Дневна доза креативност: Слатко девојче ги освојува срцата на македонските инстаграмџии

Дневна доза креативност: Слатко девојче ги освојува срцата на македонските инстаграмџии

Ако сте љубители на Инстаграм и на креативните фотографии, тогаш имаме одличен предлог за вас! @sparklydaughter е нов, македонски профил што ќе ви го разубави секојдневието и ќе ве мотивира и вие самите да бидете малку покреативни. Погледнете како се одвиваше нашиот разговор со ова интересно семејство и уживајте во нивните фотографии…

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Sparkly (@sparklydaughter) on

1. Да почнеме од самиот почеток – како настана идејата за @sparklydaughter и дали имаш некоја цел кон којашто се движиш или пак, едноставно го објавуваш тоа за што во моментот си имала инспирација?

Идејата за @sparklydaughter дојде во период кога дома имав болно дете што не можеше да оди во градинка и не можеше да шета надвор, па моравме да најдеме некоја занимација. Благодарение на Светот на Колорес, кои постојано имаат креативни игри и работилници, имам ќерка која секогаш е расположена за нешто ново и креативно. За таа побрзо да оздрави, почна да јаде многу здрава храна, полна со витамини, па така произлегоа и фотографиите со овошјето и зеленчукот.

Сметав дека би било инспирација и мотивација и за другите мајки. Исто така, сега развиваме креативност, а за неколку години би имале албуми со фотографии кои се најголем спомен од детството.

Најчесто таа смислува цело сценарио, го мести сама или со мала помош од мама и од тато, па се сликаме или заеднички бараме тема од одредена ситуација, од книга или од Пинтерест којашто би можеле интересно да ја рекреираме.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Sparkly (@sparklydaughter) on

2. Дали се сметаш себеси за инфлуенсерка и како влијае тоа на начинот на којшто ги одбираш објавите за Инстаграм?

Би кажала само дека би била среќна ако со ова мотивирам и други родители и деца на креативни игри и фотографии.

3. Твојата ќеркичка е едноставно неодолива и без сомнение е центар на внимание на Инстаграм. Што мислиш, какво влијание има ова врз нејзиниот живот? И што мисли таа за целата оваа работа?

Има фотографии каде што нешто истражува и не ни знае дека е фотографирана, но останатите најчесто произлегуваат после одредена прочитана приказна или разговор, што може да се искористи. Покрај фотографиите таа развива креативност којашто сметам дека е клучна за развојот на детето, истражува, бара повеќе варијанти како може да биде направена една сцена… Доколку имаме слика што сме ја замислиле и сакаме да ја оствариме, најчесто тато, кој инаку е диџеј, ни пушта музика, ние пееме, играме и се фотографираме со смеење. Таа мисли дека мама сака да види што повеќе интересни варијанти кои самата ќе ги смисли и да види колку брзо може сѐ да се намести и да се среди.

4. Колку време ти е потребно да направиш една фотографија за Инстаграм? И како ја мотивираш ќеркичката да продолжи да позира сè додека не го добиеш токму тоа што си го замислила? Сигурни сме дека понекогаш таа повеќе би сакала да си игра со омилените играчки отколку да стои мирна во една позиција за мама да ја сликне.

Времето е индивидуално за секоја фотографија. Некои од нив настанале за миг, а за други сме играле цела претстава. Никогаш не побарала да си игра со нешто друго додека се фотографираме, затоа што ние имаме улоги и играме додека се фотографираме, а најчесто сме и сите тројца вклучени и поминуваме квалитетно време заедно – тоа ни е на сите главна мотивација.

5. Прочитавме дека таа сака да ја менува својата облека 10 пати на ден! Која ѝ е омилената модна комбинација и каков совет би им дала таа на нејзините врснички кога одбираат облека за на училиште?

Многу е важно да ѝ е дозволено да комбинира сама и да може цел ден да се преоблекува без проблем. Исто така, што и да носи, задолжително треба да биде „засукано“ во ракавите. Дома најчесто е по трико за да може да игра балет.

Многу внимава тоа што го носи да ѝ е удобно и веројатно и тоа би бил нејзиниот совет. Не сака работи кои би ѝ пречеле во играње, додека пак, хулахопките, хеланките и фустанчињата се она што најмногу сака и најчесто го носи.

6. Правењето фотографии за Инстаграм може да биде одличен начин за поминување квалитетно време со својата ќерка. Особено во денешниот брз свет кога родителите се борат за секоја помината минута со своите најмали. Па, каков совет би им дала на другите мајки што сакаат да се впуштат во ваква авантура, но се плашат дека нема да имаат инспирација или пак, дека нивните најмали брзо ќе го изгубат интересот за фотографирање?

Инспирација има во сè околу нас, наше е дали сакаме да ја видиме. Би сакала да ги тргнеме барем малку дечињата од сите електронски уреди на кои најчесто се, да ги поттикнеме да истражуваат и креативно да размислуваат. Креативноста влијае на емоционалната и социјалната интелигенција, помага да се справиме со промените и директно влијае врз здравјето и среќата на детето. Преку неа, ние ја будиме детската фантазија и создаваме спомени. Не се потребни скапи играчки за да ја разбудите креативноста. Има толку многу едноставни предмети со кои може да се поттикнат и охрабрат децата.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Sparkly (@sparklydaughter) on

7. Сите деца имаат желби, па дали и твојата ќеркичка има некоја посебна желба?

Таа сака кукли, играчки, книги, обожава да црта и да бои, да трча во парк, да се дружи со другарчињата, да вози ролерки, да пушта музика со тато, да си игра со животни… Најголемата желба која сè уште не ѝ е исполнета е да добие куче. Невозможно е да сретнеме куче на улица, а таа да не застане да го поздрави и да го погали. Се грижи за бездомните кучиња, а имаме и куче кое живее во влезот од зградата и го третира како свое. Заради големината и претпоставувам заради тежината (да може да го крева) бара да добие малечко кученце коешто ќе биде само нејзино. Искрено се надевам дека наскоро ќе успееме да го убедиме тато и на двете да ни ја исполни најголемата желба.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Sparkly (@sparklydaughter) on

8. И за крај, ќе сакаш ли да споделиш со нас некоја интересна приказна при креирањето на една од објавените фотографии на твојот Инстаграм профил, што засекогаш ќе ти остане во срцето?

Секоја фотографија има уникатна приказна која ни е многу драга, но омилени ни се фотографиите каде што таа виси на шанк и таа каде што е во машината за сушење.

Во една од книгите што ги читавме имаше мече што виси на шанк и таа замисли дека баш таква фотографија треба да се направи. Моравме да бидеме брзи, татко ѝ ја држеше за нозе, јас сликав и сите се смеевме на глас. Сликавме два пати по неколку секунди затоа што се гледаа рацете на тато – на мама од смеење ѝ се тресеа рацете… Сè уште смислува ново сценарио како пак да виси на шанк, а да има друга приказна.

Ако ви се допадна ова интервју, прочитајте го и разговорот со
Николина – мајка на две неодоливи дечиња, која ќе ве освои со своите одлични фотографии на Инстаграм.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Дипломиран психолог кој обожава да пишува. Автор на научно-фантастичната книга „На работ од времето“. Животно мото ѝ е дека не смее да помине ниту еден ден без кафе и танцување.

Поврзани содржини

Остави коментар