Изненадувачки факти кои не сте ги знаеле за авторката на „Франкештајн“ – Мери Шели
На денешен ден, 1797 година, е родена британската писателка Мери Шели, најдобро позната по готскиот роман „Франкештајн“ што важи за ремек-дело на класичната литература. Приказна која настанала од постојаните кошмари кои и се појавувале на писателката и кои ја натерале да бара спас од нив во пишувањето. Во продолжение прочитајте ги изненадувачките факти за една од најпознатите англиски писателки во раниот 19-ти век.
1. Мери Шели потекнува од интелектуално семејство. Нејзините родители биле радикалниот филозоф Вилијам Годвин и Мери Волстонкрафт, една од првите феминистички писателки во историјата.
2. Поради важноста на нејзините родители, младата Шели била во можност да го развие својот интелект во друштво на интелектуалци како американскиот потпретседател Арон Бур и славниот романтичен поет Семјуел Тејлор Колриџ.
3. Романсите на Шели го натерале нејзиниот татко да се откаже од неа. Кога имала само 16 години, Шели го запознала поетот Перси Биш Шели – обожавател на нејзиниот татко. И покрај тоа што бил оженет и значително постар од неа (во тоа време 22 години), тие се заљубиле и на крајот побегнале заедно во 1814 година. Кога се вратиле во Англија, Мери била бремена и нејзиниот татко не сакал да има ништо со неа.
4. Се верува дека нејзиниот татко извршил убиство само за да го зачува угледот на својата ќерка. Во 1816 година, телото на бремената Хариет Вестбрук, првата сопруга на Перси Шели, било пронајдено во лондонската река Серпантина кое изгледало како таа да извршила самоубиство.
5. Шели не била единствена во семејството која имала љубов кон поети. Нејзината полусестра Клер Клермонт, сакала поет љубовник, па започнала да го прогонува другарот на Перси – Лорд Бајрон. Таа, Мери и Перси отпатувале во Женева, Швајцарија кај Бајрон во 1816 година, каде што Мери ја започнала приказната „Франкештајн“.
6. Се мисли дека Лорд Бајрон ја инспирирал Шели да ја напише нејзината најпозната приказна. Легендата вели дека таа, Бајрон, Перси и личниот лекар на Бајрон, д-р Џон Вилијам Полидори, останале доцна една вечер, дискутирајќи на окултни теми и читајќи приказни за духови. Бајрон ја предизвикал групата да напише хорор приказна, што ја навело Мери да ја напише приказната за Франкештајн. Таа не била единствената чија приказна ќе биде запишана во историјата, приказната на д-р Полидори, „Вампирот“ се смета за инспирација на Брам Стокер за познатото дело „Дракула“.
7. Сепак, Шели тврдела дека приказната ѝ дошла на сон. Во третата едиција на „Франкештајн“ таа го објаснила сонот кој ја инспирирал да ја напише приказната.
„Гледав со затворени очи, но остар вид – го видов бледиот студент кој правеше грешна уметност, клекнат покрај ‘нештото‘ обидувајќи се да го склопи“, напишала авторката. „Ја видов грозоморната фантазма на човек кој беше растргнат, а потоа, со помош на некаква моќна машина, покажа знаци на живот“, додала таа.
8. И покрај популарните претпоставки, лудиот доктор е Франкештајн, а не чудовиштето. Чудовиштето се споменува само како „суштество“, „чудовиште“, „демон“ и „тоа“.
9. Мери зела дополнителна инспирација од замокот Франкештајн во Дармштад, Германија. Алхемичарот Џонан Конрад Дипел живеел таму во 17-тиот и 18-тиот век. Локалните легенди велеле дека тој експериментирал во замокот со човечки тела.
10. Кога Мери започнала со пишување на „Франкештајн“, имала само 19 години. Но, книгата била објавена во 1818 година, кога таа имала 21 година.
11. Бидејќи книгата „Франкештајн“ првично била објавена анонимно, многумина верувале дека била напишана од страна на Перси Шели. 5 години по нејзиното објавување, Мери ја објавила книгата под нејзиното име.
12. Иако денес се смета за класика, во минатото, книгата „Франкештајн“ не била пречекана со позитивни реакции. Една од реакциите била: „Ткиво на ужасна и одвратна апсурдност“.
13. Приказната што ние денес ја знаеме за „Франкештајн“, не е онаа што Шели првично ја создала. Таа ја менувала многупати, особено во 1832 година. Во верзијата која била напишана по смртта на Перси и нејзините два деца, д-р Франкештајн бил претставен помалку како човек со слободна волја, а повеќе како пион на судбината, како што Мери се гледала себеси во пресвртот на нејзините трагедии.
14. Иако таа е најпозната по својата приказна „Франкештајн“, Шели во нејзиниот краток живот објавила 7 романи, 3 книги за деца, дузина кратки приказни и поеми и неколку биографии.
15. Животот на Мери бил означен со трагедии. Само едно од нејзините 3 деца, Перси Флоренс Шели, доживеало возрасни години. Останатите починале во најрана возраст од маларија.
16. Перси, исто како и неговата прва сопруга, се удавил. Тој бил кремиран, но неговото срце одбило да гори, па Шели го зачувала заедно со неколкуте работи од нејзините починати деца. По нејзината смрт, кога нејзиниот син ја чистел нејзината работна маса, тој пронашол остатоци од срцето на Перси завиткано во една од неговите поеми, како и коса од нејзините мртви деца.
Прочитајте ги и овие 6 изненадувачки факти за Микеланџело.