Фотограф ги претвора неговите ќеркички во слатко парче уметност
Татко кој прави креативни фотографии од своите деца спаѓа во категоријата топ 10 најчитани постови на Кафе пауза, со над 25.000 посети, а е и помеѓу нашите најомилени објавени содржини. Поради тоа решивме уште еднаш да ја одбележиме креативната работа на неверојатно талентираниот Џејсон Ли, кој најчесто ги фотографира најбитните моменти во животот на младоженците на нивната свадба, но магијата во неговата работа се случува кога тој создава прекрасни уметнички дела од неговите две преслатки ќеркички. Се прашувате што има толку посебно во неговите фотографии? Одговорот е едноставен: тие влегуваат под кожа на секој што ќе ги погледне!
Џејсон почнал да ги фотографира неговите ќерки во 2006 година кога на неговата неговата мајка ù бил дијагностициран рак на крвта. Бидејќи неговите ќерки биле постојано настинати, тој не можел често да ги носи во посета на нивната баба, па затоа започнал да води блог со фотографии и видеа од нив, за таа да може да го следи нивниот процес на растење. Воедно, сакал и да ја разведри и расположи малку.
Еве неколку совети од него во врска со неговата фотографија, кои ќе ви бидат од помош доколку се инспириравте да направите ваква колекција фотографии од вашето синче, ќеркиче, внуче или внучка.
Спонтаноста е неверојатно нешто, но понекогаш е подобро да си ја визуeлизирате фотографијата пред да ја направите. За повеќето мои фотографии потребно е да се прилагоди соодветна светлина, да се намести сцена, да се пронајдат интересни реквизити и секако да се намести предметот на фотографирање – моите ќерки. Јас најчесто се трудам да наместам сè пред да почнам, па затоа доволни ми се само минута до две за да направам неколку фотографии со дечињата во така наместената сцена.
Јас обожавам да гледам насмеани лица. Моите ќерки обожаваат да се смеат. Единствено нешто кое никогаш не им кажувам да го прават, е да се смеат. Наместо да им велам „насмевнете се за сликање“, им кажувам виц. Кажете нешто смешно. Направете нешто смешно. Натерајте ги да посакаат да направат нешто будалесто.
Размислувајте надвор од вообичаеното. Мислите дека деца можат да молерисуваат ѕид? Не баш, но ако им кажете да го направат тоа тие веднаш ќе се возбудат. Споделувањето на вашите идеи со вашите деца веднаш им создава желба да партиципираат во истите. Откако ќе завршите со фотографирањето, сокријте ги кантите со боја на сигурно место. 🙂
Моите деца не знаат да летаат, но според начинот на кој што трчкаат и скокаат од едно на друго место би си помислиле дека можат. Дигиталното комбинирање на повеќе фотографии во Фотошоп е нешто кое ќе ви одземе извесно време за да го научите, но теоретски е многу едноставно. Направете фотографија во која ќе го има предметот на фотографирање во кадар (во случајов девојчињата) и потоа направете ја истата фотографија само без предметот во неа. Избришете ги деловите кои не сакате да бидат дел од фотографијата и ќе постигнете летачки ефект.
Приклучете се во забавата пред објективот на камерата. Наместо само да ги штракате со апаратот, влезете во кадар и вие. Да се биде во фотографијата може да биде исто толку интересно и забавно колку и создавањето фотографии.
Тргнете ги од сликата сите работи кои го одвлекуваат вниманието на набљудувачите. Јас сакам едноставни и чисти фотографии. Фокусот треба да биде насочен на предметот на фотографирање, а не на нешто друго.