се радувам кога ќе добијам нарачка со порака: „Видов ваша слика кај една пријателка и многу ме бендиса.“
View this post on Instagram
5. Каков совет би им дала на креативните умови кои се борат да го најдат својот повик и да создадат нешто уникатно, со сопствен печат, но не успеваат?
Слушајте го вашиот внатрешен глас. Никој не седнува да твори од други потреби, освен од длабоко интимни, лични. Не правете ништо ако немате силна внатрешна мотивација и потреба за тоа. Не тргнувајте со желбата да заработите, да се збогатите, да станете славни… Не почнав со ова ниту за да продавам, ниту за да заработувам. Дури и денес заработката е повеќе симболична, но она што е важно е дека желбата да се изразам е сè уште посилна од сè. Во оној миг кога таа ќе престане, ниту едни пари на светот нема да можат да ме натераат да продолжам да го работам ова.
Ако пристапите на вашето хоби, па и на работата, само од желбата да заработите, можеби и ќе заработите, но нема да уживате. Ако првенствено пристапите за да уживате, заработката ви доаѓа гратис, како награда за уживањето. А има ли поубаво од тоа – да заработувате уживајќи! Животот е прекраток за да не уживате во секој миг. Не одделувајте го вашето хоби и вашата работа од тоа што сте вие, од вашата страст, од вашата љубов – бидете секаде присутни вие. Сето друго само ќе се нареди, ако не денес, тогаш утре, ако не утре, тогаш задутре, но верификацијата на љубовта мора да дојде. Единствено платата за љубовта е сигурна во овој свет, сè останато е само веројатно и неизвесно, а верувајте и невредно.
View this post on Instagram
6. Сигурно си горда на сите свои дела досега, но дали имаш некоја приказна која ти е поблиску до срцето од останатите? Зошто ја издвои токму таа?
Секоја приказна навистина ми е уникатна. Барем на мене. Секоја ја раскажувам со посебно внимание, посветеност и љубов. И настојувам така да остане, да ме држи таа страст и љубов за секоја изработка посебно. Секако, најдраги ми се оние кои не се по нарачка, оние кои настануваат во тивките часови на ноќта кога најдлабоко се слушам себеси. Но, од друга страна пак, и некои нарачки ми се особена провокација, затоа што и за мене се нешто ново, предизвик на кој се обидувам да одговорам.
Омилени мотиви, кои често сум ги преточувала во моите слики, се мајка со деца. Не знам, некако интимно, мајчинството отсекогаш сум го чувствувала како најважното нешто во што треба „да успеам“ и сè уште сум уверена дека тоа е една од најважните задачи што животот може некому да му ги довери. Тоа е чуден, истовремено и радосен и одговорен процес за кој никој нема рецепт. Но, тука се и птиците со нивната слобода, со нивната способност да летаат, да го гледаат светот одозгора, директно, секојдневно да си потврдуваат колку сè ова долу е мало и безначајно во споредба со синилото и бескрајот на небото…
View this post on Instagram
За сите креативни срца: Погледнете ги и декоративните рачно изработени теглички и шишиња на Елена и Маја.