Фотограф далтонист ја доловува визуелната симфонија на брановите
Овој фотограф е совршен пример за тоа како најдобро да ги искористите вашите недостатоци. Реј Колинс е од Австралија и е далтонист. Сепак, и покрај ова нарушување тој успеал да стане еден од најпознатите фотографи во светот. Според него, далтонизмот само му помага во работата.
„Mислам дека ми помага да ги отстранам одвлекувањето на вниманието од боите, овозможувајќи ми да се фокусирам на контрастот, тоновите, текстурите и композициите. Ако гледам како другите, можеби моите дела не би биле толку уникатни.“
Неговото последно дело е серија фотографии на кои работел изминативе 10 години. Ги собрал најдобрите фотографии во една книга која ја нарекол „Вода и светлина“ (Water & Light), кои ги претставуваат брановите на сосема нов начин. Неговата животна цел е да патува низ светот во потрага по најубавите бранови, со цел да ги овековечи со помош на неговиот фотоапарат.
Неговото патување со фотографијата започнало во 2007-ма година кога го купил првиот фотоапарат и го напуштил тогашното работно место како рудар на јаглен. Оттогаш има соработувано со National Geographic, Vogue, Patagonia, Apple и Nikon. Има издадено неколку книги со негови колекции, а неодамна се појавил и во документарецот „Луѓе-риби“ (Fish People).
Неговите фотографии ја претставуваат моќта на водата во сите нејзини форми. Без разлика дали се мирни или „диви“, тој навистина знае да ја долови сета убавина на брановите.
За да ги направи фотографиите, се соочува и со многу авантури – висел од хеликоптер, пливал во замрзнатите мориња на Исланд, возел со денови за да ги најде совршените брегови во Австралија..
„Океанот е единствената константа во мојот живот. Во која било фаза од животот, во кој било период, за време на која било емоција, тој е овде за мене.“
Бидејќи пораснал во близина на брег, природно е што е привлечен од водата. Како дете, со денови ги истражувал плажите и карпите во неговата околина. Љубовта кон океанот ја чувствува уште откако помни за себе. Според него, нема потреба да гледате бои за да ја почувствувате неверојатноста на брановите.
„Постојат буквални бранови енергија што се движат низ водата и никогаш не се повторуваат! Никогаш нема да ја повторите истата фотографија! Нема враќање и втори шанси. Сето ова, заедно со нивната убавина, секојдневно ме инспирира.“
Продолжува на следната страница…