10 прекрасни барови на покрив
Покривот на зградите е место каде што многумина преферираат релаксирачки да го поминат времето, набљудувајќи го бескрајниот градски пејзаж. Тоа искуство во многу градови е надградено со трендот да се градат барови, ресторани и базени онаму каде што прекрасниот поглед е загарантиран. Ова е избор од десет од најдобрите во светот.
„Vue Bar“, Шангај
Сместен на најгорните два ката од хотелот Хајат во Шангај, барот Vue изобилува со луксузен ентериер. Мермерното џакузи опкружено со кревети и коктел бар, се полни со гости уште пред да падне ноќта.
„Three Sixty“, Сент Луис
На врвот на дваесет и петкатниот хотел Хилтон во Сент Луис се наоѓа барот Три Сиксти, кој е дизајниран така што е пријатен за седење и во ладните месеци. Покрај тоа, барот е многу популарен поради фактот што нуди птичја перспектива на стадионот на бејзбол тимот Сент Луис Кардиналс, што значи дека е прилично полн во деновите кога тие играат на домашен терен.
„Sirroko“, Бангкок
Веројатно нема место во Бангкок каде што може да се вечера со повеќе адреналин во крвта. Барот на 64-от кат на хотелот Лебуа, нуди фантастичен поглед кон градот на сите четири страни, сѐ додека окото може да види. Особено е убава ноќната глетка, исполнета со безброј градски светла, додека уживате во овој уникатен колоритен бар.
„Cookie“ – кино на отворено со бар во Мелбурн
Иако со скромни шест ката, зградата над тајландскиот ресторан Куки не нуди поглед како повисоките барови, сепак тоа е идеална локација за забава каква што обично прават Австралијците. Има големо платно за гледање филмови, а покрај тоа има и бар каде што гостите уживаат главно во топлите денови.
„Moon Bar“, Лас Вегас
Најубавиот бар на покрив во градот со најмногу забава на светот, се наоѓа на 53-тиот кат на хотелот Палмс, над клубот Плејбој. Овој бар покрај тоа што е познат по забавата и погледот кон градот, познат е и по беспрекорното озвучување.
„Gravity“, Даблин
Највисокиот бар во Ирска не нуди поглед на отворено небо и кон ѕвездите, но затоа сите маси се наместени во круг веднаш до стаклените ѕидови, од каде што погледот одзема здив.
„Mikla“, Истанбул
Микла е сместен на покривот на хотелот Мармара Пера во Истанбул, каде што посетителите можат да му се воодушевуваат на погледот кон протокот Босфор додека се во базенот или додека уживаат во оригиналното мени на главниот готвач.
„Sky Blue“, Јута
Барот Скај Блу се наоѓа во зимскиот центар Парк Сити во Јута, САД и се разбира, нуди извонреден поглед кон околните планински предели. Има одлични услови за пријатен престој во студено време поради големиот број камини, топлата бања на отворено и секогаш загреаниот под.
„Ozone“, Хонг Конг
Озон е бар сместен на покривот на највисокиот хотел во светот, хотелот Риц-Карлтон во Хонг Конг. Најчесто е посетуван од банкари и брокери кои престојуваат во хотелот, а чии канцеларии се недалеку оттаму.
„Above 6“, Њујорк
Овој бар на покривот на хотелот Томпсон во Менхетн, е место за уживање за оние кои сакаат да ја „вдишат“ динамиката на Њујорк од птичја перспектива, додека јадат суши. Барот има подвижен покрив и камин, така што таму може да се ужива во кој било период од годината.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.
Moon bar i Above6…najjaki auuuuu <3 <3