Контакт со Сентинелците, најизолираното племе во светот
Светот е мистериозно место со многу различни култури. Но бидејќи денес сè е контролирано од технологијата, навистина е лесно да стапите во контакт со некој којшто е на кој било крај од светот. Сепак, сè уште постојат племиња кои не го поддржуваат и не го разбираат нашиот модерен начин на живот, па остануваат недопрени. И покрај сето ова, една човечка особина останува иста – желбата и потребата за истражување на непознатото.
Во 1991-ва година, една жена го направила невозможното – стапила во контакт со најизолираното племе во светот, племето Сентинелци. Мадхумала Чатопадхај ја водела најневеројатната експедиција, и тоа со една цел – да стапи во контакт со племето и да открие каков е животот на најизолираните луѓе кои се познати како агресивни и опасни. Во едно интервју таа изјавила:
„Ниту еднаш во текот 6-те години истражување на племињата на Андаманските Острови не ми се случило маж да се однесува лошо со мене. Племињата се можеби примитивни во технолошкиот напредок, но социјално се многу пред нас.“
Племето е лоцирано на Андаманските Острови во Индискиот Океан. Овде се наоѓаат и други племиња кои живеат релативно блиску едни до други, но нивната комуникација со модерниот свет е драстично поразлична. Племето Џарава е едно од најцивилизираните, додека Сентинелците се сметаат за најопасни и најизолирани.
Посетувањето на островот на Сентинелците не само што е опасно, туку е и нелегално. Поради бројните неуспешни обиди за контакт, власта во Индија одлучила да го остави племето на мир. Денес, посетата на островот може да биде смртоносна за племето бидејќи посетителите можат да донесат бројни бактерии и вируси на кои жителите не се имуни.
Неодамна, медиумите пишуваа за смртта на Џон Чау кој се обидел да дојде на територијата на Сентинелците. Овој обид резултирал со неговата трагична смрт и е доказ дека жителите не сакаат да се спријателуваат. Иако постои една успешна експедиција водена од господин Пандит за која знаат многумина, подвигот на Мадхумала ѝ е речиси непознат на јавноста.
Уште кога имала 12 години, Мадхумала сакала да ги запознае овие луѓе. Откако завршила училиште како најдобар ученик, почнала да учи антропологија на Универзитетот во Калкута. На нејзините родители им рекла дека факултетот ѝ е како пасош до едно од племињата на Андаманските Острови.
Мадхумала е една од малкуте луѓе кои успеале да се спријателат со Сентинелците, а нејзината тајна биле кокосите. Веднаш штом нејзиниот брод пристигнал на територијата на племето, секој од нејзиниот тим почнал да фрла кокоси за да покажат дека доаѓаат во мир. За кратко племето се приближило, па дури и почнале да ги собираат кокосите од водата. Набрзо потоа Мадхумала фрлила уште неколку кокоси и успеала да влезе во водата со жителите на племето. До денес ова се смета за еден од најуспешните контакти со Сентинелците. Оттогаш Мадхумала го посетила племето уште еднаш и овој пат тие се качиле и на бродот за да собираат кокоси.
Мадхумала ги посетила и другите племиња од островите, а најблискиот контакт ѝ бил со племето Џарава. Во 1991-ва година таа отишла на уште една експедиција и била единствената жена од надворешниот свет што го посетила племето Џарава. За да не го исплаши племето, таа останала на бродот, но набрзо потоа била забележана од жените на брегот. Почнале да ѝ довикуваат „Milale chera“ што во превод би значело „Пријателу, дојди овде“. Дури извеле и танц за да ја покажат нивната радост што забележале жена во тимот.
Откако ѝ се приближиле, жените од племето почнале да ги испитуваат кожата и косата на Мадхумала. Таа решила да прегрне една од жените, а тие со радост го прифатиле гестот.
Племето Џарава е едно од најпријателски настроените, па жените брзо ја прифатиле Мадхумала. Дури ѝ дозволиле да ги држи нивните деца и да им помага со обврските. Мадхумала е единствената личност која била поканета во нивните колиби, па дури и јадела со нив. Таа станала и лекар за да може да им помага кога се повредени.
Иако Мадхумала направила неверојатен напредок во контактирањето на најизолираното племе во светот, малку луѓе ја сметаат за најдобриот антрополог на сите времиња. Сега Мадхумала работи во министерство во Делхи и малкумина знаат за нејзиниот контакт со Сентинелците и племето Џарава.
Погледнете ги и овие неверојатни фотографии од племето Десана.