Што се случува кога нарцисоидните личности ќе станат родители?
Сите постојано се прашуваат што да прават со нарцисоидните деца, но зошто никој никогаш не го поставува прашањето што се случува кога истите ќе станат родители? Денешните генерации сѐ повеќе веруваат дека секогаш го заслужуваат најдоброто и сѐ повеќе постојат нарцисоидни личности кои се одликуваат со недостаток на емпатија, придавање преголема важност на себе и постојана потреба за восхитување од околината. Во сржта на нарцисоидните личности е и суетата и алчноста.
Се разбира, секој човек на одреден начин е по малку нарцисоиден, што е сосема нормално. Но, проблемот настанува кога нарцизмот почнува да влијае и на работата и на меѓучовечките односи. Нарцисите веруваат дека се посебни и дека заслужуваат нешто подобро од останатите. Кога нарцизмот ќе стане одлика и на личноста во зрелите години од животот, се случува улогата на родител да стане извор на фрустрација. Децата не им го овозможуваат на нарцисите третманот кој тие го бараат, а таа „незаситна“ карактерна црта прави тие да реагираат на два начина. Едниот е сосема да изгубат интересирање за своите деца и обожавањето да почнат да го бараат на друга страна, а вториот е на своите деца да гледаат како на сопствен одраз и да почнуваат премногу да се внесуваат во улогата на родител така што прекумерно ќе ги контролираат.
Во двата случаи, нарцисоидниот родител е емоционално оддалечен и ладен. Нарцисоидните родители своите деца ги користат како средство за напредување. Успехот на нивното дете е причина тие да се чувствуваат добро, па таквото дете станува нивен „трофеј“. Овие родители имаат високи очекувања од нивните деца, постојано ги притискаат да бидат успешни во одредени спортови, да се запишат на врвни факултети и да остварат кариера која ќе им обезбеди висок статус. Тие веруваат дека нивните деца се посебни и дека заслужуваат посебни привилегии, па не прифаќаат ништо друго освен совршенство. Нарцисоидните родители на децата гледаат како на дел од себе, а кога нема да им бидат исполнети очекувањата, тие се отуѓуваат.
Децата не се во состојба да се справат со ладните и воздржани ставови на родителите. За да се чувствуваат сигурни, ним им е потребно да почувствуваат безусловна љубов. Од тоа зависи дали тие во понатамошниот живот ќе можат да воспоставуваат здрави односи со другите, како ќе гледаат на себе и како ќе реагираат на стресот. Кога во детството нема да се воспостави таа врска помеѓу родителот и детето, последиците ќе бидат доживотни.
Децата на нарцисоидните родители страдаат од низа психолошки проблеми. Тие се посклони кон депресија, анксиозност, недостаток на самоконтрола, нарушување во исхраната, ниска почит кон самите себеси, злоупотреба на хемиски супстанции и перфекционизам. На пример, Сара Шо е ќерка на нарцисоидна мајка на која најважно ѝ било како изгледа и дали има витка фигура. Од раната младост таа внимавала на нејзиниот изглед и ја подготвувала Сара да се омажи за богат маж. Кога Сара била тешко повредена во сообраќајна несреќа и завршила во болница борејќи се за живот, првата реакција на нејзината мајка била да повикаат фризер за да ѝ ја среди косата. Таа вели:
„Најстрашно од сѐ беше што помислив дека можеби мајка ми сега ќе ме сака, затоа што за малку ќе ме изгубеше.“
Тоа што родителите се опседнати со успехот и достигнувањата на нивните деца, не само што создава еден вид „натпревар“ помеѓу родителите, туку исто такво чувство создава и помеѓу децата. Повеќето кои западнуваат во замките на натпреварувањето се жртви чијшто успех се мери со оцени, изглед, богатство и статус. Дури и најдобронамерните родители се вовлечени во оваа игра, а со тоа ги изложуваат своите деца на ризик и самите тие да станат нарциси, затоа што од преголемата трка кон успехот не останува време кај нив да се развие сочувство и грижа за другите.
Ваквите родители на своите деца им купуваат најскапи телефони, им организираат раскошни роденденски забави, поради што и останатите деца почнуваат да ги сакаат истите работи. Така и другите родители тргнуваат по тие стапки и по одреден период сосема е нормално секое дете да има скап телефон, па нарцисоидните родители бараат начини да докажат дека нивните деца се подобри од останатите.
Појавата на нарцизмот не е нова – научниците неговите корени ги наоѓаат уште во индивидуализмот во 19-тиот век. Меѓутоа, технологијата денес прави тој да биде повеќе истакнат. Сега купувачите очекуваат секој производ да биде прилагоден по нивен вкус, а телевизиската програма според нивните интереси. Секој има можност да се чувствува посебен, а тоа е добра основа за развој на нарцизмот. Кога научниците од универзитетот Принстон го проучувале настанокот на нарцизмот кај децата, тие утврдиле дека во неговите корени се наоѓа преголемото придавање значење на децата од страна на родителите. Кога родителите им придаваат преголема важност на своите деца, тие почнуваат да го користат истиот став, а за ова најдобри се нарцисоидните личности.
Не постои едноставна формула со која може да се предвиди кој ќе стане нарцис или пак како детето ќе реагира на нарцисоидниот родител. Освен воспитувањето, важна е и улогата на генетиката и наследните особини на личноста. Според некои прелиминарни истражувања, помалку од половина деца на нарциси и самите стануваат такви, но за сега нема доволно податоци затоа што генерацијата на нарцисоидни родители допрва треба да биде темелно проучувана. Но, едно е сигурно, дека децата израснати од нарцисоидни родители ќе страдаат од несигурност и сомнежи во себе. Па, како ќе се одразува тоа?