Архитекти дизајнираа ресорт на Филипините со нула отпад
Дали некогаш сте слушнале за терминот аркологија? Италијанскиот архитект Паоло Солери го измислил терминот за да го прикаже односот помеѓу архитектурата и екологијата и како овие две гранки можат да бидат комбинирани во еден еколошки дизајн. Тоа е и целта на проектот Nautilius Eco-Resort чиј главен архитект е Винсент Калебо.
„Во свет на кој му се закануваат климатските промени, проектот Nautilius Eco-Resort сака да го подобри еко-туризмот преку концептот на тројна нула: нула отпад, нула емисии и нула сиромаштија. Откријте го светот без да му наштетите. Ревитализирајте ги екосистемите наместо да ги осиромашувате и загадувате. Активно учествувајте во реставрацијата на културното наследство“, објасни Винсент.
Овој уникатен дизајн се состои од елементи што ги следат природните процеси и форми. Малите кули се поставени на три гранки и се ориентирани така што имаат најдобар пристап до сончевата светлина во текот на денот. Павиљоните во облик на ливчиња и корали обезбедуваат простор за научниците кои го истражуваат морскиот свет со цел да го подобрат биодиверзитетот.
Во центарот на лагуната се наоѓа простор за пливање како и лаборатории со надеж дека ќе придонесат за поголема интеракција помеѓу научниците и туристите. Масивните зелени школки се мали хотели со простор за изложби што ќе се фокусираат на локалната клима и еколошките прашања. Ова е од особено значење за Филипините бидејќи се соочуваат со многу еколошки проблеми како резултат на прекумерниот риболов и климатските промени.
Според архитектите, проектот има за цел да изгради нов општествен систем што подеднакво ќе се грижи и за здравјето на луѓето и за планетата.
Откако дознавте за дизајнот на ресорт на Филипините со нула отпад што е чекор плус во борбата со климатските промени, можеби ќе сакате да ја прочитате информацијата дека средношколците на Филипините мораат да засадат по 10 дрвја пред матурирање.
Извор: mymodernmet.com