Моден стил или сосема друга приказна: Знаете ли зошто невестите носат вел на нивната венчавка?
Сите ние слепо ги следиме традициите кои се врзани за венчавките, без навистина да го знаеме нивното потекло. Една од таквите традиции е и носењето вел на денот на венчавката. Потеклото на оваа традиција датира од времето на Римското Царство.
Тогаш, невестата од глава до пети била покриена со црвено платно кое го нарекувале „фламеум“, а целата на покривањето била таа да изгледа како да гори. Всушност, „запалената невеста“ на тој начин би требало да ги истера злите духови кои планирале да го уништат денот на нејзината венчавка.
Но, тогашните долги платна и венчаници имале уште една цел, а тоа е да го отежнат бегството на невестата.
Како што поминувале вековите, така велот имал различни задачи. Кога биле во прашање договорените бракови, невестата морала да носи вел сè додека не биле договорени условите, бидејќи се стравувало дека ако младоженецот ја види идната сопруга пред договорот и таа не му се допадне, можел да го одбие склопувањето на бракот.
Статусен симбол
Исто така, во многу религии велот е знак на понизност и почитување на божествата во текот на религиската церемонија. Но, во Викторијанската доба велот станал статусен симбол. Тежината, должината и квалитетот на велот ја означувале материјалната состојба на невестата. Секако, невестите од кралските семејства имале најдолги велови и венчаници. Велот се користел и за да го замагли видот на невестата. Затоа до олтарот морал да ја следи нејзиниот татко или некој друг за да ја „предаде“ на идниот сопруг, бидејќи во спротивно самата многу веројатно не би успеала да го изоди тој пат без застанување или удирање во нешто.
И како за крај, според суеверието, кое е познато и денес, се смета дека лоша среќа ќе го следи заљубениот пар, ако младоженецот ја види невестата пред церемонијата, па затоа и таа се крие под својот вел.