Македонска поддршка на „Букстар“ 2016 – прв дел од научнофантастична трилогија

Македонска поддршка на „Букстар“ 2016 – прв дел од научнофантастична трилогија

Организацискиот тим на Фестивалот на европската книжевност „BookStar“со големо задоволство ја најавува промоцијата на дебитантскиот роман на младата македонска писателка Моника Трајковска, како дел од програмата Македонска поддршка. Утре, 4 ноември 2016 година, со почеток во 20 часот, во Јавна соба ќе биде промовиран првиот дел од научнофантастичната трилогија „Наследството на Вероника“ со наслов „На работ од времето“.

Македонска поддршка на „Букстар“ 2016 – прв дел од научнофантастична трилогија

Романот ќе го промовираат познатите „твитерџии“ и блогери Маја Стојчевска, Михајло Стојанов, Марија Андреева и Дејан Миноски. По промоцијата следува журка со оригинален гитарски перформанс на „Гитара пет“ и со ДЏ сет на  Ж’ба Autmind.

Возбудливиот прв дел од научнофантастичната трилогија „Наследството на Вероника“ ве воведува во Новиот Почеток, совршениот свет од иднината, во кој не постојат неизлечиви болести, сиромаштија, криминал, војна… или барем навидум е така. Животот на Вероника е мошне едноставен. Таа се буди, појадува, чита книги, руча, повторно чита, вечера и легнува да спие. Нејзините родители поголемиот дел од денот се на работа, а бидејќи нејзиното постоење е тајна и таа не смее да излезе од дома, ги гледа само за време на појадокот и на вечерата. Оваа рутина трае сè додека еден ден тие нема да се вратат од работа. Токму тогаш и започнува нејзината најголема авантура.

Таа ќе мора да го напушти домот што долго време ѝ бил безбеден „затвор“, а потоа и градот, за да ја заштити својата тајна. Надвор, во старите градови, за кои била учена дека веќе не се населени, таа запознава група луѓе што ќе ѝ го срушат сето знаење за животот на човештвото. Вероника ја запознава другата, темна страна на новиот свет, доживувајќи непредвидливи авантури и соочувајќи се со сето она што сè до нејзината деветнаесетта година било криено од неа. Сепак, ова патување не е безнадежно и Вероника открива дека поседува чудни моќи што од ден на ден сè повеќе учи да ги контролира. Таа конечно почнува да разбира зошто живеела скриена од целиот свет, но и дека нејзиното постоење е уште поголема мистерија…

Авторката на романот, Моника Трајковска, е родена на 26 мај 1989 година во Скопје. Уште од рана возраст покажува заинтересираност за човечкиот ум, па тоа ја води кон факултетот за психологија. По дипломирањето, сакајќи да дознае повеќе за однесувањето на луѓето, завршува и прв степен во областа на гешталт-психотерапијата. Смета дека целото искуство за време на студирањето ѝ помогнало при создавањето на ликовите од трилогијата „Наследството на Вероника“.

(1) Македонска поддршка на „Букстар“ 2016 – прв дел од научнофантастична трилогија

Денес 3 ноември, со почеток во 17 часот во ЕУ Инфо центар ќе се одржи и книжевната трибина „Нивната страна од (и)сторијата“. Модератор на трибината ќе биде Маријана Јанческа, а учесници, покрај гостинките Агата Тушињска од Полска и Есмахан Ајкол од Турција, се уште и: Александар Прокопиев, Соња Стојменска-Елзесер, Вини Пемова, Ана Василева, Ѓоко Здравески, Душко Крстевски и Огнена Никуљски.

Целта на оваа трибина е да ги осветли интимните приказни, оние што никогаш не доспеваат до официјалните верзии. Да му го врати говорот на обезгласениот. Но и да запраша: дали историјата градена по принципот на бриколаж може некако да влијае врз сегашноста? Ако се има предвид дека историјата е наративна и дека влијае врз примателот, се поставува прашањето: дали и белетристиката може да влијае врз сегашноста, а со тоа директно и врз историските текови?  Може ли писателот да биде медијатор помеѓу историјата и фикцијата? И колку е долг патот од осветител до просветител? Вулф еднаш изјави дека во поголемиот дел од историјата анонимниот беше жена. Дали треба да се сомеле историјата, да се пресоблече во ново руво за да се надмине женскиот молк? Супериорноста сама по себе подразбира превласт врз моќта на артикулираниот говор. Но што ако таа моќ ја земе во своја уста психологот на Џудит Шекспир? Што би ни раскажал/а?

И, конечно, главното прашање: мора ли прво да се раскаже нивната страна од сторијата за да добијат право на нивната страна од историјата?

Викендов на програмата е и проекцијата на филмот „Не сум таму“ (I’m not there) во рамките на филмската програма. Проекцијата е оваа сабота во Јавна соба од 14 часот, а модератори се Контракадар Скопје.

Фестивалот „BookStar“ е поддржан од Европската Унија, Министерството за култура на Република Македонија, Амбасадите на Кралството Холандија и на Република Полска. Логистичката поддршка е на Јавна соба.

Ве очекуваме во светот на уметноста од 24 октомври до 11 ноември.

Следете нè на: Facebook, Twitter, Instagram и YouTube.

Фестивалот  „BookStar“ се одржува со тенденција октомври и ноември секогаш да останат како месеци заокружени со црвено на книжевно-уметничкиот календар на македонските читатели. Фестивалот има интернационален карактер, па затоа и името на „Книжевни ѕвезди“ е во неговата англиска верзија, „BookStar“, алудирајќи на Европа и на ѕвездите што остануваат запишани на уметничкото небо. „BookStar“ има цел да ја негува уметноста во целост, со фокус поставен токму врз книжевноста.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Читај на раат!

Остави коментар