Да седам ил да се селам: Зошто младите од Македонија мечтаат за живот во странство?
„Ќе бегам од тука“ се зборовите што секој втор млад човек ги изговара кога зборува за неговите идни планови. „Ќе бегам“… Колку лошо звучи тоа „бегам“. Како да станува збор за затвор од каде што единствен спас е бегството. Како да се работи за безнадежно место во кое нема иднина и нема можности за напредок и развој. Па, дали е тоа точно? Дали навистина треба да побегнеме од нашата родна земја за да имаме среќен и исполнет живот?
Секако дека постојат млади кои не сакаат да живеат во странство, но некако се чини дека нивниот број е сѐ помал и помал. Сведоци сме на тоа дека далечината секојдневно ги разделува вљубените, ги отуѓува пријателите и ги остава домовите без некој член на семејството. Сите трагаат по среќата некаде во туѓина, надевајќи се дека ќе успеат и ќе им пружат подобар живот на нивните најблиски. Но, колкумина навистина успеваат?
Кога би требало да бирате помеѓу тоа да останете тука и да го работите она што го сакате за малку пари или да заминете во друга држава каде што ќе треба да работите нешто што не ви се допаѓа за 10 пати повисока плата, што би одбрале? Дали би заминале по секоја цена? Дали би ги оставиле сите ваши пријатели, семејството и сиот ваш живот само за да побегнете од Македонија? За жал, многумина би одговориле потврдно. Па, зошто младите толку лесно се откажуваат од својата земја? Кои се причините за тоа?
Животот во Македонија е далеку од совршен и иако сите земји ширум светот си имаат свои недостатоци, се чини дека сепак нудат повеќе можности за младите. Најголемиот проблем кај нас е тоа што младите многу тешко можат да се осамостојат и да станат независни од нивните родители. Платите што ги добиваат не се доволно високи за да можат да почнат да живеат сами, да плаќаат сметки, а притоа да си ги дозволат сите мали задоволства како што се излегувањата со пријателите, посетувањето курсеви, купувањето облека и кратките патувања. Тие би морале да се откажат од сите овие работи за да можат да се издржуваат сами или пак да основаат семејство, а сите знаеме дека тешко е да се направи таква жртва во 20-тите години од животот. Кога би живееле во странство, можеби би работеле во МекДоналдс, но барем би имале доволно пари за да си плаќаат кирија, да си купуваат што сакаат, па дури и да тргнат некој денар на страна.
Друга причина зошто младите не сакаат да живеат во Македонија е тоа што не се чувствуваат ценето. Сметаат дека нивниот труд и талент не се вреднуваат доволно и цврсто веруваат дека се обесправени. Многумина не можат да најдат работа по струка по завршувањето на студиите или пак работат многу, а заработуваат малку. Освен тоа, младите забележуваат дека постојано успеваат луѓе кои не се толку способни, само затоа што ги имаат потребните врски. Тоа ги фрустрира, го буди нивниот гнев и ги раѓа нивните комплекси, поради што никако не можат да се реализираат себеси и да постигнат личен развој. Животот во странство им дава надеж дека нивните квалитети конечно ќе бидат препознаени и ќе можат да дојдат до израз.
Освен тоа, во Македонија недостасуваат многу важни елементи кои се неопходен дел од секое здраво општество, а тоа се добро образование, функционален здравствен систем, стабилна политичка ситуација, богат културен живот и развиена еколошка свест. Постојано се воведуваат некакви промени за да се подобрат сите овие работи, но крајната цел сѐ уште ни делува недостижно. Земјите каде што сите овие сегменти, или барем дел од нив, функционираат беспрекорно, ја привлекуваат нашата младина и ѝ ветуваат подобар живот и поголеми шанси за успех.
Меѓутоа, како можеме да знаеме дали нашите очекувања ќе бидат исполнети кога ќе се преселиме во друга држава? Можеби животот нема да ни биде баш онаков каков што сме го замислувале, но дали тоа ќе нѐ премисли и ќе нѐ убеди дека треба да си се вратиме назад во татковината? За да го дознаеме тоа, најдобро е да се послужиме со информации од прва рака…
„Живеам во Холандија 1 година заедно со мојот партнер. Работата ми е тешка и напорна. Не го работам тоа што го сакам, но се обидувам полека да изградам кариера во областа што ме интересира, а тоа е фотографирањето. Не е воопшто лесно да се живее далеку од семејството и пријателите, но повеќе ми се допаѓа животот тука. Луѓето се многу културни, слободоумни и немаат никакви предрасуди.“ – Каролина, 29
„Завршив факултет во Данска и сега работам тука во одлични услови. Животот во оваа земја целосно ме промени. Ме натера да се преиспитам себеси и ме научи да уживам во сопственото друштво. Данска ме инспирираше да стекнам здрави навики и да го извлечам најдоброто од себе.“ – Андреј, 25
„Со сопругот живееме во Америка веќе 1 година и животот воопшто не е лесен. Морам да работам на 2 различни места за да се издржувам. Секако дека сум помислувала на тоа да се вратам назад, но сѐ уште не сум подготвена да се откажам. Во Македонија, сите мои пријатели беа околу мене, но сепак не бев среќна и исполнета. Немав никакви можности за успех. Тука можеби работам многу, но барем знам дека трудот ми се исплати.“ – Марија, 27
„Живеам во Кувајт и супер ми е. Работам во бутик и постојано запознавам нови луѓе, можам да си дозволам да патувам и да престојувам во скапи хотели. Секако дека ми недостасува Македонија, но не би се вратил назад засекогаш.“ – Горан, 28
„Работам и живеам во Дубаи и ужасно е! Ништо не е така како што си замислував! Животот е премногу скап и не можам ништо да си дозволам. Едвај успевам да платам кирија! Досадно ми е и ми недостасува друштвото. Дефинитивно се враќам дома во прва прилика.“ – Димитар, 26
Очигледно е дека сите луѓе имаат различни приказни и искуства со животот во странство. Излезот од Македонија не гарантира успех и среќа. Колку и да ви делуваат примамливо државите ширум светот, мора да запомните дека нема да постигнете ништо доколку не сте подготвени на жртви и напорна работа. Целите не се достигнуваат преку ноќ и парите не паѓаат од небо.
Каде и да сте, најважно е да се трудите и да не се откажувате од вашите соништа. Не дозволувајте да ве заслепи блесокот на материјалните богатства и сочувајте ги вашите морални вредности. Останете доследни на себеси и секогаш остварувајте го вашиот максимален потенцијал, без оглед на државата во којашто се наоѓате. И животот во Македонија може да биде убав, ако знаете како да живеете.
Но, дилемата и понатаму останува. Хамлет рекол „Да се биде или не“, а Македонецот го мачи прашањето „Да седам ил да се селам“. Можеби еден ден ќе се ослободиме од нашите сомнежи, а дотогаш не ни преостанува ништо друго освен да си „поѕенѕаме“ во ритамот на познатата „Should I Stay or Should I Go“.
a so treba da pravat vo macedonijata da veat znamina partiski dalepat plakati pred izbori i posle nema sega rabota zatebe ke pricekame uste malku i od cekanje ostarevme.od site gore komentari samo eden e nezadovolen i toa od dubai a drugite 500000 iljadi so se iselija
alooooo , gramatika….zasto ne si ucela koga trebalo…epa zaradi takvi kako tebe begaat site od MKD…
На што поточно се однесува забелешката Ненад?