Трогателна исповед на Сања Боризовска: Сексуалното злоставување е како обид за убиство на телото и умот
Замислете си мало 4-годишно девојче кое расте во среќно семејство исполнето со родителска љубов и грижа. Тоа девојче се смее и си игра како и сите останати деца на таа возраст. Но, зад насмевката на малото девојче се крие една страшна траума која надворешниот свет не може ни да си ја замисли. Девојчето ја чува својата длабоко скриена тајна сѐ додека не наполни 18 години кога конечно решава да му стави крај на молкот. Крај на молчењето дека нејзиното кревко тело било константно злоупотребувано цели 2 години од страна на страшен сексуален предатор. „Молк… не повеќе!“, гласно извикува сега веќе возрасната девојка, која од жртва на педофилија се претворила во моќна хероина која преживеала обид за убиство врз нејзиното тело и ум. Тоа девојче има име и трогателна приказна која одлучува да му ја раскаже на светот. Сања Боризовска ја споделува нејзината потресна исповед со цел да ја подигне свеста за грозоморната вистина со која се соочуваат многу деца кои немаат кому да се обратат…
По преживеаната траума, единствената цел на Сања денес е да им помогне на сите деца и возрасни кои поминале низ истото ужасно искуство. Имено, таа е основач на првата македонска невладина организација што се залага за заштита на жртвите од педофилија – ОМНИС. ОМНИС најпрво започна со медиумската кампања „Молк…не повеќе!“ која ги мотивираше жртвите на педофилија да се отворат за своето искуство и да не страдаат во тишина. ОМНИС нуди целосна бесплатна, стручна психијатриска и правна помош за секоја од овие жртви, машки и женски, каде може своеволно да учествуваат во индивидуално или групно советување. Со други зборови, ќе имаат можност да наидат на целосно разбирање и поддршка од страна на организацијата при нивниот обид да го продолжат нормално својот живот и да ја намалат болката од тешката траума низ која поминале.
Оваа невладина организација како да се појави во вистински момент, со оглед на тоа што неодамна излегоа во јавност ужасни откритија дека многу девојчиња од домовите за деца без родители биле константно силувани и сексуално експлоатирани. Па, колку случаите на педофилија се чести во Македонија? Ретко се случува да прочитаме нешто во врска со тоа. Дали тоа значи дека се ретки или пак дека се прикриваат? Сања уште пред 10 години има слушнато дека самите вработени имале односи со девојчињата од домовите за згрижување и тоа претежно одбирајќи ги девојчињата од ромската заедница за да бидат сигурни дека нивниот злочин нема да биде лесно разоткриен.
„Еве, после повеќе од 10 години, јавноста се ужаснува од ваквиот случај и сѐ уште постои огромен проблем да се потегне кривична постапка. Еднаш дознав дека една еманципирана личност, избирала девојчиња од еден дом за бездомници за сексуални задоволства и отидов во полиција за да го пријавам случајот, но бев пречекана со ’Немаш доказ’. Откако го ризикував мојот живот, стапив во контакт со таа личност и го снимив неговиот глас додека се изживува врз девојчиња без родители, ми рекоа дека не сум смеела тоа да го правам. Бев револтирана и гневна! Затоа сега воопшто не сум изненадена од овој случај, туку сум изненадена од реакцијата на општеството, од реакцијата на сите македонски граѓани. Како можевте да не го видите тоа досега?! Не се институциите виновни! Ова е обврска на секој совесен родител, старател, пензионер, на секој македонски граѓанин. Ова е обврска на ОМНИС НВО, да се погрижи вакво нешто никогаш да не се случи во иднина“, цврсто верува Сања.
За да може да се искорени овој проблем, пред сѐ мора да научиме како да го препознаеме. За жал, тоа не е толку едноставно според Сања.
„Не постојат знаци кои се универзални кај секое дете и кои секој родител може да ги препознае, што значително го отежнува решението на овој проблем. Првиот чекор кој треба да се преземе е – информираност и едукација на целото општество како единка. Многу е важно родителите да се потрудат детето да не падне во раце на сексуален предатор, бидејќи доколку се случи тоа, веќе е доцна да се работи на заштита. Тогаш веќе станува збор за жртва, која доживеала траума што никогаш нема да ја заборави. Вториот чекор, кој е неопходен, е едукација на стручни лица, едукација на образовниот кадар, како и едуцирање и информирање на сите родители како да ги заштитат своите деца од ваков полов напад, кој може да се одвива во нивниот дом без да забележат.“
ОМНИС моментално пристапува кон кампања каде преку посебен, стручен пристап ќе се информираат дечињата за тоа како самите да се заштитат од сексуален предатор. Ова е првиот сериозен чекор кој ќе го преземе невладината организација и ќе биде реализиран во текот на пролетта. Дечињата и младите генерации мора да се заштитат од ваквиот грозоморен чин. Сексуалните предатори мора да бидат сопрени. Не смее да им се дозволи по стоти пат да се извлекуваат неказнето и да уништуваат човечки животи. Здраво, демократско општество не може да се гради на силувани и злоупотребувани деца и трауматизирани граѓани. Затоа, Сања порачува: „Молк… не повеќе!“