Бременост по спонтан или намерен абортус: Кога е вистинското време за нов обид?
Што после абортирањето? Дали треба да се почека или веднаш да се продолжи со обидите за забременување е една од најтешките дилеми за жените кои доживеале несакан прекин на бременоста, но и за оние жени кои после намерниот прекин на бременоста подоцна сакаат да имаат деца. Токму денес ви одговараме на неколку прашања поврзани со оваа тема.
1. Се препорачува ли чекање одреден временски период пред следниот обид за бременост?
После абортусот потребно е слузницата на матката да заздрави, особено ако е направена киретажа (зафат со кој се струга слузницата), па се препорачува пред идната бременост да поминат најмалку 3 менструални циклуси, односно 3 месеци. Така се создаваат услови за поквалитетна имплантација на оплодената јајце клетка. Но, ако новата бременост настанала набрзо после киретажата, може да се случи јајцето да не се смести правилно во матката, а со тоа ќе го зголемите ризикот за спонтан абортус или тешкотии при породувањето.
2. Дали после спонтаниот абортус е зголемен ризикот за втор, следен абортус?
Еден спонтан абортус не значи дека ќе има нареден. Во поголемиот дел од случаите, после една неуспешна бременост, втората бременост е нормална. Но, киретажата сепак носи одредени ризици, без разлика дали се одвива после спонтан абортус, поради некои медицински причини или заради намерно прекинување на бременоста. После киретажата може да дојде до благо оштетување на јајцеводите, при кое жената не чувствува никакви потешкотии, но сепак е зголемен ризикот за вонматерична бременост. Последица од киретажата може да биде и ослабен врат на матката (тоа почесто се случува кај намерното прекинување на бременоста, кога вратот на матката е целосно затворен, а мора да се прошири за да се изврши зафатот), што може да ја зголеми шансата за спонтан абортус во следната бременост.
3. Потребно ли е после неуспешната бременост да се направат некои медицински прегледи пред жената повторно да се обиде да затрудни?
Секако дека мора да се направат прегледи, особено ако се случиле две неуспешни бремености по ред, бидејќи тогаш ризикот од повторен абортус е поголем за 30 до 40 проценти. Мора да се установи дали постои инфекција која можеби ги предизвикува спонтаните абортуси. Важно е да се преконтролираат и хормоните на тироидната жлезда, шеќерот во крвта и параметрите за згрутчување на крвта. Ако има сомнеж за малформација на матката, потребна е хистероскопија (детален преглед на матката однатре). Ако постои веројатност дека еден или двата родители имаат некоја хромозомска грешка, се спроведува хромозомско тестирање и советување со генетичар.
4. Ако жената поради медицински причини мора да ја прекине бременоста, дали е веројатно дека тоа ќе ѝ се случи и во наредната бременост?
Ако малформациите поради кои бременоста морала да биде прекината не биле поврзани со хромозомска грешка, може да се надева на нормална следна бременост. Секако, со зголемена лекарска контрола.
5. Некои жени после абортусот сакаат што побрзо повторно да забременат мислејќи дека така полесно ќе ја преболат претходната неуспешна бременост. Дали е препорачливо веднаш да се оди на втор обид за дете?
Освен што е потребно најмалку 3 месеци за телото да заздрави после абортусот, треба да се внимава како жената, нејзиниот партнер и семејство психолошки се соочуваат со тоа. Какво било форсирање може дополнително да ја влоши ситуацијата. Ако постои анксиозност и несигурност, пожелно е да се разговара со психолог. Најважно е жените да не се обесхрабрат, и во следната бременост да влезат плански, во соработка со докторите.
6. За намалување на ризикот од абортус, а зголемување на шансите за нормална бременост, дали се препорачува фолна киселина?
Да, пожелно е неколку месеци пред планирањето на бременоста да се започне да се зема фолна киселина во дози кои ги препорачал докторот. Фолната киселина докажано поволно влијае на развојот на бебето и ја спречува појавата на малформации како што се, на пример, расцепување на усните, непцата или ‘рбетот. Важни се и омега масните киселини за правилен развој на мозокот, па добар избор е медитеранската исхрана во која здравите маснотии се добиваат од рибата и маслиновото масло. Секако треба да престанете да пушите, да го избегнувате алкохолот и да се занимавате со умерени телесни активности според препораките од докторите.