Најчестите психолошки нарушувања

Најчестите психолошки нарушувања

Сите би се согласиле со тврдењето дека денешниот „модерен“ живот е многу тежок. Секој на сосема поинаков начин се соочува со потешкотиите и проблемите на кои секојдневно е изложен. Понекогаш, од често за нас необјасниви причини, се појавуваат промени во нашето расположение и однесување кои многу брзо поминуваат. Но, доколку тие промени почнат да влијаат на начинот на кој го живееме нашиот живот, тогаш големи се шансите да дошло до појава на некој вид психолошко нарушување. Погледнете ја оваа кратка листа на најчестите нарушувања и размислете дали можеби сте забележале некои симптоми кај вас или кај некој ваш близок…

Најчестите психолошки нарушувања

Депресивно расположение – состојба на намалено расположение кое најчесто е проследено со безволност и безиницијативност. Препознатливи симптоми на ова нарушување се интензивни чувства на тага, немање волја за живот и губење на апетитот.

Еуфорија и манично расположение – состојба на зголемено расположение. Симптомите на ова психолошко нарушување се немотивирана веселост, обземеност со мегаломански или експанзивни идеи. На кратко, личноста без никаква причина е хиперактивно пресреќна.

Анксиозност – доживување на непријатна внатрешна напнатост која е проследена со чувство на непријатност, неодреден страв, исчекување на нешто непријатно и необјаснива загрозеност. Многу често се појавува паралелно со депресијата.

Најчестите психолошки нарушувања

Напади на паника – синдром на повремени и временски ограничени, ненадејни и нагли напади на интензивен страв, исчекување и ужас. Проследена е со многубројни физички феномени меѓу кои доминира тахикардијата. Нападот на паника најчесто се јавува кога личноста „претчувствува“ несреќа во блиска иднина.

Афективна раздразливост – зголемена моментална реакција која личностите едноставно не можат да ја контролираат. Таа настанува како последица од ниската емоционална толеранција на фрустрациите.

Фобично анксиозно нарушување – се карактеризира со интензивно чувство на страв кое ги надминува границите на потребите на дадената ситуација. Личностите кои го имаат ова нарушување, откако ќе се соочат со стравот, во иднина прават сè што е во нивна моќ за да ја избегнат таа непријатна ситуација. Во краен случај ова однесување може да доведе и до агорафобија – страв од отворен простор и сè она што е поврзано со него (целосно затворање во домот и појава на сериозни напади на паника доколку се излезе на отворено).

Најчестите психолошки нарушувања

Опсесивно-компулсивно нарушување – се карактеризира со несакани и повторувачки мисли, чувства, идеи, импулси (опсесии) или однесувања кои ве тераат да направите одредено нешто (компулсии). Многу често личноста со овој вид нарушување смислува свои ритуали кои ù помагаат за момент да се чувствува подобро. Но, доколку таа не е во можност да го заврши својот ритуал, моментално доаѓа до појава на сериозна анксиозност проследена со многу негативни чувства.

Пострауматско стресно нарушување – одложен и/или продолжен одговор на стресна ситуација која на некој начин силно ја загрозила личноста. Се карактеризира со епизоди на повторно преживување на стресната ситуација во сеќавањето преку „флешбекови“, лоши соништа или ноќни стравови.

Парасомнии – во оваа категорија на нарушувања спаѓаат одењето во сон, ноќните стравови (оние кои страдаат од ова нарушување нагло стануваат од кревет со паничен вресок и плач, често трчајќи накај вратата како да сакаат да побегнат) и кошмарите (повторувачки застрашувачки соништа исполнети со екстремна анксиозност и/или страв кои доведуваат до целосно будење, при што личноста се сеќава во неверојатни детали на целата содржина од сонот).

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Дипломиран психолог кој обожава да пишува. Автор на научно-фантастичната книга „На работ од времето“. Животно мото ѝ е дека не смее да помине ниту еден ден без кафе и танцување.

Поврзани содржини

  1. Petra Reply

    A sto dokolku imam jas ili nekoj prijatel nekoe vakvo narusuvanje? Seriozno li e?

    • Моника Трајковска Reply

      Се додека не ти пречи во начинот на живеењето, нема никаков проблем…но, ако почне се да се ориентира околу одредено нарушување (на пример, ако имаш фобија од височини – да почнеш да избегнуваш буквално се што би можело да ти предизвика страв вклучувајќи го и одењето на кафе кај пријателка која живее на 12ти спрат и слично…), најдобро би било да се отиде на разговор со психолог…

Остави коментар