7 прекрасни идеи за свадбени торти
Како и за сè во животот, така и за свадбените торти постојат одредени трендови кои се менуваат низ годините. Овие торти имаат големо значење, особено за невестите, кои со големо внимание го избираат нивниот вкус, но сепак, најголемо значење се дава на изгледот. Таа слатка магија, која со нетрпение ја чекаат гостите на свадбата, доаѓа како јаготка на шлагот. Свадбените торти се најчесто меѓу последните изненадувања на веселбите, па затоа треба да бидат совршени. Ние издвоивме неколку идеи од трендовите кои се актуелни.
1. Рустична торта
Ова може да биде прекрасна, романтична торта. На две или три нивоа, можете да ја изберете и во целосно бело издание. Може да биде украсена минималистички со ситни овошки, со зелени гранчиња или убави големи цветови во нежни бои.
2. „Гола“ торта
Убавината на овој стил на торти е во неговата транспарентност и отвореност. Се гледаат сите слоеви, а за да се добие поголема длабочина може да се покријат единствено горните страни од нивоата на тортата. Можностите за украсување се неограничени, но најдобро би било да се направат мали цветчиња кои ќе се распоредат на врвот и по страничните делови.
3. Минималистичка торта со акцент на неколку бои
Ова е минималистички украсена торта. Вообичаено се избира бела основа, врз која слаткарите можат да нанесат неколку дискретни бои, по ваш избор, секако. Начинот на кој ќе се наслика тортата е неограничен – од лесно поминување со четка, до одредени нежни форми. Но, главната улога кај оваа торта ја имаат боите, без никакви дополнителни детали за украсување.
4. Географска структура
Овој тренд е исклучително актуелен. За да се постигнат одредени географски површини и структури се користи карамелот, кој се обликува во мали кристали и внимателно се распоредува по тортата. Тоа на слатките задоволства им дава прекрасен изглед и неверојатна длабочина. Формите од природата се преточуваат на тортата, па затоа и тие се вистински уметнички дела. Доколку изберете ваква торта, вашите гости ќе останат без зборови.
5. Бар со десерти
Зошто да изберете само торта, кога можете да направите целосен десерт бар. На овој начин не само што ќе го збогатите изборот на слатки задоволства, туку и ќе внесете дополнителна забава меѓу гостите на вашата свадба, затоа што ќе можат да пробаат најразлични вкусови. Секако, не мора да претерувате со изборот, но може во средина на масата да има една мала „гола“ или минималистичка торта, која ќе биде опкружена со мали крофни и колачиња во најразлични форми, вкусови и бои.
6. Омбре
Градацијата на бои не е само за косите, туку таа сè повеќе се користи и при изборот на свадбени торти. Таа игра на бои може да биде постигната со едноставен шлаг или фондан. Изборот е ваш, а ефектот може лесно да се добие. Овие омбре декорации не бараат некои специјални детали. Доволно е некое ситно природно цвеќе или нежни зелени гранчиња.
7. Торта од макаронси
Ова е еден тренд во кој се користи магијата на креативноста. Тоа значи дека може да го избегнете клишето и наместо торта од тесто и крем, да си нарачате торта од мали ситни макаронси. Тие можат да бидат еднобојни или во сите можни нијанси. Наредени едно до друго на неколку нивоа ќе внесат разиграност и радост меѓу гостите.