Истанбул како Париз
Автор: Димитар Гошевски
Сѐ повеќе богаташи од целиот свет го вртат погледот кон Истанбул. Наместо во Париз, тие одбираат да купат луксузен имот во метрополата над Босфор. А таму цените веќе ги достигнуваат оние во најскапите региони во француската престолнина.
„Истанбул веќе игра во истата лига со Париз и со Лондон“ – беа зборовите на Арман Јозвер, претставникот на Турција на „Сотбис Интернешнл Риjалти“.
И тој не зборува за фудбал, туку за пазарот на недвижности, односно за сегментот на луксузни живеалишта. А никој во турската метропола не го познава тој дел од пазарот подобро од него.
„Пред неколку години не би можеле ниту да претпоставиме дека цените ќе се кренат толку високо за да можат да се мерат со оние во Париз и Лондон“ – вели Јозвер.
„Еве ви и еден пример: Претставништвото на „Сотбис“ се наоѓа во една градба што датира од крајот на 19-ти век, во престижниот дел од Истанбул – Нишантаси. Сопственикот на соседниот имот, за него платил 2,5 милиони долари, но тоа било уште пред 7 години. Денес, истата куќа ја достигнува вредноста од 15 милиони долари“ – додава тој.
Што ги привлекува богаташите?
Вжештените цени на имотите се резултат на економскиот подем на Турција. Во последните 10 години, турската економија е во огромен пораст и сѐ повеќе ги збогатува турските милионери. На сметка на кризата што ја има зафатено целата ЕУ, Турција доживува неверојатен бум. Облакодерите во финансискиот кварт на турската метропола изгледаат како стаклени џинови, накитени со огромни плакати кои, поставени пред зградите во изградба, ги прикажуваат како идни канцеларии и банки.
Во 2010 година турската економија забележува пораст од 8,9%, според податоците на локалните статистички институти. Со ова Турција го зазеде првото место во Европа, а од земјите во развој, Кина е единствената земја пред Турците.
Постојано расте и побарувачката на имоти од богати странци. Според Јозвер, 90% од клиентите на „Сотбис“ денес се богаташи од регионот на Персискиот Залив. Другите се најчесто Руси.
Причините за овој подем лежат во промената на имиџот на градот. Во последните неколку години, Истанбул прерасна во голем економски, финансиски и културен центар. Со помош на активната надворешна политика, владата на Ердоган успеа да ги отвори портите на Турција кон светот, а Истанбул со својата локација, како и со својот економски и културен потенцијал, ја доби главната улога во целиот процес.
Околу Босфор, во последно време, никнуваат нови модерни конгресни центри и актрактивни хотели со пет ѕвезди, а градот се подготвува за новата улога како финансиски центар на Турција. Дел од причините за развојот на градот се и меѓународните здруженија, кои сакаат свои претставништва во Истанбул. Токму тие ја зголемуваат побарувачката на луксузни имоти. Најдоброто што градот може да им го предложи се големите летни резиденции веднаш до Босфор – таканаречените „Yali“. Сопствениците на овие резиденции се наследници на некогашната аристократија од времето на Отоманската Империја.
Овие имоти не се појавуваат по сајтовите на агенциите за недвижности, туку сопственикот и клиентот се договараат лично, со посредство на агенцијата. Многу од клиентите се претенциозни: Јозвер како пример ја посочува последната зделка од 115 милиони долари за луксузна вила, која пропаднала само поради тоа што на купувачот (син на емир од држава во Персискиот Залив), дворот од 4 илјади квадратни метри му бил премногу мал!
Истанбул ќе го надмине и Париз?
Експертите очекуваат цените на имотите во Истанбул да продолжат да растат. Во случај на криза во Европа и во САД, Истанбул изгледа како сигурно пристаниште за странските инвестиции. Покрај тоа, турската влада подготвува нов закон со кој ќе отпадне едно од основните ограничувања за купување имоти од странски државјани.
Сега во Турција имоти можат да купат само граѓаните на оние држави во кои е дозволено Турците да купуваат недвижности. Оваа исправка на законот ќе им ги одврзе рацете на богатите клиенти од арапскиот свет и од Русија.
„А кога ќе дојдат клиентите, цените дури тогаш ќе експлодираат со што би ги надминале и оние во Париз“ – вели Арман Јозвер.
Градот околу Босфор расте и се збогатува
Истанбул расте и се збогатува. Покрај овој факт премиерот Ердоган умешно се обидува да ги протне своите мегаломански проекти. Еден од нив предвидува изградба на нов проток, кој ќе го сврзе Црното со Мраморното Море.
Дури и самиот Ердоган овој проект го смета за „малку налудничава идеја“. Масовниот канал треба да биде изграден на стотина километри западно од Босфор, т.е. од другата страна на Истанбул. Со ова европскиот дел на најголемиот турски град ќе биде затворен помеѓу два канала или со други зборови – ќе стане остров.
Истовремено, со овој проект се предвидени и изградба на два нови сателитни кварта во Истанбул, со кои ќе се овозможи место за уште 2 милиони жители. До едниот од овие квартови ќе се доаѓа преку мост – третиот мост над Босфор. Денес основниот сообраќај меѓу европскиот и азискиот дел на Истанбул се одвива на двата моста на Босфор, кои многу тешко се снаоѓаат со огромниот сообраќај во градот со петнаесет милиони жители.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.