5 чести грешки при уредување на спалната соба
Спалната соба треба да биде ваша оаза за лесен сон, катче во кое ќе се одмарате и место каде што собирате сила и енергија за следниот ден. За жал, спалните соби често се занемарен дел од становите, особено поради тоа што се место каде што гостите не влегуваат. Исто така, новиот проектантски стил на организирање на ентериерот во спалната соба ни остава само простор за креветот и евентуално за плакар. Поради тоа, често се прават грешки кога е во прашање внатрешното уредување, што придонесува вашето место за спиење да изгледа празно, неинспиративно, па дури и неуредно. Ова се најчестите грешки при уредувањето на спалните соби:
1. Преголем кревет
Сите сакаме да имаме простран и удобен кревет за спиење, но исто така е важно и колку простор ќе имаме за движење во собата. Водете се од правилото дека креветот се поставува на средина на собата, па според просторот со кој располагате, изберете димензија која ќе овозможи околу него да има доволно место за движење.
2. Недостаток на растенија
Дури и кога ќе ја уредите спалната соба најдобро што можете, внесете и некое собно растение, за да додадете живост, свежина и чувство на природност. Ако немате доволно место, обидете се со мали ѕидни саксии кои не зафаќаат многу простор.
3. Избор на материјали
Кога избирате покривки и перници, не водете се само од естетика. Внимавајте материјалот од кој е изработена постелнината да биде природен, бидејќи многу е важно додека вие спиете, вашата кожа да продолжи да дише.
4. Ролетни и завеси
Изберете ролетни и завеси кои и доволно ќе одржуваат мрак навечер, но и ќе пропуштаат светлина наутро. Доколку изберете темни и непроѕирни материјали, ќе ги блокирате првите утрински сончеви зраци, а со тоа ќе го нарушите и природниот циклус на будење на телото.
5. Осветлување
Иако најголем дел од времето во спалната соба го поминувате ноќе, во уредувањето вклучете и лустери и ламби, кои ќе додадат стил и удобност во оваа просторија.
Дознајте уште и кои домашни растенија можат да ви го подобрат сонот.